ВИДЕО| Хуманост на дело: Граѓаните донираат облека, продавницата „Копче“ ја продава за ниски цени, од парите се издржуваат 5 семејства

Во рамки на Црвен Крст веќе две години функционира продавницата „Копче“ од каде што граѓаните по многу ниски цени можат да си купат сочувано парче гардероба. Облеката ја подаруваат хумани граѓани, а од средствата заработени од продажбата се издржуваат пет семејства, директно вклучени во перење, пеглање и продажба на облеката, објасни денеска во Утрински брифинг Сандра Томовска, волонтер во Црвен Крст.

-Во 2018 година како проект го стартувавме социјалното претпријатие „Копче“ со цел да им помогнеме на социјално ранливите категории, за да имаат достапна облека која што можат по ниски цени да ја купат во секое време. Продавницата „Копче“ е дел од социјалното претпријатие и во неа работат пет лица од социјален ризик. Оваа продавница нуди опција по многу пристојни цени почнувајќи од 60 денари граѓаните да си купат гардероба која некој претходно ја донирал, објаснува Сандра.

За да се овозможи донирањето на гардероба на пет локации во Скопје се поставени контејнери за облека, а облека може да се донира и директно во самата продавница која се наоѓа веднаш во Црвен крст.

-Целата донирана гардероба се собира, а потоа се врши селекција. Неколку волонтерки ја распределуваат и се договараат за каде ќе биде наменета. Облеката која е најсочувана ја продаваме во „Копче“, а останатите парчиња, кои исто така се во добра состојба ги донираме на бездомници, старски домови, психијатриски болници, мигранти и лица во социјален ризик. Од тие контејнери навистина се вади едно мало богатство. Зимата доаѓа, оваа облека ќе стопли многу луѓе, вели Сандра.

Таа нагласува дека во „Копче“ се продава и потполно нова гардероба која што ја донираат компании. Некои луѓе пак тешко се одлучуваат да се ослободат од старата облека, мислејќи дека на тој начин ги даваат спомените на некој друг. Има и такви кои гардеробата ја оставаат со порака. На една детска бунда, стои порака: „Го подарувам од срце да стопли некое детенце, како што ја топлеше мојата ќеркичка“.

Пред да ја остави бундата за продавање, мајката напишала порака, за полесно да се ослободи од приврзаноста кон облеката

Во социјалниото претпријатие се случува и обука и подготовка на лица во социјален ризик, за вклучување на пазарот на трудот. Заинтересираните таму учат да шијат, да везат, да кројат… до сега 20 лица беа обучени за да ги работат овие занаети. Наскоро ќе се отвори втора продавница која ќе биде наменета исклучиво за продажба на детска гардероба.

Во 2020 година значително е зголемено донирањето на гардероба, ако претходно се донирало 20 тони, оваа година се донирани 40 тони гардероба, но за жал голем дел од донираната гардероба не е употреблива.

-За жал морам да констатирам дека голем дел од гардеробата што се вади од контејнерите не е употреблива. Апелирам до граѓаните да го донираат само тоа што сметаат дека може да продолжи да се носи. Сепак е важно да го зачуваме достоинството на тие на кои им нудиме помош, апелира Сандра.

Црвениот крст најавува нов проект наменет за старите лица кој што се вика „Копче“, а кој ќе функционира со притискање на копче со кое ќе може да алармираат кога им треба помош од волонтерите на Црвениот крст.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот