Инцијативен одбор бара смена на Мицкоски на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 28 март

Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес по неколку месеци интензивна работа, успеа да обезбеди поддршка и потписи од големо мнозинство на делегати кои учествуваа при изборот на се уште актуелниот Претседател Христијан Мицкоски. Делегатите кои пристапија се едногласни дека Мицкоски ги изневерил очекувањата и дека не исполнил ниту едно од дадените ветувања за враќање на партијата на победничките патеки, за зголемување на капацитетите за коалицирање и за обезбедување на меѓународна поддршка, се вели во соопштението испратено денеска до медиумите од Инцијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, потпишано од Борче Стамов.

Според ова соопштение делегатите сметаат дека е недозволиво претседателот на кој што му ја дале довербата, да не свика конгрес и да не се обиде да им објасни кои се причините за последователните изборни порази и катастрофалниот рејтинг.

-Затоа иницијативниот одбор одлучи, со поддршка на мнозинството членови да свика седница на Конгресот надвор од редовниот термин. Иницијативниот одбор одлучи да го закаже 17-от Вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 28-ми Март во Скопје, соопштува Иницијативниот одбор.

Така, според нив, во наредните денови, Иницијативниот одбор ќе ги формира телата за спроведување на конгрсот, ќе го промовира слоганот и ќе отпочне со дистрибуција на покани и материјали за делегатите.

-Отчет за сработеното од страна на актуелниот претседател и гласање на доверба е една од приоритетните точки на дискусија.  Иницијативниот одбор ги повикува сите заинтересирани кандидати за Претседател на ВМРО-ДПМНЕ да достават апликации заедно со план за нивно делување. Ниту времињата се редовни, ниту ситуацијата во која се наоѓа партијата и државата се редовни, така што неминовно се наметнува потребата од вонреден конгрес. ВМРО-ДПМНЕ секогаш била столб кој ја штител Македонија и интересите на граѓаните кои живеат во земјава, стои во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ со се уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски е руинирана до непрепознатливост.Партијата е поделена, раскарана, нема капацитет за коалицирање и нема поддршка од стратешките западни партнери. Неговото бегање од одговорност и од заземање на ставови по сите важни прашања резултираше со низа последователни порази на парламентарните, претседателските и локалните избори во Охрид, Штип и Ново Село. Христијан Мицкоски нема капацитет да ја води партијата и тоа го препознаваат граѓаните. Тој нема поддршка ниту од членството, а уште помалку од неутралната јавност. Затоа и граѓаните најголемата поддршка во опозицијата му ја даваат на Димитар Апасиев, иако води мала и антизападно ориентирана партија, а Мицкоски е само втор во опозиција и политичар со рекордно висок негативен рејтинг, смета Иницијативниот одбор.

Според нив ВМРО-ДПМНЕ не може да си го дозволи тој луксуз и да ги трпи последиците од лошото работење на Мицкоски уште десет месеци до редовниот конгрес. „ВМРО-ДПМНЕ не може да си го дозволи луксузот да загуби уште едни избори само за да биде задоволена суетата и алчноста на Мицкоски“, сметаат од Иницијативниот одбор.

-Доколку Мицкоски и мисли добро на Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ, веднаш ќе се повлече од функцијата и ќе го поддржи одржувањето на Вонреден 17-ти Конгрес. Доколку смета дека направил барем една добра работа за партијата и државата во овие три години, ќе излезе и ќе ја побара поддршката од делегатите на вонредниот конгрес. Само на тој начин партијата ќе влезе обединета и со нова енергија на локалните избори на есен. Секој обид да се избегне отчетот пред делегатите кои го избрале е мајтапење со членството и купување на време за лично богатење на грбот на партијата, се вели на крајот од соопштението.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот