ИНТЕРВЈУ | Јесика Росенкранц: Обврските за уставни измени мора да се исполнат
Фокусот на посетата на шведската министерка Јесика Розенкранц е патот на Македонија кон членство во ЕУ. За време на денешната посета таа ќе се сретне со министерот за европски прашања Орхан Муртезани, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и со министерката за образование Весна Јаневска.
l Последниот годишен пакет за проширување што го усвои Европската комисија на 4 ноември покажа дека проширувањето на Унијата останува приоритет на агендата на ЕУ. Но за Република Северна Македонија останува препораката дека треба да ги усвои потребните уставни измени за вклучување на Бугарите во Уставот, како што е наведено во Заклучоците на Советот од јули 2022 година. Македонската власт е на мислење дека тој услов што го смета како понижувачки и надвор од Копенхашките критериуми, може да се промени. Може ли навистина да се надеваме на таков исход и почеток на пристапните преговори за членство на РСМ во ЕУ под македонски услови?
– Шведската Влада е силен застапник на проширувањето на ЕУ. Во текот на изминатата година посетив неколку земји кандидатки и нагласував дека постои моментум во процесот на проширување на ЕУ. За владите на земјите кандидатки што се сериозни во однос на приклучување кон Унијата, сега е моментот да напредуваат со реформите. Истото важи и за Северна Македонија. Неопходни се континуирани реформи. Со забрзување на темпото, Северна Македонија може да се позиционира добро за, штом формално започнат преговорите, да напредува на патот. Јас тукушто пристигнав во Скопје и со нетрпение очекувам да се сретнам со претставници на Владата и да слушнам од нив што, според нив, е можно решение и како може да се подобри довербата и односите меѓу соседите. Во однос на договорот од 2022 година, тоа е договор на ниво на ЕУ. Штом обврските за уставните измени се исполнат, преговорите за пристапување треба да започнат формално без одлагање.
Препорачано
l Министерке што ќе им препорачате на македонските власти, на државниот врв на средбите во Скопје? Ја имаме ли поддршката од Шведска? Конечно, дали земјава е посакувана во европското семејство без да прави отстапки како во претходниот период со промената на името, зашто стравувањата се дека блокадите и притисоците од соседите нема да престанат на евроинтеграцискиот пат, при отворањето на поглавјата и затоа е целиот тој застој, дури и во потребните реформи?
– Северна Македонија припаѓа во европското семејство. Шведска го поддржува пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ, и политички и финансиски. Главната цел на нашата билатерална програма за реформска поддршка е токму поддршката на реформите на земјата и на нејзината интеграција во ЕУ. Тоа е и главна цел на шведската амбасада тука во Скопје, која тесно соработува со Владата и со другите чинители за да го поддржи напредокот. Ние сакаме да ја видиме Северна Македонија како напредува и се приближува кон ЕУ. Можам да ја разберам фрустрацијата дека долгото и полно со предизвици патешествие довело до забавување на темпото на спроведување на реформите. Меѓутоа, Северна Македонија е добро подготвена. Сега е времето да се обнови темпото и земјата да им се придружи на Црна Гора, Албанија, Украина и на Молдавија, кои се сега со најсилно темпо на реформи. Амбицијата на ЕУ за проширување е јасна. Останува на секоја од земјите кандидатки да покажат дека нивната амбиција за реформи е еднакво јасна и е поткрепена со напорна работа. Ќе биде тешко, но ќе се исплати. Шведска ѝ се приклучи на ЕУ пред 30 години. Тоа нѐ направи побогати, побезбедни и подобро подготвени за справување со некои од најголемите предизвици на нашето време. Се надевам дека Владата овде, по неколку години членство во Европската Унија, ќе може да го извлече истиот заклучок.

l Како Вие го оценувате евроинтегративниот процес во РСМ? Еве и последниот Извештај на ЕК покажа извесни слабости во однос на владеењето на правото, борбата со корупцијата, реформите во јавната администрација и независноста на судството. Кои се клучните точки на кои мора итно да се работи за да се постигне напредок? Се покажа дека нашиот сосед Албанија па и Црна Гора имаат значителен напредок и извесно е дека ќе завршат со преговарачкиот процес до 2027 или 2028 година.
– Годишниот извештај на Комисијата помага во водењето на пристапниот процес. Шведска ги споделува гледиштата на Комисијата и ја охрабрува Северна Македонија да ги засили реформите на сите полиња, вклучително и на полето на владеење на правото и антикорупцијата.
Истовремено, Северна Македонија има добро ниво на севкупна подготвеност. Земјата е особено силна на полето на надворешните односи, а што е важен сигнал за постоење споделени вредности и геостратешка насока. Имајќи го тоа на ум, извештаите за напредокот во последните неколку години покажуваат застој во однос на темпото на реформите. Шведска е клучен поддржувач на патот на Северна Македонија кон ЕУ. Моментумот е сега. Мојата јасна порака е тој моментум да се зграпчи.
l На европски план очигледно е постоењето на разногласие во самата Унија, па дури и се формира опозициски фронт што сериозно може да го загрози функционирањето на ЕУ по прашањата пред сè за поддршката на Украина во војната со Русија, помошта што треба да се испорача и брзото интегрирање на Украина и на Молдавија во ЕУ. Како ЕУ се справува со несогласувањето, еве на Унгарија, на пример?
– Поддршката на Украина е главен приоритет на шведската Влада. За Шведска, поддржувањето на Украина е клучен влог во европската и во сопствената безбедност. И додека Украина покажува волја да постигне правичен и траен мир, Русија ги зголемува своите брутални напади врз цивили и цивилна инфраструктура во Украина. Импликацијата од ова е јасна: поддршката за Украина мора да се зголеми паралелно со зголемување на притисокот врз Русија. Напредувањето на Украина на патот кон членство во ЕУ не е само неопходно за да се остане верен на принципот процесот на проширување да е заснован на заслуги, туку и придонесува кон зајакнување на одлучноста на украинскиот народ, и ја демонстрира заложбата на ЕУ да продолжи да стои покрај Украина. Времето не е на страната на Русија. И покрај тековната агресија на Русија, Украина постигнува импресивен напредок во реформите. Ова е потврдено во последниот извештај на Комисијата. ЕУ на секојдневна основа се справува со несогласувања. И јас сум сигурна дека ќе изнајдеме решение. Со Украина во ЕУ, Европа ќе биде посилна и побезбедна.
Истото важи и за земјите од Западен Балкан. Во меѓувреме, и земјите кандидатки и земјите членки на ЕУ треба секогаш да вложуваат во добри односи со своите соседи.
Цврста позиција на Шведска е дека билатералните прашања треба да се решат со дијалог и искрена соработка во добра волја. Тие не треба да се користат за да се блокира напредокот во пристапните преговори кога неопходните услови се исполнети.

l Постои обид од претседателот на Европскиот совет, господинот Антонио Кошта, да се заобиколи ветото на Унгарија и да продолжи со кандидатурите за членство на Украина и на Молдавија во ЕУ. Дали Шведска ќе поддржи таков предлог?
– Шведска го поддржува предлогот да се премине кон донесување одлуки со квалификувано мнозинство во однос на отворањето на поглавјата. Меѓутоа, потребен е консензус за да се смени постојната процедура и тоа не е решение во моментот.
l Кои се предизвиците со кои ќе се соочува Европската Унија во наредниот период, со оглед на тоа што војната на европска почва сè уште не е завршена и покрај дипломатските напори на САД, Турција, Унгарија и на другите земји?
– Геополитичкиот пејзаж се менува, што ја доведува ЕУ до заклучок дека треба да преземеме поголема одговорност за безбедноста на нашиот континент. Поддршката за Украина лежи во сржта на тоа. Како ќе заврши војната, ќе биде одлучувачки за европската безбедност во наредните генерации. Последователно, нема поголема надворешнополитичка задача за Шведска од тоа да ја поддржува Украина и да обезбеди дека мирот е постигнат под условите на Украина.
Шведска е еден од најголемите донатори на Украина во светот. Од почетокот на целосната инвазија, Шведска има обезбедено 20 пакети на воена помош и поддршка во вкупна вредност од 9,9 милијарди евра. Ние ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина сѐ додека е тоа потребно. Мило ми што и Северна Македонија има силна поддршка за Украина; како сојузници во НАТО ова е клучна област на заемен интерес.
Со цел да продолжиме со нашата силна поддршка за Украина, како и со вложувањето во европската одбрана и со изведувањето на зелената транзиција, ние мораме да осигуриме дека Европа е во состојба во која нашата економија може да расте. Сѐ се сведува на тоа Европа да биде место каде што компаниите може да започнат со работа, да растат и да работат, и каде што постои простор за нови идеи и иновации. Со други зборови, ние треба да ја зајакнеме европската конкурентност. Добро е што токму тоа е сега на врвот на агендата на ЕУ. Шведската влада напорно работеше тоа да биде врвен приоритет и сметаме дека земјите од Западен Балкан треба да се вклучени во овие дискусии. Нивните економии и населенија се дел од решението. И за крај, последна област за која постои заедничка загриженост е криминалитетот. Прекуграничниот организиран криминал, нелегалната трговија и шверцот на оружје се јасни примери за заедничките предизвици кои изискуваат прекугранична соработка. Тесната соработка на ова поле со земјите од Западен Балкан ќе нѐ направи подобро подготвени да се справуваме со овие предизвици.


