И Мел Гибсон остана без куќата поради страшниот пожар во Лос Анџелес: „Сега сите мои работи се пепел, но…“
Бројни холивудски ѕвезди ги загубија своите домови во незапирливиот пожар кој проголтува сè пред себе во Лос Анџелес.
Страшниот пожар уништи над 10.000 домови и други објекти, принуди околу 180.000 граѓани да се евакуираат и однесе десет животи. Меѓу познатите ѕвезди кои ги загубија своите домови е и актерот Мел Гибсон, кој во еден подкаст откри со што се соочува неговото семејство.
„Ова е очигледно поразително. Емотивно е. Живеев таму долго време и таму ги имав сите мои работи. Сега како да сум ослободен од товарот на моите работи бидејќи сè е во пепел“, изјавил тој за „Њуз нејшн“.
Тој призна дека појавувањето на подкастот било напорно бидејќи знаел дека токму во тој момент неговата куќа гори.
„Се прашував дали мојот дом е сѐ уште таму. Но, кога дојдов дома, се разбира, тој го немаше. Си реков: ‘Па, барем веќе ги немам тие досадни проблеми со водоводот’“, рекол тој со доза на хумор.
Гибсон рече дека неговата сопруга Розалинд Рос и нивниот син Ларс се безбедни бидејќи навреме се евакуирале. Тој додаде дека изгорела и куќата на колегата Ед Харис кој живеел во соседството.
И покрај пустошот, актерот со олеснување изјави дека кокошките на неговата фарма го преживеале пожарот. Но, сите негови работи биле целосно уништени.
„Таму имав многу лични работи што не можам да ги вратам… Секакви работи, од фотографии до датотеки, до сè што сум собрал низ годините. И многу облека – прилично кул работи, но знаете дека сето тоа може да се замени“, рекол Гибсон, додавајќи:
„Ова се само работи. Најдобрата вест е дека сите во моето семејство и оние што ги сакам се добро, и сите сме среќни и здрави и надвор од опасност, тоа е сè за што можам да се грижам, навистина“.