Инкасаторите веќе не ѕвонат на врата, скопјани им праќаат слики од водомерите

Инкасаторите имаат свои оправдувања за функционирањето преку Вибер, затоа што како што велат, честопати наидуваат на затворена врата, особено во становите од зградите и поради тоа не можат да си ја завршат работата, па затоа во некои станови лично одат и ги проверуваат водомерите, а со некои станари се договараат да им праќаат состојба.

Ве молам пратете ми слика од состојбата на водомерот – ова е пораката што голем број граѓани ја добиваат еднаш на два-три месеци од инкасаторите што се задолжени за нивниот реон. Луѓето прават фотографии и по Вибер им ги праќаат на лицата вработени во ЈП „Водовод и канализација“, кои се платени за редовно да ја читаат и да ја пријавуваат состојбата со потрошената вода во домаќинствата.

Но, наместо тоа, дел од нивната работа ја вршат самите граѓани. Некому тоа му одговара затоа што избегнуваат инкасаторите да им влегуваат дома, а ги избегнуваат и недоразбирањата од видот „поминав, но немаше никој дома“ што резултираат со сметки за вода чиј износ не соодветствува на реалната потрошувачка. Но, на некои скопјани воопшто не им е пријатно да ја вршат работата наместо тој што е платен за таа работа, особено што доколку сакаат можат електронски секој месец да ја пријавуваат состојбата на водомерот.

И додека дел од граѓаните сами се договараат да му праќаат фотографии на инкасаторот, дел велат дека без нивна согласност од нив се бара ваквата услуга.

Инкасаторот што е задолжен за нашата зграда не знам ни како изгледа. Не ми е јасно ниту од каде ги добиваат нашите телефонски броеви, но неколку години наназад кога треба да помине по станови и да го чита водомерот, добивам порака да му ја пратам состојбата на потрошена вода. Од неодамна инкасаторот се смени, но очигледно во „наследство“ му биле оставени нашите телефонски броеви, па и новиот си продолжи со истата практика. Што убаво, си седат дома, ние им ја вршиме работата, а тие земаат плата – реагира жителка на Аеродром во „Слободен печат“.

Скопјани вчера потрошиле рекордни 600 литри вода по човек

На прашањето дали претпријатието е информирано за начинот на работа на нивните инкасатори и дали го дозволува,  од „Водовод и канализација“ го премолчеа одговорот. Но, објаснија која е обврската на инкасаторите и колкумина имаат вработено.

ЈП „Водовод и канализација“ има 110 инкасатори што вршат отчитување на водомерите за физички и правни лица, ажурирање на податоци за корисниците, достава на фактури, редовни и вонредни контроли и слично. Отчитувањето се врши секој втор месец или најмалку двапати годишно – велат од претпријатието и притоа потсетуваат дека на нивната веб страница и на мобилните апликации е достапна и електронска пријава на состојбата на водомерите.

Од друга страна, пак, инкасаторите имаат свои оправдувања за функционирањето преку Вибер, затоа што, како што велат, честопати наидуваат на затворена врата, особено во становите од зградите и поради тоа не можат да си ја завршат работата.

Се случува и по неколкупати да морам да поминам во некои станови и да не завршам работа. Или луѓето не се дома или не сакаат да ми отворат врата, а јас состојбата морам да ја пријавам на секои три месеци. Затоа со дел од станарите сум договорен сами да ми праќаат состојба, а кај некои доаѓам и читам водомери во станот или во куќите. Не станува збор дека вака е полесно, но некогаш нема друг начин за да ја добијам состојбата на водомерот, објаснува инкасатор со кој поразговаравме, но кој сакаше да остане анонимен за да нема никакви последици на работното место.

Поради енормна потрошувачка на вода во Сарај се преоптовариле пумпните станици

Оние што ги отчитуваат броилата за струја, никој од граѓаните не ги гледа и не знае колку често доаѓаат и дали редовно ја проверуваат потрошувачката, затоа што струјомерите се надвор од становите и куќите. Но, скопјани често реагираат по социјалните мрежи дека не се чита состојбата редовно и дека добиваат преголеми сметки.

Од неодамна ЕВН Македонија воведе можност потрошувачите сами електронски да ја пријават состојбата на струјомерите, а на потрошувачите, заедно со сметките за струја, им достави и упатство како сами да си ги прочитаат броилата.

Отсега сами можете да пријавите состојба на вашето броило. Како? Во само неколку чекори! Од која било сметка за електрична енергија внесете ги вашиот кориснички број и серискиот број на броилото. Од екранот на вашето броило препишете ги: состојбата во висока тарифа и состојбата во ниска тарифа. На крај, внесете основни контакт податоци и одберете „Прати“. Следната фактура за електрична енергија ќе ви пристигне согласно пријавените состојби – соопштија од ЕВН промовирајќи ја оваа услуга.

Притоа, заинтересираните граѓани, особено оние што се незадоволни од износот што го плаќаат на месечно ниво, можат да прочитаат и детално упатство како точно да прочитаат колку точно  потрошиле евтина и скапа струја.

Сепак и покрај оваа можност некои од граѓаните не се задоволни што и ова треба сами да го прават. Па, така, на социјалните мрежи можеше да се прочита и коментарот: Ако не, ајде на сите јавни служби ние да им ја завршиме работата, а тие нека си земаат плата!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот