Или чевлите в рака или 15 денари за брендирана кеса! Трговците ги изигруваат еколошките прописи

Хартиени кеси/Фото: Profimedia

Надоместокот од 15 денари, не важи за пластичните кеси за носење на стоки кои се даваат на потрошувачите на каса во дуќаните за продажба на книги, облека, обувки, алати, електрична и електронска опрема, продавници за покуќнина, занаетчиски дуќани, за сувенири, уметнички галерии, за козметички производи, аптеки (земјоделски, за медицински помагала и сл.)

Ако не сакате да ги носите во рака новокупените чевли, џемпери, фустани, панталони и долна облека, книги, миксер, фен или лаптоп, алатите или лековите, ќе треба да си купите кеса која голем дел од трговците ги наплаќаат од 10 до 20 денари. Ова е практично кршење на законската одредба според која надоместокот од 15 денари, не важи за пластичните кеси за носење на стоки кои се даваат на потрошувачите на каса во дуќаните каде се продаваат книги, облека, обувки, алати, електрична и електронска опрема, продавници за покуќнина, занаетчиски дуќани, за сувенири, уметнички галерии, за козметички производи, аптеки (земјоделски, за медицински помагала и сл.). Граѓаните се револтирани од дрскоста на трговците, уште повеќе што треба да платат и да им шетаат бренидраните кеси.

-Купив чизми и очекував да ми бидат спакувани како што е редот. На касата доживеав изненадување, бидејќи бев прашана дали сакам кеса, и патем ми беше речено дека чини 15 денари. За среќа носев платнена торба во која ја собра големата кутија. Некој ќе рече, имаш пари за чизми кои чинат неколку илјади денари, а немаш за кеса од 15 денари. Но се работи за принцип, а и за своеволно кршење на законот. Кесите на трговците било да се хартиени или пластични се брендирани, а тоа значи дека јас треба да им ја платам и рекламата – вели една револтирана Скопјанка.

Некои брендови што продаваат долна облека и чорапи, почнаа да ги наплатуваат и малите кесички и тоа по 10 денари. Во спротивно целата чаршија ќе знае каков вид долна облека преферирате, реагира друга муштерика! Малите кеси масовно се наплатуваат и во дел од аптеките.

-Оставаме куп пари што за редовна терапија, што за суплементи и витамини, а тие не може да ни дадат едно кесе и уште го наплаќаат. Срамота – критикуваат постарите граѓани.

Од 1 декември 2021 година употребата на пластични, најлонски кеси за еднократна употреба на пазарот во земјава е забранета, а во маркетите и на пазарите дозволени се само биоразградливи кеси кои се наплаќаат по 15 денари. Пазарџиите не наплаќаат за кесите во кои пазарите емиш и зарзават, а маркетите нудат избор – хартија или пластични кеси со нивното лого по цена од 8 до 15 денари.

Надоместокот од 15 денари важи за задолжително биоразградливите кеси што секојдневно се даваат на каса при купување во мини маркети, супермаркети, гранапи, пиљарници, мали продавници за секојдневни намирници, пекарници, киосци, киосци за брза храна, зелени пазари, бензински станици со минимаркети.

Согласно Законот за управување со пакување и отпад од пакување, средствата од продажбата на кеси се собираат во посебен фонд на Министерството за животна средина и просторно планирање, а до крајот на 2022 година по овој основ се собрани речиси два милиони евра. Законот предвидува средствата собрани во овој фонд да се искористат за еколошки проекти, а од МЖСПП, велат дека собраните средства од наплата на пластични кеси се распределуваат согласно донесената Програма и ќе се искористат за набавка на садови за собирање отпад – контејнери и еден дел за кампања за подигање на јавната свест за потребата од селекција и можностите за рециклирање. Од МЖСПП посочуваат дека целта на мерката не е да се наплаќаат кесите, туку да се демотивираат граѓаните за нивна употреба и дека податоците што ги имаат укажуваат на виден ефект во таа насока.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот