Интернет-радиото „СамоМк“ е ентузијастички влог за поголема промоција на македонската музика

Марти Ивановски, Зоран Митровиќ и Емил Парнаџиски

Тројцата ентузијасти и големи познавачи на музиката Емил Парнаџиски, Зоран Митровиќ („Чув де чув“) и Марти Ивановски на 20 декември со голема забава во „Гранче“ го промовираа интернет-радиото „СамоМк“.

Својата страст и пасија кон музиката тројцата ентузијасти, водени со голема желба и стремеж за нешто ново во медиумскиот простор, ги насочија кон отворање на интернет-радиото „СамоМк“. Шест месеци тие работеа на проектот за создавање радио што 24 часа, седум дена во неделата, ќе емитува само македонска музика.

До радиото може да се пристапи преку веб-страницата на „СамоМк“ (www.samomk.mk), или преку бесплатната Андроид апликација (наскоро ќе има и за iOS). Плеј-листата на радиото е составена од сите жанрови во кои е создадена македонска музика, што значи дека може да се слушне поп, фанк, рок, панк, хип-хоп, алтернатива, електро, џез, па дури и класична музика од еминентни македонски композитори во полноќните часови.

– „СамоМк“ е радио кое ќе им дава поддршка на сите нови македонски групи и музичари и ќе биде верен придружник на македонската забавна музичка сцена, сѐ со цел да се зачува и промовира една од највредните работи што го обележува секој народ: неговото музичко наследство! Македонија со „СамоМк“ доби радио кое верно ќе се грижи и ќе ја чува македонската музика – истакнува Емил Парнаџиски за „Културен печат“.

На промотивната забава, што се одржа на 20 декември во „Гранче“ и на која присуствуваа голем број гости од македонската музичка сцена, се обрати новинарката Елизабета Кузмановска, која ги поздрави основачите на радиото и присутните гости, а направи и мала хронологија на развојот на македонската забавна музика. Таа посочи и на значењето што новото радио ќе го има за популаризацијата на македонската музика, бидејќи во основачката екипа на радиото се вистински познавачи на музиката, воопшто.

Отворањето на радиото го поздрави доајенот на популарната музика Славе Димитров

– Слободно можам да истакнам дека со радиото „СамоМк“ грижата, заштитата, негувањето и емитувањето само македонска музика 24 часа, не може да биде во подобри раце. Македонија сега ќе биде уште побогата и попретставителна, бидејќи Емил, Марти и Зоран го направија вистинскиот избор – рече Кузмановска.

Честа да го поздрави отворањето на радиото ја имаше и доајенот на македонската популарна музика Славе Димитров. Тој истакна дека треба да се слуша и да се промовира македонската музика и посочи дека ќе биде добро доколку постои можност интернет-радиото „СамоМк“ да може да се најде и на ФМ-скалата и да има национална концесија за емитување.

На промоцијата на радиото „СамоМк“ настапи групата „Рингтонс“, која во живо исполни редица македонски музички хитови.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 160, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25 декември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот