Има „дебела“ основа за кривично гонење на Трамп

Доналд Трамп на екранот додека Комитетот го објавува изваштајот/ Фото EPA-EFE/JIM LO SCALZO / POOL

Заклучокот од истрагата не ги обврзува федералните обвинители, но ќе има влијание врз амбициите на Трамп повторно да се кандидира за претседател на изборите во 2024 година

Доналд Трамп бил централната фигура во нападот врз Капитол Хил на 6 јануари 2021 година и федералните обвинители треба да го гонат за четири дела – поттикнување или помагање бунт, попречување службена постапка, заговор за измама на САД и давање лажни измами. Ова е препораката од Специјалниот комитет на Конгресот на САД по 18-месечната истрага во која биле сослушани повеќе од 1.000 сведоци и биле разгледани стотици илјади страници од документи претставени како докази. При нападот загинаа пет лица, вклучувајќи и полицаец, повеќе од 140 лица на службена должност беа повредени, а беше направена штета од милиони долари.

Доналд Трамп е првиот поранешен претседател на САД за кого Конгресот препорачал кривично гонење. Заклучокот од истрагата не ги обврзува федералните обвинители, но ќе има влијание врз амбициите на Трамп повторно да се кандидира за претседател на изборите во 2024 година. Специјален совет надгледува истраги за Трамп за уште две сериозни дела – за обид за присвојување на победата на изборите во 2020 година и за преземање доверливи документи од Белата куќа во својата приватна резиденција.

– Комитетот обезбеди значајни докази дека претседателот Трамп имал намера да ја наруши мирната транзиција на власта според нашиот Устав. Веруваме дека доказите опишани од моите колеги и собрани во текот на нашите сослушувања, гарантираат кривично гонење на поранешниот претседател Доналд Џеј Трамп – соопшти Џејми Раскин, претставник на демократите во Комитетот.

Во заклучоците од извештајот е наведено дека Трамп утрото на 6 јануари 2021 година со емотивен говор до своите симпатизери ги поттикнал да се бунтуваат, а воедно јавно го осудил потпретседателот Мајк Пенс поради тоа што не го следел неговиот обид да ги отфрли резултатите од изборите, кои беа во полза на демократскиот кандидат Џо Бајден. Трамп потоа со часови не реагирал во јавноста, додека толпата насилно упаднала во Капитол Хил, се судрила со обезбедувањето, ги пљачкала просториите во Конгресот и се заканувала дека ќе го обеси Пенс.

Претседавачот на комитетот Бени Томсон изјави дека Трамп ја упатил толпата кон Капитолот, како и дека со постојаните тврдења дека е жртва на изборна измама ја поткопал довербата во демократскиот систем.

– Ако е скршена довербата, скршена е и демократијата. Доналд Трамп ја скрши довербата – изјави Томпсон.

И претставничката на републиканците во Комитетот Лиз Чејни жестоко го критикуваше поранешниот претседател.

– Еден од најсрамните заклучоци беше дека претседателот Трамп седел во Овалната соба и го гледал насилниот бунт на телевизија – изјави Чејни.

Уште пред да биде објавен извештајот, Трамп ја осуди истрагата, оценувајќи дека е политички мотивирана. Тој предупреди дека отворањето нова постапка против него би значела дека двапати е неправилно обвинет, откако беше поведен процес на импичмент во кој Сенатот го ослободи од одговорност.

– Лажните обвинувања од крајно партизираниот Комитет за 6 јануари веќе беа поднесени, спроведени и судени во форма на лажниот импичмент број 2 – порача Трамп на својата социјална платформа.

Во Специјалниот комитет имаше седуммина претставници на демократите и двајца на републиканците. Заклучоците за поведување обвиненија биле донесени едногласно.

Специјалниот комитет, исто така, повика и четворица републикански конгресмени да одговараат пред Комитетот за етика поради тоа што не прифатиле да сведочат за истрагата. Меѓу нив е и Кевин Мекарти, кој веројатно ќе биде спикер на Претставничкиот дом, но се верува дека новото републиканско мнозинство нема да гласа за гонење на нивниот лидер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот