Интервју со Александар Ношпал, костимограф и моден дизајнер: Балетскиот костим е врв во креирањето облека 

Од мали нозе е посветен на модниот дизајн, подоцна се специјализираше по висока мода, дипломираше на универзитетот ЕСМОД во Париз, во 1995 година, како најдобар студент на генерација. Магистерската диплома по моден маркетинг и менаџмент ја стекнал во Лондон.

Во Париз работел како асистент моден дизајнер во модната куќа „Гре“, во Македонија – во сопственото атеље „Ношпал“, а беше уметнички директор на некои македонски брендови од висока мода, дизајнер на различни корпоративни публикации, дизајнер и промотор на низа хуманитарни проекти, универзитетски професор по моден дизајн и костимографија.

Двапати беше декан на Факултетот за дизајн и мултимедија во Скопје, но и во Подгорица. Како театарски костимограф и сценограф, дебитирал во 1998 година во Скопје, со две претстави  реализирани речиси напоредно, бајката „Убавицата и ѕверот“ и  радикален танцов проект „Храбриот нов свет“.

Првата меѓународна награда за костимографија ја добил токму за „Убавицата и ѕверот“, инаку најизведуваната претстава во историјата на македонскиот театар, со над 350 изведби, која цели 25 години се игра во истите премиерни костими, кои  авторот инцидентно и децентно ги репарира.

Меѓу 1998 и 2020 година, македонскиот костимограф, моден дизајнер и професор Александар Ношпал има реализирано точно 70 театарски костимографии, сметајќи го и најновиот „Силенцио“, во престижниот руски театар „Бољшој“.

„Силентиум“ е нашиот визуелен уметнички крик за нашата емотивна состојба во една ваква пандемиска состојба, гласот на уметноста во борба против биолошкиот непријател.

На 10 септември се случи премиерата на „Силентиум“ во престижниот московски театар „Бољшој“, а врвните балерини и балетани на сцената беа облечени во костими кои ти ги дизајнираше. Како се случи оваа соработка?

– Работата на проектот „Силентиум“ е плод на една прекрасна професионална врска со кореографот Мартин Шекс, со кој соработувам во последните години многу често. Мартин е всушност ученик на Париската балетска школа, што дополнително е причина за нашата колаборација, токму поради моето образование што го завршив во Париз, град кој ме профилираше не само како професионалец, туку и како личност. Дирекцијата на „Бољшој“ театарот го покани Мартин пред околу три-четири месеци, токму поради неговиот неокласичен и уникатен јазик на кореграфирање, со уште тројца други современи кореографи, да биде дел од една работилница, која требаше да започне во јули и да заврши во август, а имаше за цел да ги одржи во форма врвните балетски уметници на оваа престижна институција за време на пандемијата, која длабоко го погоди театарскиот свет. Но, како што тоа се случува во ваквите врвни храмови на уметноста, самите уметници, во потребата за она што го нарекуваме „сцена и уметничка афирмација“ успеаја да издејствуваат оваа работилница да прерасне во прва постковидна балетска премиера во светот. Потврдата дека треба да дизајнирам костими за неговиот дел од претставата ја добив во средината на јули. Краток период за работа, уште поголем проблем дека за првпат не можам да работам во живо, за првпат во мојата кариера. Но уметноста не познава граници: со сите физички препреки што ги имавме успеавме да го создадеме ова уникатно балетско дело и да докажеме дека ништо не може да ја препречи нашата желба и потреба да креираме уметност. Резултатот е она што на 10 септември оваа година го добивме: „Силентиум“ е нашиот визуелен уметнички крик за нашата емотивна состојба во една ваква пандемиска состојба, гласот на уметноста во борба против биолошкиот непријател. А делото на крајот го круниса и неверојатната балетска техника и мајсторија на познатата Светлана Закхарова, балерина која е носител на главната улога и воедно уметник кој дефинитивно ќе остане запишан меѓу најдобрите во аналите на светската балетска уметност.

Премиерата излезе и без мене, но тоа не е воопшто значајно: за мене зборувале и зборуваат моите дела.

За жал, поради коронакризата, не беше присутен на настанот. Како се чувствуваше во тие моменти? Имаше ли кој да ти ја долови атмосферата оттаму? Какви беа реакциите?

– Како што напоменав, за првпат во мојата кариера се случи да работам костимографија на далечина од 2.600 километри, и да не можам физички да ги допрам своите костими, или пак да се поклонам на сцената како дел од авторскиот тим на претставата. Тоа значеше дека морав да најдам неверојатни решенија и методи на работа за да ги објаснам технички костимите и нивната изработка. Но, благодарение на мојата долга кариера во театарот, и мојата посебна љубов и посветеност на изработката на балетскиот костим ми помогна да го совладам овој проблем. Целиот процес беше многу интересен, но и тежок, но благодарение на истрајноста и вербата на Мартин во мене како негов соработник, а воедно и на врвната професионалност и искуство на работилниците за костими на „Бољшој“ успеав да ја совладам и оваа препрека. Со постојана секојдневна комуникација и јасно нагласена техника на изработка – што е мојата јака страна – настанаа овие костими. Премиерата излезе и без мене, но тоа не е воопшто значајно: за мене зборувале и зборуваат моите дела. Тие ме карактеризираат како уметник и професионалец. Тие се оние кои му дадоа на „Силентиум“ една драматургија и вистинска симболика. Не успеав да ја гледам премиерата. Успеав да ја видам снимката. И успеав да го почувствувам бескрајниот аплауз и воодушевување на публиката. А за мене тоа е доволно.

Од 1998 година си во театарот како костимограф, поточно во театрите низ светот, тоа се цели 22 години професионално изразување, но и искуство. Колку уметнички се созрева на самиот „терен“, а кои пак беа мајсторите кои имаа некакво влијание врз твојата работа и зошто?

– Искуството е најбитната работа во оваа професија. Или како што им зборував на моите студенти кога бев професор: не можеме да ги прескокнуваме скалите во оваа професија. Секое прескокнување на една скала значи испуштање и заобиколување на едно искуство, кое може да биде фатално подоцна. Мојата професија ја карактеризираа долготрајна и макотрпна работа, голема посветеност и акумулирање на големо техничко искуство. Тоа не се постигнува преку ноќ. А и вистинските работи и дела, односно големите проекти е најубаво да се случат токму кога ќе се почувствувате подготвен. Вие сте диригентот на една голема група од професионалци во оваа професија: кројачи, шивачки, чевлари, модисти (шапкари), сликари итн… тие работат по ваши инструкции, го имплементираат своето акумулирано знаење, но во моменти на грешка или проблем вие мора да го дадете решението. И тука ја освојувате уште повеќе нивната почит. Колкупати си имам кажано дека сето ова да ми се случеше порано, немаше да биде успешна приказна. Се случи кога бев доволно спремен да ја преземам одговорноста. И бескрајно сум благодарен и среќен за тоа.

Лебедово Езеро, Лајпциг

Претпоставувам дека дизајнирање на костими е знаење, специфична техничка моќ, и е поразлично од модата. Можеш ли да ни ја доловиш од твој агол, преку твојата работа, разликата во дизајнирање на костим и модно парче облека?

– И двете професии подеднакво ја бараат истата професионална подготовка и се предизвици сами по себе. Разликата е во нивната намена: модниот дизајн се занимава со креирање облека што ќе го окарактеризира човекот и неговото постоење во одреден временски период и општествени услови. Костимографијата е онаа што раскажува приказна и останува на сцената и е дел од една поинаква историја. Од сето ова сепак би го издвоил креирањето на балетскиот костим, кој покрај својата уметничка естетика и драматуршка подлога е директно поврзана со движењето на телото. Тоа бара посебна и исклучителна подготовка и искуство: од изборот на материјали до креирањето на форми и украсни елементи, до исклучителна техничка подготвеност и знаење. Балетскиот костим за мене е врвот на изработката и креирањето облека. И токму затоа балетските костимографи можат да се избројат на прсти во светски рамки, а воедно и најголема привилегија на врвните модни дизајнери е да работат костими за балет. Тоа го направиле многу од нив, за мене најуспешни во тоа биле Александар Мекквин, Ирис ван Херпен, Рикардо Тиши, Вивиен Вествуд, Валентино, Марија Грација Кјури…

Оревокршачка, Лајпциг

Ношпал: Балетскиот костим за мене е врвот на изработката и креирањето облека. И токму затоа балетските костимографи во светски рамки можат да се избројат на прсти.

Како гледаш на новата нормалност, која сигурно барем просторно те стесни? Во кој поглед коронакризата те прошири во однос на размислувањата, креативноста, па и фантазијата?

– Пандемијата ми го промени начинот на кој се перцепирав себеси како човек и уметник. Ми ги отвори очите да погледнам околу себе, да ја сфатам вредност на моите пријатели, нивната бескомпромисна пожртвуваност кон мене. Ми помогна реално да го исперцепирам општеството во кое живеам, неговата ниска вредност, нашиот егоизам и незаинтересираност да направиме подобро утре… трката за пари, моќ и власт… неадекватното раководење со државата и неспремноста да бидеме дел од еден систем, кој одамна го изгубивме… систем на опшествена одговорност. Но воедно ми помогна да го сфатам моето место во светот и светската уметност… таму каде што реално припаѓам, и да ја сфатам непроценливата вредност на моите блиски пријатели, најголемото богатство што го поседувам.

Што според тебе се менува во модниот свет и ќе се менува по коронакризата? Што научи модниот свет од оваа криза?

– Модниот свет научи дека треба да се позанимава со суштината на неговото постоење. Модниот свет научи дека тој не е база неопходна за опстојување на човештвото, туку надградба. Модниот свет научи дека треба да ги преиспита своите цели и вредности… и да се посвети повеќе на артизаналното. Во трка за пари и доминација, уметниците дизајнери станаа марионети во рацете на моќните бизнисмени, а и поимот моден дизајнер се измести и се помеша со поимот стилист… доволно е денес да сте поврзан и влијателен на социјалните мрежи и тоа го профилира местото на дизајнерот во модата…, се заборави техниката, макотрпната работа и генијалност. Но полека се враќаме кон старите вредности и тоа е најголемата придобивка во модата.

Што е прво на твојата листа што ќе го направиш штом се отворат границите и театрите?

– Да патувам. За прв пат после многу време сум затворен во еден мал географски простор и тоа ме полудува. Минатата година во осум месеци работев на девет проекти. Тоа ме правеше среќен… не само работата, туку и патувањето, запознавањето на нови луѓе и простори. Тоа е суштината на моето постоење и на тоа што сум јас како човек.

Петнаесет години по твојата последна „реди ту вер“ (ready to wear) колекција за македонската модна марка „Кара“, за време на домашната изолација како пркос се појави твојата женска колекција во соработка со онлајн-продавницата Митра. Што се промени во пристапот на дизајнирање на ваков вид колекција за жени оттогаш до сега?

– Ношпал Митра лимитирана серија дојде во еден суштински момент како моја реакција на целата состојба. Во време на пандемија и економска криза, оваа колекција му понуди на конзументот  производ достапен во цена, a со дизајнерски допир и со извонреден квалитет. Домашен производ кој помогна на многу мали бизниси во државата да се одржат. Понуди удобност, дизајн и општествена одговорност. Оваа колекција беше мојот глас и одговор на сето она што го мислам за моменталната ситуација во модата и општеството.

Од мали нозе го покажуваше својот извонреден талент кон модниот дизајн, сликајќи цртежи на кои се претставени екстравагантни жени во уште поекстравагантни креации. Престојувајќи во европските метрополи го истенчуваше вкусот, па сакам да те прашам колку и дали македонската жена денес знае да биде елегантна, екстравагантна?

– Секако дека знае, иако станува сѐ поголема реткост. Познавам Македонки, дел од нив се и мои пријателки, кои имаат извонреден вкус, стил и чувство за естетика, а не подлегнуваат на сè поголемиот наплив на кич и шунд маскултурата и турбофолкот.

Што ѝ недостига на македонската модна сцена?   

– Многу работи…. А многу се постигнаа… Но таа е во директна релација со тоа што се случува во нашето општество на секое ниво… а тоа е посебна тема на разговор, која бара уште многу страници.

Само ќе кажам дека овде постојат извонредни модни креатори, иако можеби не во голем број: неверојатни креативци, мои колеги кои секојдневно се борат со предизвиците на оваа средина. И длабоко им се поклонувам за тоа. Тие се моите херои на нашата уметност на нашето време.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот