Град Скопје сѐ уште не ја доставил документацијата и одлуката за преземање на Универзална сала до Министерството за култура

Фото: Слободен печат

Кога ќе продолжи реконструкцијата на Универзална сала која е запрена повеќе од една година сѐ уште е неизвесно, иако Советот на Град Скопје донесе одлука за времено отстапување на овој култен објект во надлежност на Министерството за култура, кое ќе треба да ја доврши обновата на салата и одново да му ја врати на Градот.

Во Министерството веќе е формиран тим кој ќе се занимава со реконструкцијата, но до нив не е доставена документацијата, ниту одлуката за преземање од Град Скопје.
Дотогаш, според министерката Бисера Костадиновска Стојчевска реконструкцијата нема да продолжи.

-Ние веќе имаме тим од одделот за капитални инвестиции, имаме и надворешни соработници кои ќе го погледнат проектот и коишто ќе донесат одлука како понатаму ќе постапиме, односно ќе постапиме согласно динамиката што е утврена, но тоа не значи дека нема да ги спроведеме сите потребни постапки, како надзор. Во гаранцијата што ја понуди Владата за Скопје престолнина на културата во 2028 не се предвидени средства за реконструкција на Универзална сала, бидејќи тие средства веќе се наоѓаат на посебна наменска сметка на Град Скопје, кои ние, согласно документацијата ќе ги повлечемо повторно на посебна буџетска сметка на Министерство за култура затоа што тие од Владата беа доделени точно за таа намена – рече министерката за култура.

Владата за реконструкција на Универзална сала на наменска сметка на Градот обезбеди два милиони евра, но проценка е дека само ентериерот би чинел уште околу пет милиони евра. Тие пари исто така ќе треба да ги обезбеди државата.

Цели осум години Универзалната сала, еден од симболите на Скопје, е затворена за концерти, театарски претстави и други случувања од областа на културата, откако почнаа да паѓаат делови од таванот и се увиде дека ѝ е неопходна целосна реконструкција. Обновата започна на крајот од мандатот на градоначалникот Петре Шилегов, а запре кога раководството со градската администрација го презема Данела Арсовска, поради, како што рече градоначалничката, грешки во проектот, чија реализација не би гарантирала безбедност на салата во иднина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот