Гостиварската вода и натаму е загадена, ќе ѝ ставаат уште хлор
Водата од градскиот водовод во Гостивар сè уште не е исправна ниту за пиење ниту за користење како техничка, покажале тестирањата на експерти од скопски „Водовод“.
Препорачано
Денеска се чистела каптажата од каде што се обезбедува вода за општината и поставен е систем за дополнително хлорирање на водата, а за кој, уверуваат експертите, ќе биде во рамки на законски дозволениот максимум и нема негативно да влијае врз здравјето на луѓето.
„Шест од примероците којшто се земени низ локации во Гостивар се хемиски неисправни, имаат отстапување во однос на резидуалниот хлор, додека кај сите е забележано отстапување и во микробиолошката исправност. Тоа се должи на недоволниот процес на извршување на дезинфекција. Затоа, денеска е заменет типот на хлоринаторот кај каптажата, со што започнато е хлорирање со повисока доза на хлор, со концентрација која е малку повисока од вообичаената, но е секако безбедна. Ќе продолжиме континуирано да земаме примероци од истите локации, со цел да имаме увид какви ќе бидат резултатите. Процесот ќе трае додека не констатираме дека водата е добра за пиење. Кога водата ќе биде безбедна за пиење, ќе биде известен кризниот штаб. Кога примарната мрежа ќе биде исчистена, постепено и секундарната мрежа, кај главниот корисник ќе дојде до исправна вода“,
изјави Емилија Аневска од скопски „Водовод“.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој го предводи Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, кажа дека се вршат напори, гостиварци до крајот на неделава да добијат техничка вода, а до крајот на следната недела и вода за пиење.
„Ќе вршиме секојдневни мерења на хлорот кај крајните корисници преку мрежата и доколку биде утврден соодветен параметар како што се очекува, до крајот на оваа недела се надеваме дека би имале соодветна техничка вода која би можеле да ја користат граѓаните на Гостивар, а претпоставките се доколку сè биде во ред со соодветниот третман, да можеме до крајот на наредната недела да имаме вода за пиење. Тоа исклучиво ќе важи само доколку во континуитет имаме двапати резултати кои ќе исклучат какви било потенцијални штетни ефекти во рамки на испитувањата . Ќе се врши испирање на примарната мрежа во рамки на Општина Гостивар, сè со цел да можеме да дојдеме до посакуваните резултати, да дојдеме до сигурна техничка вода“,
кажа Тошковски.
Во меѓувреме, гостиварци добиваат флаширана и техничка вода во доволни количини, уверуваат надлежните. Вчера и денеска, во Гостивар е донесена донација 200 000 литри флаширана вода, а доставени се и над 100 тона техничка вода. Ангажирана се вкупно 13 цистерни за техничка вода и еден камион со резервоар за вода, со соодветен распоред низ градот.
„По потреба можеме да обезбедиме флаширана вода, онолку колку што е неопходна, за граѓаните на Гостивар да имаат доволно количина на вода за пиење, како и техничка вода“, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој е и раководител на Главниот штаб за управување со кризи.
Градоначалникот на Општина Гостивар, Ваљбон Лимани, вели дека според информациите што ги добивал од јавното претпријатие „Комуналец“, најмалку еднаш неделно се правеле тестирања во однос на квалитетот на водата. На новинарско прашање како 20 дена не забележале дека нешто се случува со водата, градоначалникот посочи дека резултатите на испитувањата што ги правел Центарот за јавно здравје покажувале дека водата била исправна.
„За сè друго јас не можам повеќе да кажам. Резултатите се тие што се“, рече Лимани.


