Грузија го врати Саакашвили во затвор, тој се жали дека животот му е загрозен

Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили повторно тврди дека му е загрозен животот, откако властите го извадија од клиниката „Вивамед“ и без најавa го вратија во затвор – потег што го пренесуваат и руските медиуми, меѓу кои и РИА Новости.

Саакашвили беше префрлен во оваа медицинска установа во 2022 година, по долг штрајк со глад што го започна во затворот по неговото апсење. Во тој период, неговите адвокати и мајка му тврдеа дека анализите покажале „зголемено присуство на тешки метали, меѓу кои и жива“.

Подоцна, директорот на „Вивамед“, Зураб Чхаидзе, излезе со спротивна информација – германската лабораторија Лимбах ги демантирала наводите за труење.

Во ноември 2025 година, затворската служба во Грузија го однесе поранешниот претседател назад во затвор, образложувајќи дека неговата здравствена состојба се подобрила. Но, самиот Саакашвили тврди дека е токму спротивното.

„Одеднаш и без предупредување ме пренесоа во затворот Рустави, каде повторно ги видов истите луѓе што ме отруја во март 2022. Со чудо останав жив, а последиците од тоа труење ги носам и денес. Благодарен сум им на лекарите од ‘Вивамед’ кои се бореа за мене“, изјави тој.

Саакашвили е убеден дека зад ваквата одлука стојат политички мотиви.

„Целта е да се застрашат моите поддржувачи. Воедно се испраќа сигнал кон Западот и кон Украина, каде што и натаму претседавам со реформскиот совет на Зеленски“, посочи тој. Според него, Тбилиси со овој потег им порача на Европејците и Американците дека претходно дадените гаранции за неговата безбедност веќе не важат.

Медиумите потсетуваат дека против Саакашвили се водат постапки по пет основи, вклучувајќи проневера на јавни средства и незаконско преминување на границата. Според важечката пресуда, неговата затворска казна трае до 2034 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот