ИНТЕРВЈУ | Магдалена Веселиноска, директорка на ЦСР Тетово: Во касата вратив 120 илјади евра пари на граѓаните, исплаќани незаконски
Се водат дисциплински и други постапки, а во исто време, јавно Веселиноска е обвинувана дека таа во 2021 година добила туѓа нега без да ѝ следува. Но, директорката тврди дека ваквата хајка е инструирана токму од тие што таа ги пријавила во полиција и во Обвинителството, а туѓата нега ја добила зашто ѝ следува и откако ги исполнила условите.
Деновиве медиумски сте изложена, со обвинувања дека сте примале надоместок за туѓа нега и дека сте зеле четири месеци „гратис“ исплати. Дали е точно дека исплатата на туѓата нега треба да почне од месецот на добивањето на позитивното мислење од лекарите, или е точно дека треба да почне од денот на поднесувањето на барањето? Со други зборови, какви се деталните околности за вашиот предмет и дали е точно дека истиот не може да се најде во списите на Центарот за социјални работи, односно дека е украден? Како е тоа возможно? Дали вашиот предмет за туѓата нега е ревидиран внатрешно или надворешно и каков е исходот? Дали има нешто законски спорно, во тоа социјален работник кој работи во ЦСР Тетово, како што сте биле вие во тој период, да добива надоместок за туѓа нега?
Препорачано
-
1
-
2
-
3
-Не е точно дека четири месеци сум примала „гратис“ надоместок за помош и нега од друго лице. Овој надоместок се остварува од денот на поднесеното барање како што е уредено во членот 271 од Законот за социјална заштита.
Предметот се решава во Центарот откако ќе се добие наод, оценка и мислење од стручна комисија а на тој документ има потпис од тројца специјалисти од здравствена установа во терциерното здравство. Значи, прво се закажува преку „Мој термин“ терминот за оваа комисија, се оди на комисија, па се добива наодот.
Наодот може да биде доставен во Центарот за социјални работи после една недела, па дури и после еден месец од прегледот. Тој наод може да содржи недостаток, на пример да фали еден потпис од лекар.
Таквите наоди ЦСР Тетово ги враќа назад до Комисијата, да ги доуреди, а со тоа процедурата станува подолга. За мојот предмет, кога користев туѓа нега, тоа мое право го остварив комплетно законски.
Тогаш работев како социјален работник во ЦСР Тетово. Решението го има потпишано овластен раководител. Кога би имало нешто спорно, тогаш раководителот не би ја одобрил одлуката. Конкретно, во нашиот внатрешен електронски софтвер за исплати СПИЛ, внесено е дека стручно лице постапувало за мојот предмет, а контролата и одобрувањето на одлуката ја извршил овластениот раководител во тој период А.Х. Директорка на ЦСР Тетово сум од септември 2024 година. Откако медиумски бев нападната дека сум примала туѓа нега, наводно незаконски, што ќе повторам е невистина – побарав стручните лица што во тој период постапувале за предметот да го најдат.
Но, со оглед на тоа што не го пронајдоа предметот, ќе поднесам кривична пријава за злоупотреба на службената должност во СВР Тетово, за што сметам дека полициските службеници најодговорно и во најбрз можен рок ќе постапат по мојата пријава. Предметот за мојата „туѓа нега“ е во надлежност на вработени одговорни за тоа право.
Во електронскиот систем за парични трансфери постои моето електронско досие како и на сите други лица, и од истиот софтвер може да се утврди како течела целата постапка. Овој предмет откако сум директорка не бил предмет на инспекциски надзор, а за претходно кога бев само социјален работник не можам да знам.
Како и секој друг граѓанин, и јас доколку исполнувам услови, можам и ми следува да користам права од областа на социјалната и детската заштита. А во Центарот има овластено раководители и стручни лица за потпишување на овие правни акти.
Во изминатиот период „Слободен печат“ пишуваше за случај во Центарот за социјални работи Тетово, каде социјална работничка со три децении стаж го тужела раководителот за мобинг, но изгубила на суд. Предметот е во постапка на жалба. Но, во него имаше наводи дека социјалната работничка паднала во несвест на работа во Центарот, а имаше и обвинувања дека била погрдно нарекувана од раководителот со зборовите „мајмунке, вештерке, шпиунке“. Дали овој човек уште работи во Центарот за социјални работи Тетово и каков е неговиот статус?
-Точно е дека социјална работничка го тужеше раководителот за мобинг. Предметот е во жалбена постапка но сè уште не е решен од Апелациониот суд Гостивар. Имено, вработениот со решение е раководител на служба, но му се одземени ингеренциите за потпис на сите правни акти што произлегуват од службата заради несовесно работење во службата кое го признал во ОЈО Тетово. На истиот му е дадено и задолжение за работа кое го одбива и поради тоа има дисциплински мерки, опомени.
Дали истражните органи (МВР и Обвинителството) изминатиот период откако сте директорка, имале свои истражни активности во Центарот за социјални работи Тетово поради сомнежи за извршени кривични дела? На какви незаконитости се однесуваат овие истраги секоја засебно и дали се работи за државни пари доделувани незаконски?
-Министерството за труд и социјална политика уште во периодот пред да бидам директорка, поднесе пријава до финансиската полиција за констатирани злоупотреби при исплатата на социјалните пензии. Откако сум директорка на ЦСР Тетово дополнително имам констатирано злоупотреби во користењето на правата на социјална сигурност на старите лица со ретроактивни исплати и без исполнување на условот за користење на тоа право.
Злоупотреби најдов и за правото за помош и нега од друго лице и за сите овие злоупотреби поднесов кривична пријава до МВР и овие постапки уште се во тек. Истражните органи постапуваат и за сомнежи за злоупотреба при исплатите на надоместок за попреченост. Точно е дека се злоупотребени буџетски средства и токму од тие причини се поведени кривичните постапки пред надлежните институции.
Каков е епилогот во моментов од тие истражни дејствија, во смисла на тоа колку пари се вратени во касата на ЦСР Тетово, а биле доделувани надвор од законските рамки?
-Откако сум именувана за в.д. директор на Центарот, во буџетот се вратени пари во износ од над 120 илјади евра неосновано исплатени средства на корисниците на право за социјална сигурност на старите лица и други права. Ова е во рамките на редовното работење на ЦСР Тетово согласно законот. А доколку се констатира неоснована исплата на корисник по вина на вработен, ќе се покрене постапка за враќање на парите поради одговорност за сторена материјална штета со намера или со крајно невнимание.
Има ли некој што заработил отказ поради доделувањето на овие средства на правно неиздржани темели, односно без апликантите да ги исполнуваат условите? Колку дисциплински постапки се водени за оваа проблематика?
-Во 2025 година еден вработен доби отказ поради сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и за „злосторничко здружување“. Во тек е постапка за друг вработен за истото кривично дело и во зависност од исходот на покренатите кривични постапки кои уште се во тек, дополнително ќе се одлучи за евентуален престанок на работен однос на вработените опфатени во кривичните постапки ако се докаже вина во нивното постапување.
Знаејќи го сето ова, како ја оценувате состојбата во целост во ЦСР Тетово, од кадровски аспект. Дали во Центарот има состојба на своевидна „воинственост“ меѓу оние коишто се наоѓаат под истрага и вас, бидејќи сепак тие незаконитости сепак, вие сте ги посочиле и како одговорно лице сте ги пријавиле? Чувствувате ли некаква пресија поради криминалот што го разоткривате во ЦСР Тетово?
-По покренување на постапките пред надлежните органи постои отпор од страна на вработените кои се инволвирани во истите постапки, во смисла на несоработка и обиди за опструирање на тековното работење на Центарот. Меѓутоа јас како директор успевам да се носам со состојбата и ги преземам сите неопходни активности за законито работење на Центарот.
Сметате ли дека во Центарот има кадровски потенцијал кој е отпорен на мито, корупција, трговија со влијание и дека странките во иднина имаат простор за доверба во институцијата со која раководите, но и дека државниот буџет кој ѝ е доверен на институцијата би бил поправично распределуван на категориите граѓани што ги исполнуваат критериумите да остваруваат права од социјална заштита?
-Сметам и тврдам дека во ЦСР Тетово постои кадровски потенцијал што има професионален однос кон работата и работат стручно и чесно во интерес на граѓаните кои имаат потреба од користење на услугите на Центарот. Најголемиот предизвик е да се обезбеди здрава работна средина, работење со висококонфликтни и ранливи категории на граѓани, сложени и чувствителни случаи за одлучување на човечки судбини, ограничените ресурси и потребата истовремено да се одговори на јавните очекувања. а да се постапува строго согласно закон и професионално во најдобар интерес на корисниците.


