Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје учествуваше на Третиот форум на библиотечната унија во Кина

Македонска делегација на Форумот во Кина

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје имаше одлично претставување на 3. Форум на библиотечната унија на земјите од Централна и Источна Европа и НР Кина. Форумот се одржа во кинескиот град Нанјинг во периодот од 21 до 24 октомври.

На форумот, Библиотеката беше претставена од директорката Снежана Стојчевска и Ивона Џаматовска Јанкуловска, виш библиотекар. Тие, заедно со Јелена Петровска – библиотекар советник од НУУБ „Свети Климент Охридски“ од Битола, беа единствените претставници од Македонија на еден од најзначајните библиотекарски, и воопшто, културни случувања во светот.

На стручниот панел Џамтовска Јанкуловска говореше на тема „Иновативна промоција на избраната литература“, а директорката Стојчевска го претстави краткиот видеозапис за најстарата книга од фондот,„Басни“ од Езоп од 1566 година. Во официјалниот билатерален дел Стојчевска оствари неколку значјани средби и посети.

Лиу Донг, генералниот секретар на Библиотечната унија, кој воедно е и директор на јавната библиотека од Хангџу, пред директорката на ГБСК го искажа задоволството од заложбите за продлабочување на идните културни разменимеѓу Кина и Македонија, како и зајакнување на меѓусебното разбирање во насока на постигнување културен и цивилизациски напредок.

Со Чен Јун, директорот на библиотека од Нанјинг беше разговарано за прашања од областа на библиотечното работење, како и соработката меѓу двете земји во две значајни области – културата и економијата. Библиотеката од Нанјинг беше домаќин на Форумот, а директор кој е и главен организатор на случувањето на скопската библиотека ѝ подари книга со реплика на старите кинески ракописи.

Македонската делегација ја посети и библиотеката во Шангај, каде што се запозна со принципите на врвната технологија имплементирани во паметни/смарт библиотеки.

Директорката Снежана Стојчевска го претстави краткиот видеозапис за најстарата книга од фондот, „Басни“ од Езоп од 1566 година

– Учеството на Форумот, кој беше организиран на највиско ниво и со многу почести, потоа средбите со директорите на двете библиотеки, како и посетата на библиотеката во Шангај, се големо искуство за нас. Говориме за Кина, земја која има огромна традиција во библиотечното работење, која несомнено многу вложува во култот кон книгата, како и во културата воопшто. Особен предизвик беше да се запознаеме со сите иновации на кои се работи за доближувањето до читателите од новите генерации. Кина и Форумот се уште еден доказ дека книгата и културата на секоја земја се нераскинливо поврзани со нејзината опстојба, но и дека се дел од најважните алатки при меѓународната размена и дипломатија. Чест е што токму Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје беше македонски претставник на овој значаен светски настан – подвлекува Стојчевска.

Библиотечната унија е дел од програмата на Декларацијата Хангџу за културна соработка (2018-2019) помеѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, објавена од кинеското Министерство за култура во септември 2017 година и потпишан од 16 земји. Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје е членка на Унијата од 2018 година, а во 2021 година беше домаќин и на нејзиниот втор форум, вклучен во Програмата за култура на Град Скопје за таа година.

Форумот е еден од најзначајните библиотекарски, и воопшто, културни случувања во светот

Библиотеката како чувар на културното наследство е незаменлива алка во меѓународниот синџир на културна размена. Успешно реализираниот форум за културен развој во 2023 година беше поддржан од Министерството за култура и туризам на Кина. Целта на Форумот и на Унијата е да се зајакне размената и соработката со земјите од ЦИЕ преку промовирање, споделување библиотечни ресурси, како и културна размена и техничка соработка на меѓународната библиотечна заедница, известија од Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот