И Скопје победува – заедно и сложно!

Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје, Фото: Слободен печат/Архива

Додека ние работиме на урбанистичко, сообраќајно и културно поврзување и обединување на Скопје, слушаме како опозициски скопски советници продолжуваат со политиката „раздели, па владеј“ – со сеење страв и омраза, со ширење лажни вести за федерализација, кантонизација и бегалски кампови во Скопје.

Пред една деценија, Скопје беше град со сериозно нарушени меѓуетнички и меѓучовечки односи. Запуштената карабина на „црквата музеј“ на тврдината Кале е потсетник на непромислените политики кои создадоа сериозен меѓуетнички конфликт во 2011 година. Скопјани беа сведоци на конфликтна политика „раздели, па владеј“ и кога студентите и активистите беа насилно дислоцирани од градскиот плоштад во 2009 и кога ноќе беа поставувани контроверзни споменици од мегаломанскиот проект „Скопје 2014“ – кој го подели градот по разни основи.

Меѓуетнички поделби и конфликти предизвика и поставувањето на скулптурата на цар Душан, како и обидот за поставување на голем крст во Бутел. Со години скопјани беа сведоци и на тепачки во автобуси и насилни инциденти од партиски инструментализирани навивачки групи.

 

ДПМНЕ за Скопје – тензии, поделби, конфликти и блокади

 

Покрај меѓуетничките тензии и конфликти, скопјани преживеаја многубројни граѓански и политички поделби и конфликти: „касапаана“ избори, упад со специјалци во телевизии и весници и нивно затворање, „црниот понеделник“ и насилното исфрлање пратеници и новинари од Собранието, насилнички обид за крадење на локалните избори во Центар и во Скопје, многубројни протести и насилни контрапротести.

Скопјани со право протестираа против урбанистичкото насилство на ДПМНЕ, против уништените паркови, против барокните фасади, против партискиот музеј на восочни фигури, против насилното преименување на улиците и плоштадите, против нехуманиот однос кон уличните кучиња, против бескрупулозното уништување на Водно, против поскапувањето на струјата и парното, против енормното загадување на воздухот, против барокните фасади и обидот да се преслече и Градскиот трговски центар во барок, итн. Скопје протестираше против губитничките политики што го уназадуваа.

Протестите и контрапротестите во Скопје се интензивираа по објавувањето на „бомбите“ кои го обелоденија самоволното, криминалното и насилничко владеење на Груевски, неговиот братучед и неговите партиски полтрони. Откако „малиот диктатор“ не успеа да создаде парламентарно мнозинство по изборите во декември 2016 година, повторно прибегна кон конфликтната политика „раздели па владеј“ со сериозен обид за потпалување на меѓуетничките односи.

Со месеци скопјани беа блокирани од толпата демонстранти која сееше меѓуетничка омраза со паролите против „двојазичност“, „федерализација“, „кантонизација“ и со пеење шовинистички песни. Кулминација на омразата и насилството беа настаните од 27 април, кога толпата нахушкана од Груевски се обиде да елиминира пратеници за да го блокира и спречи новото парламентарно мнозинство да ја преземе власта. Скопје и Македонија за влакно избегнаа граѓанска војна.

 

„Едно општество“ – успешна репрезентација!

 

Какви промени се случија во Скопје и во Македонија откако се формираше нова влада во 2017 година? Наместо политика „раздели, па владеј“, новата власт промовираше политика на „едно општество“ – политика на соживот и рамномерен развој. Успехот на политиката на „едно општество“ го гледаме сега олицетворен и во историскиот успех на македонската фудбалска репрезентација.

Претходно, партиското мешање и инструментализирање на фудбалот ја доведе на дното фудбалската репрезентација на Македонија. Од 54 место на листата на ФИФА во 2006, фудбалската репрезентација падна на 162 место во 2016 година.

А сега нашата репрезентација е единствена од регионот која ќе игра на Европското првенство и за која ќе навива целиот Балкан!

Како да не навиваш на сложната и успешна екипа на Пандев, Барди, Елмас, Алиоски, Нестороски, Тричкоски, Адеми…? Историскиот успех на фудбалската репрезентација е најдобар показател дека Македонија може да успее во Европа, само ако сите играме заедно и сложно, надминувајќи ги етничките и политичките конфликти и поделби.

 

И Скопје според фудбалскиот рецепт!

 

Рецептот за успех на градот Скопје е ист како и рецептот за успех на фудбалската репрезентација на Македонија. И политиката е „екипен спорт“. Успехот е загарантиран кога играме сите заедно, сложно, ако сите општини се развиваат рамномерно – а не само една во која беа вложени стотици милиони евра во „проекти“ што немаа врска со реалните потреби на скопјани. А кога некој се обидува да го блокира градот – како деновиве ДПМНЕ – сите ќе патиме.

Да, веќе не се планираат „фараонски“ градби во центарот препознатлив по фушерајот на „Скопје 2014“. Да, веќе не се трошат милиони евра за барокни фасади и споменици кои предизвикуваат поделби и конфликти, туку на булевари, улици, клучки и мостови кои поврзуваат. Не се трошат десетици илјади евра на восочни фигури, како што се потрошија на восочните фигури на Хитлер, Мусолини, цар Борис, Ванчо Михајлов, кралот Александар и други контроверзни историски ликови. Веќе не се протестира ни поради загадениот воздух, ни поради нехуманиот третман на кучињата, ни поради уништени градски паркови.

Тепачките во автобуси се реткост, нема конфликти околу контроверзни споменици, а заеднички го славиме и денот на македонскиот јазик и денот на албанската азбука и другите празници на сите заедници. Заеднички ги променивме имињата на улици што нѐ делат, воведувајќи имиња што нѐ поврзуваат и враќајќи ги улиците по кои Скопје беше препознатливо како меѓународен симбол на светската солидарност. Заеднички унапредуваме и култура во градот која нѐ поврзува, наместо да нѐ дели.

Кои се симболите на новото успешно и сложно Скопје?  Парковите Сарај, Градскиот парк и паркот Ибн Пајко – посетувани од сите скопјани. Зелените покриви на ГТЦ, на Дом на Градежници и новиот што се гради на Мавровка. Новите јавни површини ослободени од возила, новите велопатеки за кои ни завидува Софија, зелените скверови во сите делови од градот. Новиот мост на Вардар што ги поврзува Гази Баба и Аеродром, новиот булевар БиХ што ги поврзува Карпош, Бутел, Шуто Оризари и Чаир, новиот булевар Христијан Тодоровски Карпош – врска со обиколницата, новиот булевар Никола Карев што ќе ги спојува Центар и Гази Баба со Карпош итн.

Нов симбол на Скопје ќе бидат и двата коридора на брзиот автобуски транспорт, кои ќе ги поврзуваат истокот, југот северот и западот на Скопје и кои ќе овозможат побрз и поекономичен јавен транспорт кој многу помалку ќе загадува.

За жал, додека ние работиме како да го поврземе Скопје, како да го направиме јавниот транспорт побрз и како да го олесниме сообраќајот, опозицијата работи на тоа како да го блокира и да го парализира сообраќајот во Скопје. Додека ние работиме на урбанистичко, сообраќајно и културно поврзување и обединување на Скопје, слушаме како опозициски скопски советници продолжуваат со политиката „раздели, па владеј“ – со сеење страв и омраза, со ширење лажни вести за федерализација, кантонизација и бегалски кампови во Скопје. Продолжуваат со истите груевистички тактики на поттикнување на омраза и нетрпеливост – надградени и проширени со агитирање против ЕУ, Брисел и Вашингтон, смислено од „Централата“ со „велелепни лустери со црвени теписи и махагони астали“.

Но, Македонија веќе доби главен град кој поврзува, главен град кој работи за граѓаните. Обединето Скопје победи и во 2017, а ќе ја победи политиката „раздели, па владеј“ и во 2021 година. И цело обединето Скопје, месецов ќе навива за сложната македонска фудбалска репрезентација.

Затоа што, само заедно и сложно, победуваме!

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот