Индиската мутација ги напаѓа и тие со силен имунитет, вакцинираните да не се грижат

Вакцинација /Фото: Драган Митрески - Слободен Печат

Експертите предупредуваат дека индиската мутација има потенцијал да биде доминантна варијанта, како што тоа се случи за време на третиот бран на пандемијата со британскиот сој на вирусот. Епидемиолозите смируваат дека вакцините што се развиени и се администрираат во земјава, се ефикасни и против индиската варијација.

Вакцините дефинитивно ќе делуваат и на индиската варијанта на коронавирусот дури и кога таа би станала доминантна во Македонија, тврди за „Слободен печат“, поранешниот директор на Центарот за јавно здравје Скопје и поранешен член на Комисијата за заразни болести, епидемиологот Александар Стојанов. Според него, единственото „оружје“ што ѝ стои на располагање на државата за справување со пандемијата е вакцинацијата, која треба уште помасовно да се одвива. Доктор Стојанов смета дека во природата на вирусот е да се приспособува и да се создаваат нови и нови варијанти, меѓутоа, тоа нема да ја намали ефикасноста на вакцините. Неговиот коментар доаѓа по изјавата на регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуге, кој алармираше дека индиската мутација на коронавирусот се шири брзо, дека може да ги зарази луѓето со силен имунитет и дека вакцинацијата досега спроведена во Европа не е гаранција во доволна мера дека мутантот нема да се рашири.

– Можеби вакцините нема да бидат толку ефикасни во тој обем, бидејќи тие сепак се дизајнирани за почетната варијанта. Меѓутоа, индискиот не е сосема нов вид. Сигурно нема некој да заврши во болница и да почине. Сигурно дека со вакцината состојбата ќе му биде подобра. Нема да биде така страшно. Не само за овој вид, туку и за другите мутации се однесува истото – вели д-р Стојанов.

Инаку, додава тој, индиската варијанта ја имаме веќе подолго време во Европа, барем еден месец.

– И британската варијација беше позаразна, се рашири брзо. Но, за британскиот тип имавме иста вакцина. Така што, не е толку страшно. Клуге сигурно има поквалитетни информации, но би пристапил со задршка. Факт е дека мерките не треба да се попуштаат, затоа што уште го има вирусот околу нас, иако се паднати бројките на новозаразени. Со овој обем на вакцинација, дури и да го снема вирусот во Европа и да се стави под контрола, сепак тој ќе постои на другите континенти како Азија и Америка – посочува д-р Стојанов.

Коментарите на високиот претставник на СЗО доаѓаат во пресрет на летните одмори, кога граѓаните патуваат почесто и посетуваат повеќе земји. Со тоа расте и ризикот да се донесе индиската варијанта во земјава. Клуге предупреди да не се повтори грешката од минатото лето и апелираше до граѓаните да ги почитуваат превентивните мерки.

Во Македонија веќе е пријавен еден случај на патник вратен од Блискиот Исток, кој бил заразен со индискиот вид на коронавирусот. Тој беше хоспитализиран во приватна болница и е во стабилна здравствена состојба. Здравствените власти велат дека се работи за изолиран случај и дека не претставува опасност за јавното здравје, зашто пациентот бил спроведен во земјава на лекување по сите протоколи и изолиран.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот