Идната недела започнува уписот за нови студенти на УКИМ, слободни се 9.719 места
Веќе од следната недела започнува пријавувањето за упис во прва година на додипломските студии на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје за претстојната 2025/26 академска година. Првото пријавување ќе биде на 19 и 20 август.
Препорачано
Според Конкурсот на УКИМ, на 23-те факултети во негов состав слободни се вкупно 9719 места. Од нив, 4683 за редовни студенти во државната квота, 4081 места за редовни со кофинансирање на студиите и 955 за вонредни студенти.
Како и во минатите години, најмногу слободни места има за упис на студиските програми на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ (1020), Природно-математичкиот факултет (910), Филозофски факултет (880), Филолошки (810), Медицински факултет (760), Економски (700), Правен факултет (610), Факултет за електротехника и информациски технологии-ФЕИТ (590).
Редовните студенти кои се финансираат од државниот буџет ќе плаќаат партиципација од 200 евра, а тие со кофинансирање на студиите и вонредните ќе плаќаат по 400 евра.
Во објавениот Конкурс на УКИМ се наведени условите и критериумите за запишување, роковите, потребните документи и начинот на аплицирање.
Пред пријавувањето во роковите утврдени со Конкурсот, секој заинтересиран кандидат треба да се регистрира и да ја пополни електронската пријава од „iKnow“ системот.
Откако ќе помине првиот рок следниот вторник и среда, вториот рок ќе биде на 11 и 12 септември, а третиот рок каде што ќе има слободни места ќе биде на 24 септември.


