Граѓаните „бомбардирани“ од политички спотови: Партиите играат на будење на емоциите кај граѓаните

Како се ближи изборниот ден, 15 јули, партиите се повеќе ги вклучуваат своите реклами спотови. Во изборната кампања за предвремените 10. парламентарни избори учествуваат 15 политички субјекти кои со своите видеа секојдневно ја „бомбардираат“ јавноста, надевајќи се дека ќе им помогнат да освојат глас повеќе. За таа цел, граѓаните веќе шести ден се сведоци на смешни, глупи, сериозни, или вознемирувачки видеа, во кои најчесто се напаѓа противникот. Има и партии кои сериозно ја сфатиле улогата на видео спотовите, па преку нив на граѓаните им ги нудат своите проекти и визии за подобро утре, коментираат познавачите.

Слободен печат праша експерти по комуникологија – дали видео спотовите можат влијаат врз конечната одлука врз граѓаните на овие избори. Нашите соговорници се согласни дека влијанието е минимално, бидејќи граѓаните се презаситени од политички пораки.

Според комуникологот Сеад Џигал, кој е предавач на Меѓународен балкански универзитет, во видео спотовите на партиите за овие избори доминираат два стила, стандардни спотови за промовирање на изборната програма, кандидатите, плановите или на сработеното, и втор тип, сценски или актерски спотови, т.е. еден вид на политички скечеви. Првите се позастапени кај владејачката коалиција, додека опозицијата повеќе го користи вториот тип. Тој смета дека потенцијалот за влијание на видео спотовите во одлуките на гласачите е голем, тие можат да бидат многу впечатливи, да ги засилат слоганите за изборите и да постигнат силен комуникациски и визуелен ефект врз гласачите.

Сеад Џигал, комуниколог

– Сепак, во услови на пандемија и во наш домашен медиумски контекст, каде доминира постојана кампања, особено преку интернет и социјалните мрежи, политичката поларизација и имаме презаситеност од партиска пропаганда, ефектот на видео спотовите врз гласањето речиси да е минимален. Без разлика на стилот, тие главно повторуваат веќе утврдени политички пораки, нарации или етикети за противникот. Во нив повеќе се визуелизира политичкиот стил на комуницирање, отколку што се презентира нова идеја или информација што може да влијае врз гласачот. Малку се посветува внимание на подобро запознавање на човечката страна на кандидатите. Овие спотови најмногу влијаат врз сопственото гласачко тело како да се толкува политичката реалност и учесниците во изборите. Шеговитите скечеви имаат двоен ефект, потенцијална мобилизација на сопственото гласачко тело, но и можен контра-ефект кај другите гласачи кои моат да ги доживеат како претерано банализирање на изборите, вели Џигал.

Според уредникот на порталот за јавна отчетност и транспарентност Vistinomer.mk, кој го издава Фондацијата Метаморфозис, Владимир Петрески, видео спотовите отсекогаш играле важна улога во изборните кампањи, иако според истражувањата, поголем дел од гласачите веќе се имаат определено за кого ќе гласаат уште пред почетокот на предизборната кампања. Тој предупредува дека дел од спотовите вријат од спинови, манипулации,  невистини, злоупотреба на податоци и неточно или манипулативно претставување.

Владимир Петрески, уредник на сајтот Вистиномер.мк

– Видео спотовите имаат големо влијание кај оние неодлучните, кои, иако се во помал број, го претставуваат она „јазиче на вагата,“ односно оној број на гласачи кој ги одлучува изборите и му овозможува на победникот да ја обезбеди онаа минимална разлика, минимална предност што ја обезбедува победата, вели Петрески.

А како  технологијата станува понапредна, политичките партии се повеќе ја сфаќаат силата на медиумите, па поумешно ги користат за да стигнат до повеќе гласачи. Но, на ваков начин тие ја зголемуваат и шансата нивните спотови да бидат исмевани од гледачите, посочува Петрески. Со новите електронски медиуми тие не се само пасивни, туку можат и да  реагираат преку коментари со што може да дојде и до манипулација. Па така лошите политички спотови, и оние кои не се професионално направени, лесно се наоѓаат на мета на хакери кои можат да го исмеат. Во ситуација на пандемија, каде е отежната директната комуникација со гласачите, квалитетните политички видеа,  со лесно сфатлива пораки, сѐ уште поважни бидејќи нема да може да  бидат лесно искористени  за правење на потсмешливи пораки, спротивни од оригиналниот спот, додава тој.

– Спотот на ВМРО-ДПМНЕ со наведнати граѓани, кои би требало да симболизираат некакво наведнување на главата и понижување на граѓаните, може да се фати како ефективна порака од страна на оној сегмент од гласачкото тело кој се спротивставува на Преспанскиот договор, потпишан со Грција, со кој се разреши три деценискиот спор околу името. Но, за оние кои имаат позитивен став за овој договор ваквиот спот може да значи продлабочување на теориите на заговор против македонскиот народ, кои се невистинити зашто Преспанскиот договор и неговото потпишување беа поздравени од сите западни сојузници, членките на ЕУ и НАТО. Овој спот на ВМРО-ДПМНЕ беше предмет на потсмев кај поширок круг на граѓани, – вели Петрески.

Според комуникологот Бојан Кордалов оваа изборна кампања изобилува со партиски спотови кои  се обраќаат на сосема различна публика.

Бојан Кордалов, комуниколог

– ТВ спотовите кај двете најголеми политички партии се така конципирани да се обраќаат на дијаметрално спротивна публика. ВМРО-ДПМНЕ има за цел да ги „разбуди“ буквално сите незадоволства кај граѓаните со цел да се прикаже како вистинска алтернатива за освојување на власта. СДСМ, пак, конечно ги нотира или сублимира сите владини постигнувања и успеси во изминативе 3 години, а тоа е нешто што владиниот ПР тим требаше многу поактивно да го работи изминативе години. Тие, во оваа кампања, се обидуваат да ги мотивираат сите граѓани кои се уште се исплашени од децениското владеење на Никола Груевски, но се чувствуваат разочарано, особено во делот на неисполнетите очекувања кај владеењето на правото. И двете партии играат на будење на емоциите кај граѓаните, а (зло)употребата на коронакризата од страна на двата големи политички блока е најдобрата потврда за ваквиот однос и преземањето на сите средства со цел по секоја цена да се освои или задржи власта – вели Кордалов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот