Група музиколози направија периодизација на македонската забавна музика

Музиколозите м-р Весна Малјановска – координатор на проектот, м-р Елени Новаковска, д-р Јулијана Папазова и проф. д-р Александар Трајковски направија периодизација на македонската забавна музика од почетоците до 2020 година, а резултатите ги презентираа на трибина што се одржа на 1 ноември во МКЦ.

Забавната музика е еден од главните фактори во идеолошкото прифаќање на масовната култура и индустријата на забава. Пренесувана низ различни медиуми таа е лесно достапна и интересна, но во однос на музичката анализа и музиколошките осврти, забавната музика во научните трудови е многу ретко застапена. Една од причините за тој факт е што долги години била сметана за музика со низок квалитет.

Денес размислувањата се сосема поинакви. Популарната музика има свои историски и естетски вредности кои се развиваат во одреден период и место. Согледувајќи го она што недостасува во музичките научни трудови, а е од значење за развојот на македонската музичка историја, група музиколози одлучија да направат опсежно истражување на македонската забавна музика.

– Истражувањето „Периодизација на македонската забавна музика од почетоците сѐ до 2020 година“ има за цел да ги прикаже периодите во кои се појавила, развивала и опстојувала забавната музика. Со истражувањето се опфатени интерпретаторите, авторите (композитори, текстописци и аранжери), како и диригентите и оркестрите. Со посебен интерес пристапивме и кон мелодиите што се изведувале во овој период и очекуваме до крајот на истражувањето да направиме целосен преглед на она што се изведувало.

Заради опсежноста на темата истражувањето е поделено во неколку фази: од појавата на забавната музика до 80-тите години од минатиот век; од 80-тите години до 1991 година; од 1991 до 2000; и 2001 до 2020 година – објасни м-р Весна Малјановска, координатор на проектот.

Во истражувањето учествуваат музиколозите м-р Весна Малјановска, д-р Јулијана Папазова, проф. д-р Александар Трајковски и м-р Елени Новаковска

Првата фаза од истражувањето била насочена кон периодот од појавата на забавната музика до 80-тите години од минатиот век. Бидејќи станува збор за долг временски период полн со историски промени, се појавила потреба истражувањето да го проучи и анализира секој период поединечно.

Затоа првиот дел од истражувањето е поделено во неколку категории и тоа: од самите почетоци до крајот на Втората светска војна, потоа периодот од 1944 година до формирањето на Скопскиот фестивал (период во кој има многу музички активности и учество на македонските интерпретатори на југословенските фестивали „Опатија“, „Омладина“, „Загреб фест“, „Белградска пролет“, „Сплитски фестивал“), а посебна категорија се и музичките програми на радиото, кои одиграле многу значаен момент во развојот на забавната песна кај нас.

Појавата на Скопскиот фестивал во 1968 година носи нов развоен пат на забавната музика, а тој е надграден и со телевизискиот медиум, кој овие настани ги прави достапни за минатите, сегашните и за идните генерации.

Поради широкото територијално делување на македонските композитори, интерпретатори и диригенти, научното истражување се одвивало во Македонија, Хрватска и Србија. Документи биле откривани во архивите и библиотеките во Македонија, Универзитетската библиотека „Свети Климент Охридски“, библиотеката „Браќа Миладиновци“, Архивот на Југославија во Белград, „Матица српска“ во Нови Сад, Свеучилишната библиотека во Загреб.

Податоците биле собирани од објави во весниците „Вардар“, „Македонски глас“, „Целокупна Бугарија“, „Нова Македонија“, „Екран“, „Млад борец“, „Студио“, „Арена“, „Вечерни лист“. Базата на податоци е поткрепена и со бројни интервјуа, фотографии, видео и аудио материјали.

Проектот „Периодизација на македонската забавна музика“ е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија. Овој детален труд во иднина се очекува да прерасне во монографија за македонската забавна музика, како сведоштво на едно време исполнето со ентузијазам и енергија насочена кон создавањето на популарната музика кај нас.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 104, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7 ноември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот