Љупчо Папазов Фото: Фејсбук

Градоначалникот на Кочани поднесе неотповиклива оставка

Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, кој на позицијата дојде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ си поднесе неотповиклива оставка.

„Во овие најтешки мигови за нашата земја и за мене лично, сакам да соопштам дека поднесувам неотповиклива оставка од функцијата градоначалник на Кочани. Оваа загуба е огромна! Не постојат зборови што можат да ја опишат болката што ја чувствуваме сите. Тие деца беа наши деца. Ги познавав повеќето од нив, ги познавав и нивните семејства, а со дел од нив и семејни пријатели. Шокот и скршеноста што ги чувствувам ќе траат целиот мој живот. Оваа трагедија ги остави Кочани и Македонија во црнина, а празнината што остана е непреболна“, напиша Папазов на социјалните мрежи.

Бара од надлежните институции да ја испитаат одговорноста на сите инволвирани додавајќи дека целосно им стои на располагање на институциите.

„Непостапувањето е исто така одговорност. Мора да се истражат сите детали, да се најдат сите пропусти, а сите лица што придонеле кон оваа трагедија мора да одговараат. Јас се ставам целосно на располагање на институциите. Иако според закон немав директни надлежности во овој случај, подготвен сум да одговорам на сите прашања за се’, како и за моите лични постапки“, пишува Папазов.

Доколку постои било каков основ за одговорност кај мене, вели Папазов, го повикувам Обвинителството да го испита тоа и да постапи согласно законите.

„За мене, после оваа трагедија, ништо повеќе нема исто значење! Ова беа наши деца! Многумина, со право, забележаа зошто вчера не излегов во јавност цел ден. Но, тие што ме познаваат знаат колку сум скршен и како го доживувам ова што се случи. Тешко е, и тешко ќе го преживеам. Работев чесно и посветено целиот свој живот! Никогаш не сум ни помислил дека вака ќе заврши и мојот ангажман, но сега се повлекувам од оваа функција, молејќи го Бога за душите на нашите деца, за нивните семејства и за народот на Македонија!“, напиша Папазов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот