Хонг Конг донесе контроверзен закон за национална безбедност, реагираа ОН и ЕУ

Знамиња на Кина и Хонг Конг/ Фото: Liau Chung-ren / Zuma Press / Profimedia

Европската унија и Обединетите нации рекоа дека новиот закон за национална безбедност на Хонг Конг е длабоко загрижувачки и може да ги наруши основните слободи во градот под кинеска управа.

„Алармантно е што таков закон беше протуркан преку забрзана постапка и покрај сериозната загриженост за неусогласеноста на многу негови одредби со меѓународното право за човекови права“, рече во соопштението на високиот комесар на Обединетите нации за човекови права, Фолкер Турк.

Тој ги даде коментарите откако пратениците од Хонг Конг едногласно го одобрија новиот предлог-закон само две недели откако беше првпат претставен.

Лидерот на Хонг Конг Џон Ли рече дека новиот закон стапува на сила во сабота и го нарече „историски момент“.

Правниот пакет, познат како член 23, казнува прекршоци како предавство, саботажа, бунт, кражба на државни тајни, странско мешање и шпионажа со казни кои се движат од неколку години до доживотен затвор.

Во изјавата на Турк се вели дека широко дефинираните и нејасни одредби на законот би можеле да доведат до „криминализација на широк опсег на однесување заштитени со меѓународното право за човекови права, вклучително и слободата на изразување, мирно собирање и правото на примање и пренесување информации“.

Велика Британија соопшти дека законот ќе влијае на репутацијата на Хонг Конг како меѓународен град кој го почитува владеењето на правото, има независни институции и ги штити слободите на своите граѓани.

Кина во средата ја повика Британија да престане со „неосновани обвинувања“ за законот, се вели во соопштението на нејзината амбасада во Лондон.

Кинескиот државен совет за прашања на Хонг Конг и Макао рече дека законот „ќе го обезбеди просперитетот и стабилноста на Хонг Конг“, како и ќе ги заштити интересите на странските инвеститори, демократијата и слободата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот