Илјадници убиства на правдата

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Гласот често не допира до барокната ротонда покрај Вардар. Починатиот курир ја запечати во фиока „посмртницата“ на 1.500 надежи дека правдата е достижна.

Двата случаи – бегството на Игор Спасов и непотребното обновување на предметот „Монструм“ – потврдија дека процесот на дефилтрација во судството не запрел и по повеќе децении. Оваа констатација, ако сакате, слободно наречете ја само моја перцепција на хибридниот режим.

Затвореникот Спасов со судски одобрена слобода се лекувал од дискус хернија повеќе од 15 месеци. Последната „терапија“ му била бегство од земјава. Дополнителни 15 месеци оттогаш ѝ требаа на истрагата за денес да каже дека сè уште е во тек. Толку долго штипските правосудни органи се и без одговор и без одговорност. Синџирот на корупција допрва ќе се испитува меѓу лекари, судии, затворски служби, гранична полиција…

Којзнае и дали поранешниот „тигар“ Спасов ќе го пронајдеа ако не го пријавила за „семејно насилство“ (а сопругата и двете деца му се во Штип) Бугарка од Софија, која го поткажала откако повторно претерал со ќотекот. Со убиецот на Мартин Нешковски проширен е списокот на пребегани од Македонија зашто не се знае дали воопшто ќе биде екстрадиран. Како што не се знае и за двајца обвинети во „Монструм“ (моментно се во Косово), но и за бившите разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошковски (не ги дава Грција). Бегалецот од Будимпешта одамна има азил. Резил до резил.

Во „Монструм“ правдата се правда. Обвинителката Фатиме Фетаи не најде нови докази во обновената постапка, а државниот обвинител Љубомир Јовески е среќен што барем се докажало дека нема што ново да се докажува, односно дека случајот не е монтиран. Одлуки што предизвикаа  протести во кои на удар беа новинари, полицијата, државни институции и јавни добра, а организаторот на протестот бешe казнeт за – непочитување здравствени протоколи.

Многу често гласот не допира до затворените врати на барокната ротонда покрај Вардар. Други барања за правда, пак, чмаат во прав – 3.300 предмети се нерешени. Тоа не се неотворени папки, тоа се човечки судбини, несреќи, солзи, изгубено здравје, време, пари… Претходната власт не правеше ред, туку си редеше судии: кумот на Трајко на чело на Врховен, баџанакот на Сашо – во Судот во Стразбур. ВМРО-ДПМНЕ го заробува судството со неприфаќање законски измени чија цел е да нема застарување на некои дела. Партија што се спасува, заедно со дел од членството, со блокирање на Собранието. Извршната власт се жали на судската, судската – на законодавната, а дел од законодавната се жали на извршната власт. Вертиго од вртење во круг со прозивки на „сваровски“ и „русковска“ судии, кои почнаа меѓу себе да си поднесуваат кривични. Очи си вадат зашто правдата мора да е слепа во домот на Јустиција со врзани очи.

Каде ли гледаа додека курир со години криел 1.500 предмети? Не му требал АКМИС за распределба на предметите, си користел друг систем, кај нас одомаќен со децении. „Носителот на правдата“ прерано починал за да каже по чиј налог ги криел налозите, но претходно ја запечати во фиока „посмртницата“ на надежите дека правдата е достижна.

Партизираното судство никако да заврши на полиграф за вистината и лагата да не се утврдуваат со собраниски автентични толкувања. Чистилиштето наречено филтрација, за жал, е само уште еден обид пеколот во судството да стане рај, со нова режиска поставка на комедијата на „боговите на правдата“ – политичарите!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот