Градот и уметноста
Уметноста во градот никогаш не била замислена само како украс или дополнување на архитектурата. Таа секогаш била средство преку кое неговите граѓани, а особено неговите владетели, се претставувале себеси и нивниот однос кон јавниот простор, но и системот на вредности во заедницата.
Во квечерината на 13-ти ноември, 1970 година, денот кога се прославува ослободувањето на Скопје, свечено бил отворен Музејот на современа уметност во Скопје. На отворањето на музејот своја реч ќе одржи Блаже Конески кој во својот говор ќе го нарече музејот „белиот лебед над Скопје“. Но, можеби најсилниот мотив во неговиот говор е идејата дека МСУ бил создаден уште пред да започне неговата физичка изградба.
Препорачано
Конески вели дека зградата била создадена од „невидливите нишки на симпатија и човечка солидарност“, формулација што ја претвора архитектурата во морален и хуманистички чин, а градот во место каде се создава, но и чува уметноста. Причината за создавањето на скопскиот музеј произлегува од необичен и речиси уникатен историски момент на постземјотресната обнова. Додека Скопје се обновувало како град на меѓународната помош, уметниците, критичарите, музеите и културните организации од светот почнале да испраќаат дела како гест на солидарност. Меѓу првите донации биле делата на Пабло Пикасо и познатата „Глава на жена“, како и делата што Виктор Вазарели, Александар Калдер, Ханс Хартунг, Џузепе Сантомазо, Петар Лубарда и многу други ги подариле на музејот. Токму оваа почетна збирка ја поттикнала идејата дека обновата на Скопје не треба да биде само техничка, инфраструктурна и урбанистичка, туку и културна и симболичка.
Музејот бил замислен како институција што ќе ја чува меморијата на светската солидарност, но и како активен центар за современа уметност, отворен кон меѓународните уметнички движења. Уметничките дела од колекцијата на музејот, дури и кога се сместени во депото на институцијата, продолжуваат да ја потврдуваат симболичката улога на уметноста во нашиот град и да го обликуваат јавниот, особено уметнички, дискурс. Со тоа, Музејот на современата уметност во Скопје неповратно ја поврзал причината за своето создавање, но и своето постоење, со судбината на градот Скопје.
Во еден друг деструктивен настан, во кој моќта на природата ќе ја обликува историјата на еден град, ерупцијата на Везув во 79-та година од нашата ера, градот Помпеја ќе биде целосно уништен, но, ќе стане и единствен пример во кој животот на еден град е зачуван во целост. Овој запис во времето на еден град сведочи за сеприсутноста на уметноста во градот, потврдувајќи ја нивната поврзаност, без разлика дали се наоѓаат скриени во приватноста на домовите, во полујавните простори на институциите или пак во јавниот простор.
Уметноста во градот никогаш не била замислена само како украс или дополнување на архитектурата. Таа секогаш била средство преку кое неговите граѓани, а особено неговите владетели, се претставувале себеси и нивниот однос кон јавниот простор, но и системот на вредности во заедницата. Од античката агора и римскиот форум до современиот плоштад, мурал, дигитален екран или како најрецентен „уметнички“ израз низ т.н. „инстаграмски“ пејзаж, таа е најдобриот показател на состојбите во едно општество и неговата манифестација како заедница, религиозен поредок, идеологија или економски интерес. Историјата на урбаната уметност е, всушност, историја на односот меѓу јавниот простор, моќта и колективната имагинација.
Во Скопје, во поствоениот период ќе бидат создадени низа дела на јавна уметност, особено во форма на мурали во јавните објекти кои ќе сведочат за создавањето на новиот општествен поредок, но и борбата за независност и ослободување на цела една нација. Особено импресивни ќе бидат, муралот „Фреска за НОБ“ на Борко Лазевски во холот на старата скопска железничка станица, кој за жал ќе биде целосно уништен во земјотресот, но и муралите во Шалтер салата на зградата на Поштата во центарот на градот, за жал исто така уништен, поради човечка негрижа. Еден од позначајните постоечки мурали во јавни објекти e грандиoзниот мурал „Македонија“ во главното фоаје на зградата на МАНУ, кој не престанува да фасцинира со својата одважност, како во историска смисла, така и во неговата недвосмислена еротичност. Покрај Скопје, постојат извонредни примери на уметнички дела во спомениците во повеќе градови низ Македонија. Извонреден пример за опросторување на уметноста е монументалното дело Илинден во Крушево, попознат и како Македониум, каде во низа се редат делата на уметничко-архитектонскиот пар Грабул, од раскинатите пранги и криптата, преку мозаиците во керамопластика на Петар Мазев, витражите на Борко Лазески и внатрешните релјефи на Јордан Грабул. Апстракноста на овие извонредни дела, ќе донесе еден нов израз, но и однос кон уметноста во јавниот простор, потврдувајќи го високото ниво на интелектуална, но и уметничка свесност која е осободена од директните и буквалните нaративи и уметнички интерпретации дури и кај вообичаените теми на националниот идентитет.
За жал, 21-от век ќе ја усложни оваа слика. Во современиот град, јавната уметност има амбивалентна положба. Од една страна, таа може да создаде чувство на место, да активира запуштени простори, да зачува локални истории и да вклучи заедници кои често се невидливи. Од друга страна, јавната уметност често станува инструмент на урбан маркетинг, гентрификација и вредност поврзана со недвижностите. Со тоа, ќе се измени и дефиницијата или пак карактерот на уметноста која можеме да ја препознаеме како јавна.
Реномираниот лондонски музеј Тејт ја дефинира јавната уметност како уметност во јавната сфера, без разлика дали се наоѓа на јавен или приватен имот. Ова е особено важно затоа што современиот град сè повеќе се состои од хибридни простори, од трговски центри, културни квартови, полујавни плоштади и скверови, приватни паркови, па сè до инфраструктурни коридори, во кои се јавува уметноста во градот. Токму тука се јавува и проблемот на комерцијализацијата. Современата уметност во градот често е нарачана од градовите, културни институции, фондации, корпорации или туристички агенции. Затоа прашањето повеќе не е само „кој ја создал уметноста“, туку „кој има корист од неа“. Во Скопје, овие прашања ќе се отворат со контроверзниот проект за поставување на огромен број на уметнички дела во јавниот простор, кои, за жал, честопати со сомнителен уметнички квалитет и досег. Со тоа, истовремено беше банализирана уметноста во јавниот простор, но и пропуштена шансата за создавање на подобар јавен простор.
Најновиот пресврт ќе го донесат социјалните медиуми, кои радикално ќе го изменат начинот на кој градовите се гледаат, посетуваат и вреднуваат. Јавниот простор во градовите, како и уметноста во него, ќе станат сценографија за безбројните селфија кои ќе треба да ја посведочат „уникатноста“ на моментот и местото. За жал, со напливот на овие слики, наспроти очекувањата на нивните креатори, само ќе се банализираат и уметноста и просторите кои имаат задача пред сѐ да се „фотогенични“, без разлика на нивната уметничка или просторна вредност. Наместо уметноста да отвора прашања, таа често се сведува на визуелен ефект. Наместо градот да биде простор на конфликт, меморија, припадност и демократска дебата, тој се претвора во комерцијално добро.
Сепак, ова не значи дека уметноста во современиот град ја изгубила својата моќ. Напротив, нејзината улога е можеби поважна од кога било. Бертолд Брехт, германскиот театарски автор и поет, кој бил исклучително контроверзен во своето време, сметал дека уметноста мора да биде и забавна. Тој верувал дека публиката, во нашиот случај граѓаните на градот, може и мора да биде предизвикана, па дури и поканета да учествува, односно да стане дел од секое уметничко дело. Во просторите на градот, без разлика дали се тоа јавниот простор или во внатрешноста на јавните објекти, уметноста која е јавно изложена секако ја има оваа моќ, како да подучува, да го насочува нашиот светоглед, но уште повеќе и да провоцира, да го разбранува демократскиот дух на заедницата и да овозможи, токму низ уметничката интерпретација, да ги отвориме сите прашања, дилеми и предизвици со кои сме соочени. Нашиот национален и нашиот урбан идентитет продолжува да се создава и денес, низ креацијата на денешните градови и особено уметноста во нив. Да се надеваме дека сме дораснати на таа задача.
(Авторот е професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ, во Скопје)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


