„Или-Или“ ја објави стихозбирката „Збунети компаси“ од Зоран Анчевски
Новата поетска стихозбирка „Збунети компаси“ од Зоран Анчевски е објавена како јубилејна, десетта книга во едицијата „Поеза“ на издавачката куќа „Или-Или“. Збирката „Збунети компаси“ на Анчевски се состои од пет циклуси песни кои градат многу занимливи меѓусебни врски, но и деликатни, дискретни, а суштински врски со неговото претходно поетско творештво.
Препорачано
Првиот циклус ги поставува поетичките начела и креда на поетот, а четирите циклуси што следат ги разработуваат истите во најразлични детали, ситуации и контексти. Завршниот циклус, пак, наместо да прави заклучоци и поетски „резимеа“ на изнесените начела, всушност, многу умешно и мудро, го враќа читателот на почетокот и бара нов прочит на книгата, посочуваат од „Или-Или“.
Зоран Анчевски (1954) е поет, есеист, литературен преведувач и професор по англо-американска литература. Своето образование го стекнал во Македонија и во САД. Досега има објавено седум стихозбирки, издание со избрани песни на македонски и на англиски јазик, како и обемната критичко-теоретска студија „За традицијата“ (2007). Автор е, приредувач и уредник на голем број поетски антологии, избори и прозни дела на врвни светски автори на македонски јазик.
За своето творештво ја има добиено наградата „Студентски збор“, за најдобра дебитантска книга (1985), „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две СВП (2018) и престижното меѓународно признание за поезија „Ѓакомо Леопарди“ (Реканати, Италија, 2004).
За својата преведувачка дејност ја има добиено наградата „Григор Прличев“ на Друштвото на литературни преведувачи (2001). Член е на ДПМ и на Македонскиот ПЕН центар, чиј секретар бил во два наврата, а сега е негов актуелен претседател. Од 2003-2007 година бил претседател на УО на СВП, а сега е член на Уметничкиот совет на фестивалот.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 95, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 септември 2021)


