Интервју со Александар Прокопиев: Бунтовен ерудит без ароганција

Луцидниот писател, автор на кратка проза, и доктор по компаративна книжевност и теорија на книжевноста Александар Прокопиев, секогаш има некој повод за разговор, а средбата со него ја направивме пред почетокот на книжевниот фестивал „Проза Балкан“, кадешто тој веќе осум години е уметнички директор.

Последниве неколку недели постојано добивавме информации за некој нов потфат на Александар Прокопиев, како учество на конференција, награда за хаику, превод на книжевно дело. Иако негова вокација е да дава осврт кон делата на други книжевни автори, често и тој самиот е во центарот на интересот на книжевната фела. Според Јуриј Худолин, Александар Прокопиев e „посебен, интересен писател, кој разгледува најразлични теми, ерудит без ароганција и со интелектуален заплет на текстот. И токму затоа е автор за сите генерации“. Со Прокопиев секогаш е убаво да се направи разговор, а при нашата средба се обидовме да дофатиме повеќе различни теми.

Природно би било разговорот да го почнеме со фестивалот „Проза Балкан“, каде што веќе осма година си уметнички директор. Како ја чувствуваш таа функција?

– Се чувствувам многу солидарно, затоа што екипата е мала и компактна. Писателот Дејан Трајкоски е директор на фестивалот, со Ермис Лафазановски и Владимир Јанковски ги конципираме претставувањата на гостите и тркалезната маса. Книжевноста е индивидуална работа, но ние тимски работиме на фестивалот, кој од година во година се збогатува и со содржини и со квалитет. Годинава ќе имаме и музички концерт и филм снимен според книжевно дело, а со оглед на ситуацијата со коронавирусот го одбравме прекрасниот простор на Куршумли ан како локација во која ќе се случува фестивалот. Тоа е простор што има и мистичност и интимност, што сосема одговара на „Проза Балкан“.

Годиниве наназад фестивалот е составен од два исклучително важни сегменти – претставување на авторите од Балканот, како еден сегмент, а другиот е доаѓањето на издавачи од познати светски издавачки куќи. Како досега беше прифатена можноста домашните автори и издавачи да остварат средба со странските издавачи?

– Тој сегмент функционира мошне добро, но зависи од самите издавачи и автори. Досега дојдоа многу познати издавачи и се направија повеќе проекти. Одделни автори веќе се објавени за англиското говорно подрачје, а паралелно и за балканските простори. Странските издавачи веќе имаат увид што се случува во македонската литература, а со средби и дружења се воспоставуваат многу нови контакти. Тоа е многу важен сегмент и, би рекол, неодвоив дел од „Проза Балкан“, зашто фестивалот не е само афирмација и запознавање со познати автори од Балканот, туку и вмрежување на македонската литература во контекст што е поширок и подобар за нејзино понатамошно претставување надвор од нашите граници.

Што се однесува до балканските контакти, во јуни учествуваше на видеоконференцијата „Белградски контрапункт 2020“ на покана на филмскиот режисер Емир Кустурица. Како се случи да ја добиеш поканата за учество?

– Едноставно кажано, уметниците, не само писателите, туку креативците што се занимаваат со творештво се познаваат меѓусебно. Тоа сум го кажал многупати, дека сите ги гледам како да сме од иста улица, независно дали некој е Словенец, Хрват, Србин или Бугарин, со сите нив контактирам и творечки и човечки. Поканата за учество на конференцијата ми стигна преку Кустурица, а во целата работа мене најнеобичен ми беше онлајн-форматот и сите тие технолошки подготовки. Конференцијата траеше прилично долго, околу четири часа, но тоа што ме изненади е објавата на печатена публикација која со помош на „Политика“ имаше голем тираж.

Самата конференција во насловот содржи контрапункт, бидејќи темата е дадена, но сѐ е можно – и дискусија и спротивставеност и секој си ја аргументира својата индивидуална позиција. Годинава темата беше за митот и уметноста. Митот, особено кај балканските народи, во која било форма може да даде ефектни резултати, но може да даде и негативни реакции, ако се користи како аргумент за националистички или други намери.

На што беше фокусирано твоето излагање на конференцијата?

– Стануваше збор за многу непосреден разговор меѓу учесниците на конференцијата. Почна со тези што значи митот на Балканот, а се разви во многу насоки, вклучувајќи ја и актуелната ситуација со коронавирусот, местото на уметникот во општеството, односот на уметникот кон власта, можностите на уметничкото дело да се измолкне од разните политички или национални репресии, односот кон консументите и дефинирање добар читател, позицијата на публиката и нејзиното коавторство со консумирањето на делото и многу други интересни теми. Конференцијата не беше натпревар, туку беше пријатен и аргументиран разговор на темите на денешнината.

Движењето е иманентно на личноста на Александар Прокопиев и затоа често го гледаме на велосипед

На творечки план често објавуваме информации за некој твој нов книжевен подвиг. Неодамна доби и награда на голем меѓународен конкурс за хаику. Како се одвиваат работите на тој план?

– Во еден период многу пишував хаику, дури и објавив неколку книшки. Тој жанр е глобален. Многу луѓе, добри писатели, но и луѓе од други професии пишуваат добар хаику. Тој жанр ми овозможи многу убави работи, да отидам во Јапонија, да се запознаам со необични личности, да сретнам некои откачени типови што живеат на маргините на општеството. Во врска со најновата награда ми се јави еден пријател да ми каже да учествувам на конкурсот, бидејќи одамна не сум пишувал хаику. Последната серија хаику ја создадов летово во Охрид, бидејќи Охрид е моето прибежиште. Кога ми јавија за наградата, радоста беше голема.

Во творештвото по својата суштина и егзистенција, дури кога го гледаш и индивидуално, може конкретно дело да биде актуелно само во еден миг, но во него да се собрани и твојот минат живот и тоа што ќе биде во иднина. Како творец едноставно протечуваш низ делото и ако има дослух и се најдат твои соучесници, тогаш едноставно делото си живее за себе, а авторот е само негов проводник.

Неодамна твојата збирка раскази „Делфинот“ беше преведена на словенечки јазик. Има ли некаква закономерност кога и каде некое дело ќе биде преведено?

– Предлозите за превод најчесто доаѓаат од читатели. Во нашиот случај важни се читателите кои се од книжевните кругови, а го знаат и македонскиот јазик. Збирката раскази „Делфинот“ многу брзо ќе излезе и во Хрватска благодарение на човек што таму предава македонска литература и кој веќе ги преведува расказите. Во Словенија преводот се случи благодарение на Намита и на Тим Сенчар, кои ја следат македонската литература. Во книжевните кругови често разговараме на оваа тема и мојот став е дека со мала помош на пријателите, делото ќе си ги најде патиштата.

За делото да биде преведено прво треба да биде создадено. Минатата година беше дел од Комисијата за издаваштво при Министерството за култура и беше еден од тие што одлучуваа кои книги ќе бидат поддржани на годишниот конкурс. Какви искуства стекна со таа работа?

– Најискрено кажано, такво искуство досега не сум имал во однос на тоа дека, можеби, не ме бива за тој тип функции, кои се сосема поинакви од жирирање анонимни конкурси. Долго време сум во комисијата за избор на расказ на конкурсот на „Нова Македонија“, каде што текстовите се пријавуваат под шифра и најважна е вредноста на напишаното. Со членувањето во комисијата при Министерството за култура одеднаш влегов во една функција во која до крај се борев и постојано ме чекаа некои изненадувања, и тоа изненадувања во смисла дека некои дела што ги поддржуваш и автори што знаеш дека се добри, по разни механизми или ги снемува од списокот или добиваат помалку од побараните средства. Со еден збор, тоа е постојана борба.

Сега кога ме прашуваат дали повторно би бил во комисијата, им одговарам дека доста ми беше. Тоа е еден многу чуден спој на политика и уметност, а во комисијата тоа е на буквален начин и човек мора многу да се бори за да задржи некаква своја автентичност и на крајот пак да биде незадоволен. Затоа велам дека доста ми беше. Сега сакам да продолжам со креативни проекти и ќе конкурирам како автор.

Твојот книжевен израз е препознатлив, често е базиран на кратки раскази, цртички, сценарија за кратки филмови, го спомнавме и хаикуто. Некогаш си направил обид за подолга форма, роман или слично?

– Имам новели, како „Ѕиркачот“. Сега ми стана интересно, особено кога сите бевме ставени во карантин и бевме принудени да бидеме во некој вид куќно ропство. Мене движењето ми е иманентно, возам велосипед, одам пеш, а автомобилот ми служи само кога патувам надвор од Скопје. Во времето на карантинот бев принуден да почнам да смислувам нешто и напишав нешто што личи на детективски научнофантастичен роман. На некои мои пријатели им се допадна напишаното, меѓутоа кога заврши карантинот го оставив на половина. Сега најверојатно ќе чекам нов полициски час за да го довршам.

За пишувањето романи треба еден друг тип на карактер. На пример, мојот пријател Ермис Лафазановски е типичен романсиер. Пишува добри раскази, но романот е негово поле. Знам како Ермис ги создава романите и гледам дека тоа не е мојот темперамент. Но како читател љубител сум на романи, и на прозата воопшто. Поезијата е сфера во која можам да бидам обожавател и читател, но не и поет. Хаикуто не е поезија, туку е миг на ментално чистење, глетка. Прозата ја сакам како жанр во сите форми.

Секој автор со себе и во своите дела го носи времето во кое живее. Би можел ли да направиш некаква елипса на времето сегашно со она кога се дружеше и соработуваше со „Идоли“?

– Можам да кажам дека сум имал среќа. На моите најблиски често им кажувам дека политички сум немирен дух. Во некоја политика, а особено во културната политика ме привлекуваат проекти и конкретни работи. Не сум партиски човек. Имав среќа што мојот период на растење се совпадна со десет години живеење во Белград, а потоа и две години во Париз. За уште поголема среќа тогашниот Белград и тогашниот Париз беа во нивните најубави периоди и навистина многу ме нахранија и ми пружија многу инспирација. Она што, можеби, тој неповторлив дух на креативен бунт постоеше и со новата рок-сцена и со новата литература, и со театарот, а тогаш почна и постмодернизмот, се изразуваше низ една ненаметната интермедијалност што се случуваше со дружење.

Ќе ви откријам дека Влада Дивљан беше извонреден читател, беше човек со страшен обзор на љубопитност и знаење. Тоа беше позадината што во тоа време нѐ спои. Тоа беше едно прекрасно време. Ако сега се навратам на тоа време ми станува јасно дека беше време на бунт, беше крај на еден политички систем и сите ние во некоја наша авангарда се чувствувавме како предвесници на ново доба. Секако, не можевме да претпоставиме како потоа работите ќе се развиваат, но старите структури беа предизвик да создаваме интересни уметнички проекти.

Бидејќи влегуваш во пензионерската доба, имаш ли идеја што би правел понатаму?

– Пензионирањето ми е многу необичен момент затоа што не ги делев работите на до пензија и потоа, едноставно затоа што тоа не го чувствувам како некаква граница. Имав и одличен колектив во Институтот за македонска литература. Работев со интересни и творечки луѓе од сите генерации. Постојано нешто смислуваме, се дружиме. Тие ќе ми недостасуваат. Ќе ми недостасуваат и моите студенти, но постои можност да ги задржам моите постдипломци и понатаму. Од друга страна, пензијата ќе ми овозможи поголема слобода во однос на времето без да мислам на многубројните работни обврски што ги носи секојдневјето.

„Проза Балкан“ со врвни автори

Врвни писатели од регионот, како и наши автори ќе бидат гости на 8. Интернационален литературен фестивал „Проза Балкан“, што ќе се одржи од 14 до 17 септември на повеќе локации во Скопје. Авторите Мухарем Баздуљ, Угљеша Шајтинац, Маја Солар, Магдалена Блажевиќ, Калина Малеска и Елизабета Баковска ќе бидат присутни на настаните во Скопје, додека Анте Томиќ, Миљенко Јерговиќ и Дамир Каракаш ќе им се придружат со видеоврска.

Годинашен лауреат на наградата за авторски придонес во балканската книжевност е големиот Исмаил Кадаре, кој ја прими наградата „Прозарт“ пролетта во Франција. На првата вечер на фестивалот ќе биде промовирана и новата книга „Срчки“ на Бранислав Николов (Пијан славеј). За делата на гостите ќе зборуваат Александар Прокопиев (уметнички директор), Ермис Лафазановски (претседател на Одборот за доделување на наградата „Прозарт“) и Владимир Јанковски.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 48, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 12-13 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот