Кардиохирургија / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Инспекцијата потврди дека Кардиохирургија била без стентови, а ангиографската сала била „во аут“ – пациент почина

Државниот здравствен и санитарен инспекторат вчера помина часови на Клиниката за кардиохирургија вршејќи надзор во здравствената установа од стратешки интерес за државата, а каде минатата недела почина 57-годишниот Тони Ангелковски, пациент на кого му требала итна реконструкција на аортата која му била разлистена, но не ја добил. Инспекцијата ги потврди тврдењата на семејството – ангиографската сала што му била потребна на пациентот не работела еден месец и на клиниката немало стент-графтови (медицинскиот материјал што требало да се вгради). Ангиографската сала ќе биде затворена барем до 15 мај до кога на Кардиохирургија нема да има ни стентови за торакално-ендоваскуларна аортна реконструкција?!

ДСЗИ бара министерот за здравство Арбен Таравари да формира стручна комисија за надзор за да се испита стручното работење на здравствените работници. Здравствената евиденција за пациентот на Кардиохирургија ја воделе уредно, ама за нивното стручно постапување ќе одлучи комисијата што допрва ќе биде формирана од Таравари. Од инспекцијата е евидентно дека на Кардиохирургија, каде Ангелковски бил примен на интензивна нега, успеале да му го спуштат високиот крвен притисок кој му бил 270 со 150 и да му дадат терапија од која му се намалиле болките во грбот и градите.

Со оглед на тоа што веќе бил дијагностициран во ГОБ „8 Септември“ со дисекција на торакоабдоминалната аорта („Стенфорд тип Б“) од Кардиохирургија консултирале васкуларен хирург. И тука настанува голем проблем, бидејќи процедурата за третман на Ангелковски, на државна Кардиохирургија не можело да се изведе поради немање материјали (стент-графтови за таква интервенција), а немале ни ангиографска сала во која единствено може да се изведе таква интервенција. Салата се реновирала и во неа се поставувал компјутер дури еден месец пред да дојде Ангелковски.

Дополнително, исклучително е симптоматично, што во ГОБ „8 Септември“ не знаеле дека на Кардиохирургија ангиографската сала се реновира и го испратиле итниот пациент таму. Тоа зборува за некоординираност меѓу јавно-здравствените установи која може да чини човечки животи.

Како што немало сала и стентови на Кардиохирургија, истите ги немало ни на Торакалната клиника. Пациентот почина.

Во декурзус и отпусно писмо стои евидентирано дека една од процедурите која била во опција за третман на пациентот е TEVAR,- торакална ендоваскуларна аортна реконструкција но во моментот на клиниката имало недостаток на стентови за таква интервенција а ангиографската сала во која се извдуваат такви интервенции е во градежен зафат заради поставување компјутер. Поради причините наведени погоре, издаден е упат за ЈЗУ УК за за Торакална и васкуларна хирургија Скопје, но добиен е извештај дека кај нив нема можност за изведување на ендоваскуларен третман поради поправка на дел од ангиографот, а и не се изведуваат интервенции на торакална аорта туку само васкуларни процедури на абдоминална аорта, а уште повеќе што не располагале ниту со TEVAR стент графтови, наведуваат од Државниот здравствен и санитарен инспекторат во информацијата по извршената инспекција. 

Поради наведеното, според отпусно писмо, на семејството му било предложено да побара второ мислење од друга приватна здравствена установа, која се занимава со ваква проблематика. Во тие моменти имало изразена агресија од синот и зетот на пациентот кон здравствените работници заради кое било повикано обезбедување и полиција. „Слободен печат“ ги поседува видеоматеријалите од оваа конфронтација и од нив се гледа дека семејството негодува затоа што на државна Кардиохирургија немаат материјали и немаат операциона сала. Државниот здравствен и санитарен инспекторат во извештајот од својот надзор потврдува дека пациентот имал оштетен срцев залисток, што го елиминирало да биде кандидат за отворена хируршка интервенција во операционата сала која работи поради висок ризик од смртност. Затоа, потребна била другата сала што била затворена. 

По добиен податок од семејството дека во приватните болници им е побарана висока сума за TEVAR интервенција, им била понудена опција за лекување во странство со предлог од клиниката до ФЗОРСМ, кое семејството го прифатило, меѓутоа во меѓувреме пациентот починал.

Министерот за здравство Арбен Таравари вчера изјави дека „имало сала на Кардиохирургија“ а денеска дека „допрва ќе го прочита извештајот од ДСЗИ“. Во самиот извештај на ДСЗИ пишува дека сала немало и нема да ја има најмалку до 15 мај.

-Уште еднаш ќе повторам, аневризма на аорта е сериозна дијагноза. Уште не сум го прочитал извештајот од ДСЗИ, сега одам во Министерство за здравство да го видам извештајот.

Ќе треба да има и стручна комисија веднаш, да се констатира. Според моите информации едната сала работела – повтори Таравари денеска.

Но зошто за така сериозна дијагноза нема сала и стентови на Државна Кардиохирургија и кој е должен да го обезбеди тоа? Ако дојде денеска пациент со таква дијагноза, каде ќе се оперира?

-Одговорност ќе има, ако имало пропусти – рече Таравари. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот