Груевски доби 6 години затвор за „Талир 2“, ќе се конфискува „Белата палата“

Екс премиерот и бегалец Никола Груевски, „Белата палата“ на ВМРО-ДПМНЕ / Колаж: Слободен печат / Фото: Архива на Слободен печат

Екс премиерот Никола Груевски е осуден на шест години казна затвор во аферата „Талир 2“, а второобвинетиот, поранешен владин генерален секретар Кирил Божиновски, е осуден на условна казна од две години. Двајцата се виновни за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ во случајот.

Судечкиот совет од скопска единица одлучи да го конфискува и партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, но и недвижниот имот низ државава кој од страна на сега осудените и партијата бил купен за партиски потреби.

– Никола Груевски и Кирил Божиновски виновни се бидејќи ја искористиле функцијата за да обезбедат ново партиско седиште за партијата ВМРО- ДПМНЕ. Фирмата Бетон која била ангажирана го изградила само објектот на партијата, а не и својот дел кој според договорот требало да биде хотел – истакна судијката Даниела Алексовска Стојановска.

Овој предмет се однесуваше за незаконската градба на партиската зграда на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје.

Токму оваа партиска зграда според судот вреди околу седум милиони евра.

– Обвинетиот Кирил Божиновски постапувал по одредбите на Никола Груевски – рече во завршната реч судијката Алексовска – Стојановска.

Во овој судски предмет беа обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, и поранешниот генерален секретар на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски.

Тие беа обвинети за злоупотреба на службената положба, при што овозможиле правното лице ДГ „Бетон“ АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, во времето кога фирмата имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија, спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.

Предметот го водеше судијката Даниела Алексовска Стојановска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Љубомир Лапе.

Судскиот совет во овој предмет за 2 години и четири месеци колку што траеше судењето одржа вкупно 55 рочишта, а беа сослушани 40 сведоци на двете страни.

Главната расправа за предметот заврши вчера со завршни зборови на второобвинетот во случајот „Талир 2”, Кирил Божиновски кој упати критики до Основниот Кривичен суд – Скопје дека во текот на судењето за овој предмет му се прекршени неговите права. Тој негираше дека договарал или преговорал со АД – Бетон за изградба на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и нагласи дека со изведените докази од Обвинителството не е поткрепено обвинението.

Aдвокатот Горан Каркински, кој беше назначен по службена должност да го брани првоообвинетиот Никола Груевски во својата завршна реч истакна дека во текот на судењето Обвинителството не презентирало ниту еден доказ или сведок, за тоа за што го обвинува Груевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот