И Стразбур тешко ќе се снајде со заплетканиот „јазол“ од судир на интереси меѓу Комисијата и кандидатите
Костадиновски за „Слободен печат“ вели дека ќе се изземе од одлучувањето за деканот, како што препорача Антикорупциска.
Претседателот на Уставниот суд како член и претседател на Комисијата, Дарко Костадиновски, потоа директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Ирина Трајкоска-Стрезоски, но и претседателот на Граѓанскиот суд Бесник Авдија, ќе треба да се изземат при гласањето на Комисијата за избор на кандидат за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, но само за некои од кандидатите, е препораката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Препорачано
Антикорупциската комисија утврди потенцијален судир на интереси меѓу овие членови на Комисијата и дел од пријавените од вкупно 11-те кандидати, но се прогласи за ненадлежна за пријавите, бидејќи „законски немало актуелен, реален судир на интереси“.
Првата пријава се однесуваше на Костадиновски, кој одлучуваше за својот академски ментор, деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Сашо Георгиевски (еден од кандидатите за судија во ЕСЧП).
Втората е поврзана со директорката на Академијата, Трајкоска-Стрезоски, која одлучуваше за кандидатите Илир Исени и Али Алиу, иако првиот од нив двајца е нејзин заменик во Академијата, а вториот – член на Управниот одбор на Академијата. Поради овие двајца кандидати, поврзани со Академијата за судии и јавни обвинители, пријава за судир на интереси има и против членот на Комисијата, Бесник Авдија. Тој, како претседател на Граѓанскиот суд кој истовремено е и претседател на Управниот одбор на Академијата одлучувал за своите колеги од Управниот одбор на Академијата.
Антикорупционерите ќе се „судрат“ со евентуалниот судир на интереси за судија во Стразбур
За сите пријави, ДКСК едногласно донесе одлука да се запре постапката, односно констатира дека не постои состојба спротивна на забраните од Законот за спречување на корупцијата.
Сепак, ДКСК едногласно им порача на тројцата членови на Комисијата, за кои беа поднесени пријави за судир на интереси, да се изземат од гласањето кога треба да се бираат тројца кандидати што ќе продолжат во втората фаза од процесот, односно како кандидатите ќе минат и низ филтерот на експертскиот панел на Советот на Европа.
„Постои директен и непосреден службен хиерархиски однос“
Костадиновски ќе треба да се изземе, иако меѓу него и неговиот академски ментор нема реален и актуелен судир на интереси, тврдат од ДКСК. Сепак, овој однос може да создаде објективно оправдан сомнеж кај јавноста во пристрасноста и одлучувањето во постапката, образложуваа антикорупционерите.
– ДКСК во конкретнава ситуација цени дека постојат околности за потенцијален судир на интереси што, меѓу другото, подразбира и лично чувство на службеното лице, што го потврдува и неговото барање за изземање од постапката во однос на неговиот ментор, поради што ДКСК препорачува претседателот на комисијата да се изземе од постапување и одлучување во Комисијата во однос на кандидатот кој бил негов ментор. Ова со цел да се избегне какво било сомневање за влијание, директно или индиректно, врз носењето на одлуката на Комисијата во согласност со принципите за транспарентност еднаков третман и јавен интерес – рече членката на Комисијата Билјана Каракашова Шулев во образложението на препораката.
Костадиновски за „Слободен печат“ вели дека ќе се изземе од одлучувањето за деканот, како што препорача Антикорупциска.
Антикорупционерите ќе се „судрат“ со евентуалниот судир на интереси за судија во Стразбур
Директорката на Академијата Трајкоска-Стрезоски исто така ќе треба да не гласа кога ќе се одлучува за нејзиниот заменик и членот на Управниот одбор на истата институција, иако како аргумент таа го навела тоа што Исени бил пријавен и на првиот оглас за судија во Стразбур, и дека усно им кажала на членовите дека тој е нејзин заменик и таа одлучила да не му поставува прашања на кандидатот, но тврдела дека нема ниту приватен интерес ниту роднински релации со Исени.
– ДКСК констатира дека постои директен и непосреден службен хиерархиски однос меѓу директорот и заменик-директорот и членот на Управниот одбор во истата институција. Тој однос подразбира можност за меѓусебно влијание и зависност, а непристрасната при одлучувањето се нарушуваат под влијание на меѓу зависност на позиции и одлучување во исто управувачко тело. Постоењето на таков однос може да создаде објективно оправдан сомнеж во јавноста – рече членот на ДКСК, Бесник Џемаили.
Трајкоска-Стрезоски за „Слободен печат“ вели дека сè уште не ја примила препораката од ДКСК.
– Веднаш откако ќе ја примам ќе одлучам како ќе постапам – рече таа.
На иста линија со неа е и нејзиниот колега од Академијата, Бесник Авдија, кој за „Слободен печат“ вели дека и тој нема официјално добиено известување од ДКСК и дека штом ќе го добие, ќе извести каква одлука донел. Но, и за него има препорака за изземање, а Авдија пред ДКСК тврдел дека на никому не може да му се забрани да конкурира.
– Во врска со кандидатите, службеното лице наведува дека едниот ја врши функцијата заменик-директор на Академијата за судии и јавни обвинители, а другиот член на Управниот одбор на Академија за судии и јавни обвинители и дека никој не може да им ја ограничи можноста да се кандидираат за избор за судија во Европскиот суд за човекови права. Комисијата не можела да влијае врз ниту една кандидатура, бидејќи ваквото влијание е противуставно, противзаконито, односно Комисијата избрана од Владата ги испочитувала сите уставно загарантирани права на секој апликант – рече членот на Комисијата, Сервет Демири.
Доволно е да постои можност за оправдан сомнеж
За потенцијалниот судир, сите членови на ДКСК се повикаа на стандардите утврдени низ судската практика на ЕСЧП во поглед на непристрасноста.
– Според стандардот на објективна непристрасниот, утврден од Европскиот суд за човекови права, не е важно дали постои реална докажлива пристрасност, туку доволно е да постои можност за оправдан сомнеж во јавноста за непристрасноста од перспектива на разумен набљудувач – рекоа од ДКСК.
Селекцијата на кандидатите почна пред повеќе од еден месец и на повторениот оглас се пријавија судии, обвинители, адвокати, но и деканот на Правниот факултет Сашо Георгиевски. Првично беа пријавени 20-мина, а првиот филтер го поминаа 11 кандидати. По првата селекција, почна и „војната“ со пријави пред Антикорупциската комисија.


