И Америка пред 32 години сруши ирански патнички авион со 290 луѓе во него

На 3  јули 1988 година иранскиот авион бил погоден од проектил лансиран од американски воен брод кој пловел во Персискиот залив. Во трагедијата животот го загубија 290 луѓе.

Само неколку дена пред да се сруши украинскиот авион во Техеран, иранскиот претседател Хасан Рохани го потсети светот на соборувањето на иранскиот патнички авион во 1988-ма година од страна на морнарицата на САД.

На 3  јули 1988 година иранскиот авион бил погоден од проектил лансиран од американски воен брод кој пловел во Персискиот залив. Во трагедијата животот го загубија 290 луѓе.

„Оние кои се повикуваат на бројот 52, исто така треба да се сетат и на бројот 290. Никогаш не ѝ се заканувајте на иранската нација“, напиша Рохани на Твитер, два дена пред да биде соборен украинскиот авион.

Бројот 52 инаку се однесува на бројот на локации во Иран кои американскиот претседател Доналд Трамп ги означи како можни воени цели на американската армија доколку Техеран одлучи да се одмазди за убиството на генералот Касим Сулејмани.

1988-ма година не беше ништо помалку тензична од денес – американската морнарица тогаш повеќе од една година ги заштитуваше комерцијалните бродови во таканаречената „танкерска војна“, дел од иранско-ирачката војна (1980-1988) во која Иран се обидуваше да го блокира снабдувањето на Ирак преку Персискиот залив, поставувајќи мини и ракетирајќи бродови.

Иранскиот патнички авион на летот 655 тогаш полета од Бандар Абас. Станува збор за воено-цивилен аеродром каде што иранската армија во тоа време распоредила неколку авиони „Ф-14“ за кои Американците верувале дека се опремени со ракети кои можат да ги потопат нивните бродови.

Само еден ден пред трагедијата, ирански „Ф-14“ бил предупреден дека се приближил премногу блиску до американски крстосувач. Утрото на 3-ти јули американскиот крстосувач „Винсенес“ разменувал оган со ирански разурнувач кој се заканувал на пакистански танкер во Заливот.

За жал, пилотот на иранскиот патнички авион не бил предупреден за воените дејствија во тој регион, нешто што од контролната кула во Банадр Абас го правеле во слични ситуации претходно. По полетувањето, иранскиот авион летал во одобрен комерцијален воздушен простор и кај фреквенциите на контролата на воздушниот сообраќај бил идентификуван како комерцијален лет.

Кога патничкиот авион започнал да се приближува кон американскиот воен брод, капетанот на „Винсенес“ добил информации дека непознато летало кое било регистрирано од радарите не одговара на повиците и тоа би веројатно е ирански „Ф-14“.

Капетанот имал само пет минути да процени дали неговиот брод е во опасност и после само седум минути донел одлука да го собори авионот, нешто што американската морнарица подоцна го означи како „трагичен и жалосен инцидент“.

Иран ја тужеше американската влада во 1989-та година на Меѓународниот суд за правда и во 1996-та година САД се обврзаа да платат десетина милиони долари како надомест на семејствата на жртвите.Оваа трагедија веројатно е уште една случајна жртва на меѓународните конфликти. Пред 6 години во Украина беше соборен авионот на „Малезија Ерлајнс“.

MH17 беше меѓународен патнички лет во кој авионот Боинг 777 на 17 јули 2014-та година леташе од Амстердам за Куала Лумпур. Авионот беше соборен во Доњецката област во Украина, односно на околу 40 километри од украинско-руската граница.

Секако, инцидентот веднаш беше поврзан со украинскиот конфликт помеѓу украинската армија и про-руските сепаратисти, конфликт кој и натаму не е решен. Според последните извештаи од истрагата во 2017-та година, авионот бил соборен од руски против-воздушен систем кој ѝ припаѓал на 53-та ПВО бригада сместена кај Курск во Руската Федерација..

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот