Инспектор од Македонска Каменица фрлил документи во буре и ги запалил — огнот стигнал до полициската станица
Полициски инспектор од Македонска Каменица се соочува кривична пријава бидејќи, додека бил на работа, запалил службен отпад во метално буре во близина на полициската станица, по што огнот се проширил и се доближил до самата зграда на одделението, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Препорачано
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против инспекторот Д.С.
Тој е осомничен за кривично дело „предизвикување општа опасност“ .
„Пријавениот, кој работи како инспектор за јавен ред и превенција во Полициското одделение Македонска Каменица при СВР Штип, на 27 aвгуст 2025 година, додека бил на должност, во кругот на одделението во старо метално буре што се користело за фрлање отпад фрлил хартија од службени материјали, ја запалил и ја оставил да гори. Огнот се проширил околу бурето, ја зафатил сувата трева и се приближил до објектот на Полициското одделение Македонска Каменица,“ велат од МВР.
Од Одделот за внатрешна контрола најавуваат дека против Д.С. ќе биде поднесен и предлог за поведување постапка за утврдување одговорност за повреда на работниот ред и дисциплината.
МВР в петок ќе уништува гранати во кругот на Полицискиот центар во Ѓорче


