Хаварисаните возила во Центар ќе одат во старо железо

Хаварисаните возила и старите приколки, кои со години стојат оставени и заборавени по паркиралишта на територијата на Општина Центар, ќе бидат бесплатно подигнати и ќе се продаваат како старо железо, а парите ќе му бидат дадени на сопственикот. Доволно е тој само претходно да се јави во ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и да пријави дека сака да се ослободи од своето неупотребливо возило.

Во рамките на проектот „И отпадот има вредност!“ ЈП ПОЦ ја почна кампањата „Да го исчистиме Центар од хаварисани возила“, со цел да се ослободат паркинг местата и јавните површини на територија на Општината кои се зафатени со нефункционални возила и приколки.

– Хаварисаните и напуштени возила и приколки, со согласност на сопственикот, ќе се отстрануваат од јавните површини во Општина Центар и бесплатно ќе се носат во депото на друштвото за производство, трговија и услуги „Васкони скрап“ ДОО-Скопје. Потоа тие ќе ги сечат и ќе ги продаваат како старо железо, а за тоа сопствениците на возилата ќе добијат надоместок од фирмата според нивниот ценовник за откуп на отпад од хаварисани возила – информираат од ПОЦ.

Од денеска ќе функционира и посебна телефонска линија 075 476 762, каде што центарци ќе можат да ги пријавуваат своите стари автомобили, а како што тврдат од ПОЦ, Пајак-службата ќе интервенира веднаш по добивање на повикот.

Кампањата што започнува во Центар е прва поорганизирана акција за отстранување на хаварисаните возила од јавните површини во Скопје за кои досега ниту Град Скопје ниту другите општини не смислиле што ќе преземат. Досега општинските комунални редари оставаа специјални налепници со кои ги опоменуваа сопствениците дека тие самите треба да ги отстранат старите возила.

Стотици неупотребливи возила, но и стари приколки, се оставени по тротоарите и паркиралиштата низ Скопје. Само на територијата на Општина Центар, според евиденцијата на ЈП „ПОЦ“ има 236 вакви автомобили, во Карпош 100, во Аеродром 75, а слична е состојбата и во другите општини.

Проблемот што општините го имаат со хаварисаните возила е стар со години и досега се покажа нерешлив. Општинските раководства се правдаат дека се немоќни  затоа што законите не им овозможуваат целосна ингеренција за да можат да интервенираат, но проблем е и фактот дека во Скопје нема соодветна локација каде можат да се носат ваквите автомобили.

Градоначалникот Петре Шилегов пред неколку месеци на седница на градскиот Совет предложи да се усвои одлука за меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и десетте скопски општини за отстранување напуштени, хаварисани и нерегистрирани возила од јавните површини.  Се предлагаше „пајаците“ на ЈП „Градски паркинг“ да се користат за отстранување на напуштените возила во сите општини, освен во Центар каде оваа услуга би ја извршувал ПОЦ. Како депо, каде што времено би се складирале хаварисаните автомобили, се предлагаше одредена локација во Драчево.

Одлуката не беше усвоена по жестокото противење на советниците од опозицијата, кои сметаа дека создавањето голема депонија од хаварисани возила, сериозно ќе ја наруши животната средина и квалитетот на живот на жителите на Драчево и Батинци.

Оттогаш до денес проблемот повторно не се споменува ниту се нуди некакво решение. Можеби акцијата што започнува во Општина Центар ќе им даде идеја и на другите општини, но и на Градот Скопје, дека можат нешто да преземат, наместо да се остава на свеста на граѓаните што поседуваат хаварисани возила, самите да ги отстранат од јавните површини низ Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот