Грција и Турција се караат кој ги остави мигрантите голи кај реката Еврос

Голи мигранти оставени кај Еврос/Фото: Министерство за цивилна заштита на Грција

Вчера грчката полиција пронајде 92 мигранти, без никаква облека на себе, во близина на реката Еврос (Марица) и ја обвини Турција за нехуман однос кон мигрантите.

-Турција продолжува отворено да ги користи имигрантите, да ги крши човековите права, да го крши меѓународното право. Вчера нејзината провокација ги надмина сите граници, кога полицајци на Одделот за гранична стража, во соработка со Фронтекс, спасија вкупно 92 илегални имигранти од брегот на реката Еврос, кои беа оставени на местото на настанот целосно голи и без никаква облека и работи на себе. Конкретните лица, како што и самите изјавија на грчката полиција, со три возила на турските власти биле пренесени до Еврос, а потоа ги качиле на пластични чамци за да преминат на грчка страна, соопшти грчкото министерство за цивилна заштита.

Министерот за цивилна заштита, Такис ​​Теодорикакос вчера го осуди однесувањето на Турција на Советот на министри за внатрешни работи и јавен ред во Луксембург, истовремено информирајќи го надлежниот еврокомесар за секојдневните предизвици, презентирајќи аудио-визуелен материјал.

Додека Грција ефективно ги штити своите граници, покажувајќи почит кон човечкиот живот, Турција продолжува да го игнорира не само меѓународното право, туку и основното човечко однесување, рече тој.

Денеска во изјава за грчката СКАИ телевизија Теодорикакос настанот го коментираше како уште една од турските провокации.

„Во Еврос има секојдневни закани, преку варварска експлоатација на илегални имигранти од страна на Турција, што систематски создава проблем по целата река Еврос. Вчерашниот настан е навистина шокантен. Тоа е нечовечка слика. Тоа е варварско однесување кое се однесува на средниот век, а не на 21 век. Повеќето од 92 илегални имигранти кои беа пронајдени голи се Авганистанци, но има и некои Сиријци. Тие им опишале на офицерите на Фронтекс дека со три возила на турската жандармерија биле пренесени до Еврос. Мора да се бара објаснување од Турција за нејзиното справување со имиграцијата, рече министерот.

Од друга страна Турција негира каква било вмешаност во инцидентот на реката Еврос.

„Не можејќи да пронајдете ниту еден случај на прекршување на човековите права од Турција, вие се обидувате да ја прикажете сликата за сопствената суровост како да е извршена од Турција”, напиша турскиот заменик министер за внатрешни работи Исмаил Чатакли на Твитер и ја повика Грција да престане со „манипулации и нечесност”.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот