Градскиот превоз како маѓепсан круг, никаде нема излез кон подобро
ЈСП минатата година ја заврши со 1,5 милиони евра долг кон приватните превозници. Доколку претпријатието не успевало досега да исплати ни 69 денари за изминат километар, како тогаш може да се очекува дека на приватниците би им исплаќало повисока сума.
Катастрофалната состојба во која се наоѓа градскиот превоз во Скопје набрзо нема да се смени, затоа што за тоа не можат да помогнат ни шесте нови автобуси што треба да се донесат во градот, ниту пак врз подобрување на превозот ќе влијае евентуалното исполнување на барањето на приватните превозници за зголемување на цената за превоз од изминат километар.
На превозот му требаат сериозни промени, затоа што со години ништо не се прави во таа насока, а ветувањата што сегашната градоначалничка Данела Арсовска ги даваше во предизборната кампања, досега не се исполнети. Нема ниту 250 нови еколошки автобуси, ниту бесплатен превоз, ниту пак ќе ги има до крајот на нејзиниот мандат. И за тоа не се виновни само советниците што не гласаат набавка на нови автобуси, затоа што според програмата „За модерно Скопје“, тие требаше да се обезбедат со помош на централната власт и меѓународни партнери, а не од средства на градскиот буџет или со кредитно задолжување на Градот. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција не гласаат ниту за воведување БРТ.
Па, така, јавниот градски превоз, кои со години е оставен да пропаѓа, а друг алтернативен во Скопје нема, сега е ужасен. Стари возила, кои честопати откажуваат при возење, мал број автобуси, непочитување на возниот ред, секојдневни нервози на граѓаните. Никој веќе не може навреме да стигне на работа или на училиште, а притоа треба да биде подготвен дека во незамисливите утрински гужви во возилата, кога едвај се затвараат вратите и автобусите поради преполнетост не застануваат на станици, доколку успее да влезе ќе треба да стои на една нога и да не дише.
Но, во моментов, таквите автобуси на ЈСП „Скопје“ се единственото нешто што им се нуди на скопјани. Приватните речиси шест месеци возат кога сакаат, наутро, напладне, ниту почитуваат возен ред, ниту договорените обврски со Град Скопје. Вчера одново најавија дека ќе возат само попладне после 17 часот сѐ додека Советот на Град Скопје не се согласи да ја зголеми цената за изминат километар превоз. Потоа, ветуваат дека не само што редовно ќе возат туку и нивните стари нееколошки автобуси, кои се под сите стандарди за јавен превоз, ќе ги заменат со еколошки климатизирани автобуси.
Нема превоз по стара цена за километар, приватните превозници и понатаму ќе возат само попладне
По вчерашната прес конференција на приватните превозници, денеска се огласи Град Скопје и повторно вината ја префрли кон советниците на ВМРО-ДПМНЕ.
Приватните превозници редуцирано сообраќаат поради револт за неразгледување на нивната иницијатива за која може да расправа и да донесе одлука единствено Советот на Град Скопје. Тие имаат доставено барање до претседателот на Советот на град Скопје Трајко Славевски пред неколку месеци, кое според Деловникот за работа на Советот на град Скопје требаше да биде ставена на разгледување пред советниците во Советот веднаш без одлагање. За жал, тактиката на мнозинството во Советот да се креира незадоволство и предизвика хаос за граѓаните на градот Скопје, преку спречување набавка на нови еколошки автобуси и обидот за девастирање на јавниот превоз со неисплаќање на долгот кон ЈСП од 8 милиони евра кој го има Владата за превоз на студентите и студентскиот стандард – соопштија од Градот и го повикаа Славески веднаш да ја стави иницијативата на дневен ред на седница.
Но, оттаму не објаснуваат кој ќе им го плати долгот на приватните превозници. Државниот завод за ревизија при ревизијата што ја направи во ЈСП констатираше дека претпријатието не може да обезбеди квалитетен превоз за граѓаните, но утврди и големи долгови кон превозниците, односно на крајот од 2023 година ЈСП им должел дури 1,5 милиони евра. Доколку ЈСП не успевало досега да исплати ни 69 денари за изминат километар, како тогаш може да се очекува дека на приватниците би им исплаќало повисока сума.
Колку за потсетување, договорот со трите групации на приватни превозници беше склучен во мај минатата година, откако по протестот на превозниците од „Слободен превоз“ и „Макекспрес“, Арсовска им ги прекина договорите и ги остави граѓаните шест месеци без приватни автобуси. После неколку објавени јавни огласи, таа конечно се договори со приватниците и склучи нови договори. Поточно договорот беше склучен помеѓу ЈСП и превозниците, со што 105 нивни автобуси се вклучија во превозот, особено на линиите кои само тие ги опслужуваат – 23, 45, 61, 63, 73, 9, 11, 11A, 12, 47A, 55, 19, 20, 22, 52 и 54. Се пофалија и дека на овие линии ќе возат модерни еколошки автобуси, што не се случи.
Со новиот начин на работа и стандардизацијата во јавниот превоз, граѓаните ќе добиваат квалитетна и навремена услуга, а буџетите на Град Скопје и ЈСП Скопје ќе бидат заштитени од злоупотребите и самоволието кое во минатото било практика – соопштија тогаш од ЈСП.
Потоа, заради лошата финансиската состојба во која континуирано се наоѓа ЈСП, не им се исплаќаше навреме на превозниците за услугата што ја вршат кон граѓаните, па скопјани повторно останаа без превоз кога им е потребен, а добија само попладне, кога автобусите и не се толку неопходни.
Зошто Арсовска сега не ги прекинува договорите со приватните превозници иако тие не ја исполнуваат договорената обврска, не е познато, затоа што од Град Скопје веројатно сметаат дека ова е едно од прашањата коо не заслужуваат одговор.
И додека работата, на штета на граѓаните, се врти во „круг“ од кој засега нема излез, наскоро доаѓа времето кога Градот повторно ќе му додели стотици милиони денари субвенции на јавното сообраќајно претпријатие, кои ЈСП ќе ги троши за плати.
А скопјани и понатаму ќе очекуваат некакви подобри времиња кога достоинствено ќе можат да се возат во автобус, кој нема да крцка, смрди и откажува и кога ќе можат да му веруваат на возниот ред, наместо да чекаат по еден час автобус. Како што стојат работите, дотогаш ќе се изначекаат.