Амбуланта , шалтер , болни луѓе - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Амбуланта , шалтер , болни луѓе - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Грипосани деца и млади ги исполнија речиси сите кревети во „Козле“, хоспитализирани се и доенчиња

Грипот алармантно галопира во Македонија. Изминатата недела, тврдат надлежните – оваа здравствена состојба го достигнала пикот.

-За ваквата состојба придонесоа и Новогодишните и Божиќните празници кога имаше интензивни дружења, претстави и приредби за децата во затворен простор. Во нашата клиника на дневно ниво амбулантски се прегледуваат и до 250 пациенти, а хоспитализирани се околу 90 деца со што болничкиот капацитет е речиси комплетно исполнет – изјави за „Слободен печат“ директорката на ЈЗУ УК за респираторни заболувања кај децата „Козле“ професор доктор Катерина Бошковска.

Опишувајќи ги симптомите на грипот, таа вели дека тие вообичаено започнуваат нагло, со зголемена телесна температура, болки во грлото, болки во мускулите и во зглобовите, носна секреција и сува кашлица. Во болницата „Козле“ хоспитализирани се пациентите кои што ги имаат компликациите од грипот а тоа се дехидратација, пневмонија и бронхоопструкции.

-Неколку деца се и на кислородна поддршка со маска а останатите се стабилни. Има хоспитализирани и доенчиња со бронхолити од респираторен синцицијален вирус –  вели директорката.

Таа препорачува родителите да избегнуваат собири во затворен простор, да се одржува личната хигиена со често миење на рацете, да се дезинфицираат површините а исхраната да биде богата со свежи овошје и зеленчук, како и да се престојува на чист воздух.

-При појава на симптоми на грип, децата да не се носат во градинка туку да се изолираат. Да се одржува добра хидрација со зголмен внес на течности, да се даваат лекови за покачена температура и разладување. Ако симптомите траат повеќе од 3-4 дена или прогресираат со појава на интензивна кашлица, забрзано или отежнато дишење, тогаш да се побара лекарска помош на матичен лекар или во дежурните педијатриски пунктови. Доколку состојбата е сериозна и потребно е болничко лекување, да се упатат во нашата установа – додаде за „Слободен печат“ доктор Бошковска.

Директорот на Клиниката за инфективни болести доктор Фадил Цана за „Слободен печат“ рече дека бројот на хоспитализации поради грипот е низок на оваа Клиника и се должи претежно поради други здравствени состојби што ги имале пациентите а грипот само се надоврзал на нив.

-Бројот на амбулантски прегледи е зголемен, а после празниците се очекува да расте, но останува да видиме дали ќе стигнат кај нас или ќе завршат кај матичните лекари. Немаме тешки случаи на прием во Инфективната клиника. Хоспитализираните со грип се бројат на прсти, меѓу 5 и 10 но имаат коморбидитети како хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), ги пропуштале лековите и фатиле во меѓувреме грип. Претежно прегледите се амбулантски и ниеден пациент на Инфективната клиника не е на механичка вентилација поради грип, изјави за „Слободен печат“ доктор Цана. 

Институтот за јавно здравје традиционално ја следи состојбата со грипот во Македонија. Евидентно е дека во неделата пред Нова Година од 22 до 28 декември пријавени се вкупно 771 случаи на заболени од грип и од заболувања слични на грип. Тоа е зголемување од 2,5 пати споредено со неделата пред тоа.

Споредено со истата недела минатата сезона, бројот на пријавени со грип е зголемен 3,4 пати. Од пријавените,  455 лица се на возраст од 15-64 години, 175 се деца на возраст од 5-14 години, 73 кај деца на возраст од 0-4 години и 68 пријави се за лица над 65 години.  Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 5 до 14 години.

-Во сезоната 2025/2026, вкупниот број на случаи на грип и заболувања слични на грип изнесува 2.100. Во споредба со истиот период минатата сезона, бројот на случаи е двојно зголемен а во однос на моделот од последните 15 сезони се регистрира зголемување од 8,9 проценти, велат од Институтот за јавно здравје.

Според податоците на Институтот за јавно здравје, најмногу пријавени случаи на грип има во Скопје, а потоа следуваат градовите Тетово, Велес, Гостивар и Куманово.

Целиот зимски период е добра прилика да се практикуваат некои општи мерки за заштита од грип кои ги срочи Институтот за јавно здравје. Меѓу нив, треба да се избегнува близок контакт со луѓе кои се болни или сомнителни – кашлаат, киваат, имаат покачена телесна температура, да се загреваат просториите за престој и често да се проветруваат.

-Препорачливо е топло, слоевито облекување, топли бањи. Да се пијат топли напитоци (чаеви и супи), овошни цедени сокови, вода со лимот. Да се земаат свежи продукти богати со витамини и минерали, најдобро овошје и зеленчук кои му се неопходни на организмот. Особено се пожелни продукти богати со витамин Ц (цитрони, лимони, портокали). Доколку не се располага секогаш со свежи прехрамбени продукти, може да се користат и мултивитамински напитоци и препарати – советуваат од Институтот за јавно здравје. 

Покрај тоа, помага и практикувањето здрав начин на живот и здравите навики, вклучително и добар сон и одмор, здравата храна, одржувањето на физичката и психичката активност и намалувањето на стресот.

-Силниот имунитет ќе ви помогне да останете здрави или полесно да се справите со грипот и со заболувањата слични на грип. Сепак, дури и да сте совршено здрави и да имате силен имунитет, може да заболите од грип или слично заболување – појаснуваат од ИЈЗ.

Болните од грип треба да останат дома, да не одат на работа во училиште или на места каде има многу луѓе, да одмораат и да земаат многу течности и лесна храна, да не примаат посети, често да ги проветруваат просториите во кои престојуваат.

-Ако имате над 65 години или ако имате хронични заболувања или доколку симптомите на болеста се влошуваат или траат повеќе денови, побарајте лекарска помош – советува Институтот за јавно здравје.

Оваа сезона Министерството за здравство обезбеди бесплатна четиривалентна вакцина против грип од холандскиот производител „Абот“ во рекордни 80 илјади дози. Од нив преостанати се само 3 илјади вакцини кои се неискористени и граѓаните без закажување може да ги добијат во здравствените домови, порача министерот за здравство Азир Алиу.

Според податоците од Управата за електронско здравство („Мој Термин“) од почетокот на вакцинацијата вакцинирани се 77 илјади граѓани од ризичните категории со бесплатни вакцини. Освен овие дози кои беа наменети за лицата над 65 години, лицата со хронични болести, здравствените работници, бремените жени и децата на возраст од 6 месеци до 5 години, имаше и комерцијални вакцини против грип кои може да ги купи секој останат граѓанин. Центрите за јавно здравје набавија 2.400 дози комерцијални вакцини кои може да се добијат по цена од 700 денари за доза. Според податоците од Управата за електронско здравство со комерцијални вакцини се вакцинирани 1.810 лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот