Гостите наполнија повеќе од 90 отсто од капацитетите во Охридскиот регион

epa01867322 A Macedonian police boat officer catch a line to tow the recovered sunken boat 'Ilinden,' in front of the southern Macedonian sity Ohrid on 19 September 2009, two weeks after the tragic boath accident in Ohrid Lake when 15 Bulgarian tourists lost their lives. EPA/GEORGI LICOVSKI

За годинава се очекува девизен прилив од 530 милиони долари. Престојот на странските туристи е сѐ подолг, а расте и нивната просечна потрошувачка во нашата земја

Туристичкиот сектор е вратен на нивото од 2019 година и постигнува уште подобри резултати. Тоа го покажуваат најновите податоци, за јуни и јули. Капацитетите во земјава, посебно во Охридскиот регион, се полни, престојот на странските туристи е сѐ подолг и нивната просечна потрошувачка изнесува 85-95 долари.

Девизниот прилив е значително зголемен и ако остане ваква состојбата, ќе ги постигнеме предвидените 530 милиони долари промет во 2023 година, рече директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски.

Тој напомена дека поради политичката состојба, годинава е намален бројот на бугарски туристи, кои во 2019-та биле меѓу „топ 5-те“, па ќе треба да се надоместат околу 75.000 до 100.000 ноќевања. Ваквиот „минус“ ќе се амортизира со зголемениот број туристи од Хрватска, Србија, Романија, Tурција и од Словенија. Најголем пазар засега е турскиот, истакна директорот, со зголемување на бројот на туристи за 66 отсто, а потоа е српскиот со раст од 30 проценти. Но, Северна Македонија како дестинација е атрактивна и за гостите од БиХ, Холандија, Обединетото Кралство и Полска, кои од мај и јуни веќе пристигнуваат со поголем број чартер летови.

– Првпат во првиот квартал на 2023 година туризмот во македонската економија влеал 93 милиони долари што е за 19 отсто повеќе од 2022 година или 41 процент повеќе од 2019 година. Тоа нѐ охрабрува да констатираме дека сме на вистински пат да ги зацртаме целите за 2023 година и продолжиме кон целта за 2025 година кога треба да ја надминеме најуспешната 1988 година во македонскиот туризам со над 3,7 милиони ноќевања – истакна Јаневски.

Позитивни резултати се забележани во Охридскиот и во Скопскиот регион, во првите пет месеци за 2023 година има раст на бројот на туристи и остварени ноќевања.

– Во овој момент капацитетите во Охридскиот регион се полни над 90 отсто, и во приватното сместување и во хотелските комплекси, а заокружени се и букирањата до средината на октомври – рече директорот.

Јаневски вели дека речиси нема намалување ниту на домашните туристи што е голем успех ако се земе предвид дека по ковид-пандемијата повеќето граѓани сакаа да излезат надвор од државата. Тој очекува падот на домашните туристи годинава да не биде поголем од 5 отсто.

Оваа година треба да покаже дека отворањето нови пазари, воспоставувањето нови чартери и редовни линии, реализацијата на првиот дел на медиумската кампања од страна на АППТ, веќе во првите пет месеци создадоа позитивна клима и раст на холандските, турските, романските, англиските, српските туристи надополнети со други секундарни пазари, од кои се очекува раст од 20 до 30 отсто, рече Јаневски.

Но, досега има намалување на бројот на албански и косовски туристи, кои патуваат на други дестинации. Сепак, враќање на резултатите од 2019 година за овие и за бугарските туристи се очекува во втората половина на 2023 година.
Јаневски напомена и дека еден од предизвиците со кои допрва ќе се соочи домашниот туризам, е кинескиот пазар, кој во 2024 година треба да достигне кулминација на Балканот преку т.н. регионални тури, за што земјава треба соодветно да се подготви.
Според последните истражувања, во домашната туристичка индустрија се вработени меѓу 30.000 и 33.000 лица во зависност од сезоналноста, што е околу 5 отсто од вкупниот број вработени во македонската економија.

Градоначалниците да ја покажат туристичката такса

Директорот Јаневски апелираше до градоначалниците, на крајот од годината да покажат колку туристичка такса е собрана во нивните општини, но и да обелоденат за што ќе биде потрошена. Тој појасни дека туристичката такса во земјава е 40 денари, од кои 80 отсто се влеваат во општините, за локален економски развој, а 20 отсто во државата.
– Ги повикувам и институциите, туристичките работници, туроператорите, како и градоначалниците, да го спроведуваат Законот за туристичка дејност. Ако во овој момент нема кревет повеќе во нашите туристички места, а статистички имаме минус во плаќањето туристичка такса, тогаш проблемот не е во никој друг, туку е во нас – вели Јаневски и уште еднаш укажа на потребата од поголем број туристички инспектори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот