„Гугл“ под лупа на Европската комисија за начинот на кој развива модели на вештачка интелигенција
Европската комисија објави започнување антимонополска истрага против „Гугл“ за да испита дали компанијата ги прекршила правилата за конкуренција на ЕУ. Истрагата се фокусира на тоа дали „Гугл“ користел содржина од издавачи на веб-страници, како и видеа објавени на „Јутјуб“, за цели на вештачка интелигенција, влијаејќи на конкуренцијата и оптоварувајќи ги креаторите на содржини, објави Гардијан.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Комисијата ќе испита дали „Гугл“ „ја нарушува конкуренцијата со наметнување нефер услови на издавачите и креаторите на содржини или со тоа што си дава привилегиран пристап до овие податоци, со што ги ограничува можностите на конкурентските модели на вештачка интелигенција“.
Според Комисијата, „Гугл“ можеби користел содржина од издавачи на веб-страници за да понуди услуги за вештачка интелигенција на страниците со резултати од пребарувањето, без да обезбеди соодветна компензација за издавачите и без да им даде можност да се откажат од користењето на нивната содржина.
Истрагата се протега и на употребата на видеа и друга содржина што ја поставуваат корисниците на Јутјуб за обука на моделите на вештачка интелигенција на „Гугл“. Комисијата е загрижена што компанијата не им компензира на креаторите на оваа содржина и не им дава можност да се откажат од користењето на нивните податоци.
Истрагата следи по лансирањето на нови резултати од пребарувањето што ја користат вештачката интелигенција, кои се чини дека влијаеле на сообраќајот кон новинските веб-страници, намалувајќи го сообраќајот кон нив.
„Гугл“ беше казнет со речиси три милијарди евра во септември за злоупотреба на својата доминантна позиција во онлајн рекламирањето.


