„Гори“ и нашето здравје: Канцерогени и мутагени гасови се шират од запалените депонии, ама никој не ги мери, па не ни е страв!

Гаснење на депонијата Буково

Во Македонија не се мерат емисиите на диоксини, фурани, бензопирени и други опасни гасови кои цело лето се шират насекаде од запалените депонии во Скопје, Тетово, Гостивар, Кочани, Охрид, Струга, Делчево, Куманово итн, а кои се канцерогени, мутагени, невротоксични, репродуктивно токсични, го намалуваат имунитетот, го пореметуваат хормоналниот систем итн. Според експертите, мерењата на диоксини и фурани и други гасови е скапо, па останува енигма колкав беше уделот на овие токсични гасови деновиве во вкупното загадување во Полошката котлина, каде со денови гореа депониите во Чегране и Волковија, во Скопско, каде редовно горат помали и поголеми ѓубришта од Сарај до Шутка, во Охридско и Струшко, каде едвај ја изгаснаа депонијата Буково, која е класифицирана како опасна и одамна требаше да биде затворена. Не е познато колкава е концентрацијата ниту зиме, иако е познато дека овие гасови настануваат и со неправилно согорување на дрва и јаглен во домаќинствата, како и во индуструјата, при шумски пожари итн. Нивната концентрација во годишните извештаи на Министерството за животна средина се пресметува и се претпоставува, а мерењата се ретки, инцидентни.

Проф д-р Михаил Кочубовски, раководител на Секторот за здравстена екологија при Републичкиот институтот за јавно здравје вели дека горењето на комуналното ѓубре е здравствен ризик.

Тоа не се депонии, тоа се сметилишта, оти ние имаме само една санитарна депонија, а тоа е скопска „Дрисла“, која работи по стандарди. Останативе места каде се одлага комунален отпад се сметилишта, таму само се фрла без никаков третман. Палењата на таквите сметилишта се јавен здравствен ризик, затоа што таму освен големи количини органски отпад што се распаѓа има и неоргански отпад со најразличен состав, како пластика, гума, текстил и слично. При горењето се формираат најразлични хемиски супстанции што се ослободуваат во воздухот како гасови кои се дисперзираат во поблиската или подалечна околина. Тие соединенија, јаглеводороди кои содржат хлор, како диоксини, фурани и други имаат негативно влијание врз здравјето на луѓето. Како држава, за жал, не ги мериме, тие анализи се премногу скапи, но не ги мерат ниту многу други земји во светот. Секако, нема негативни ефекти од едно вдишување, но ако се случува често, ако изложеноста е долготрајна, ако концентрациите се високи, итн, тоа се фактори од кои зависи колку штетно ќе се одрази врз здравјето на популацијата. Секогаш ранливите групи се поизложени на ризик, како старите, хронично болните лица, бремените жени и децата до 5-годишна возраст, а кај децата особено е подложен респираторниот систем – вели Кочубовски за „Слободен печат“.

д-р Михаил Кочубовски

Од актуелните сметилишта, додава тој, некои се со контрола, некои се без, некои се оградени, други се оставени така.

– Различен е степенот на заштита и различен е степенот на нивното влијание врз околината, врз почвата, водата и воздухот. Сè додека постојат ќе загадуваат и затоа е потребно да се изградат регионалните депонии. Со нивното пуштање во употреба сите овие актуелни сметилишта треба да се затворат на безбеден начин и употребата на тој простор потоа строго да се контролира. Некои од нив може да се претворат во паркови и шеталишта – вели Кочубовски.

Минатата недела со денови Полог се задушуваше во силен чад со интензивна и непријатна миризба откако се запали депонијата во селото Волковија, а гореше и депонијата во Чегране, која според изјавите, цела година не се користи. Воздужот се загади, а Институтот за јавнмо здравје од Тетово ги повика граѓаните да влезат во домовите и да ги затворат прозорците!

– Имаме акутно влошување на хроничните состојби кај луѓето со ХОБС, со астма, со бронхитис, имаме непријатност кај сите и кај здравите луѓе, не можеме око да склопиме. Мора да превенираме ова повеќе да не ни се случува. И претходно гореше дивата депонија кај железничката станица Тетово, со исти проблем се соочувавме и сега е истата приказна. Најголема опасност имаме кога горат депониите, тогаш се ослободува диоксин и фуран, тоа се канцерогени материи од прв ред – предупреди тогаш д-р Ратко Давидовски од Тетово, специјалист по хигиена и здравствена екологија.

Од Министерството за животна средина апелираат граѓаните да се однесуваат одговорно и да внимаваат да не предизвикаат пожар.

Со оглед на екстремно високите температури и ниската влажност на воздухот кои креираат идеални предуслови за пожари, Министерството за животна средина и просторно планирање упатува апел до граѓаните одговорно да се однесуваат на отворено, со цел намалување на заканите од пожари што веќе беснеат во некои региони од државата. Исто така потребна е посебна претпазливост во однос на запалувањето и самозапалувањето на локалните диви депонии и сметлишта. Апелираме таквите појави веднаш да се пријават до локалните и државите инспекциски служби – велат од Министерството.

Оттаму додаваат дека интензивно работат на воспоставување на системот за регионално управување со отпад за сите плански региони во државата.

Најнапред е процесот на воспоставување на интегриран и самоодржлив регионален систем за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион кој опфаќа: изградба на Централна постројка за управување со отпад Постројка за селектирање, постројка МБТ, депонија, постројка за компостирање, зелена точка за Источен и Североисточен регион во Свети Николе; Изградба на шест локални капацитети за управување со отпад – претоварни станици, постројки за компостирање и зелени пунктови за Источен и Североисточен регион. За овие региони е завршена изработката и ревизијата на тендерската докумантација за градба и се очекува објава на тендерот, по што се планира склучување на договорот и почеток на активностите за градба во првата половина на 2024 година – велат од Министерството за „Слободен печат“.

Диоксините предизвикуваат рак

Во Годишните извештаи за квалитетот на животната средина се вели дека диоксините се фамилија на токсични хлорирани органски соединенија кои се биоакумулираат во луѓето и животните, поради нивната растворливост во масти.

Диоксините се формираат како резултат на согорувачки процеси како инценерација на комерцијален и комунален отпад и од согорување на различни горива како дрво, јаглен, или нафта како главен извор на диоксини. Можат да се формираат и при горење на отпад од домаќинствата или од шумски пожари. Во 2021 година вкупните емисии на диоксини и фурани изнесуваат 9,42 g I-TEQ. Диоксините се многу стабилни супстанци кои тешко се разградуваат и опстојуваат во животната средина и живите организми во кои се акумулираат. Во човекот имаат полуживот од 7 години. Нивната токсичност при изложенот на ниски дози е предмет на дикусија бидејќи таквиот тип на истражувања тешко се спроведуваат. Сепак, неколку  епидемиолошки студии окажале зголемен број на случаи на заболени од рак при изложеност на токсичниот диоксин 2,3,7,8, кој е класифициран како канцероген за луѓето“, се вели во Извештајот за 2022 година.

Бензопиренот е опасен за фетусите и малите деца

Полицикличните ароматични јаглеводороди (ПАХс) потекнуваат од непотполно согорување на материи кои содржат јаглерод како нафта, дрво, отпад или јаглен. Во 2021 година естимираните емисии на ПАХс изнесуваат 4,18 тони.

„Токсичноста на ПАХс зависи од структурата на соединенијата. ПАХ соединението бензо(а)пирен е познато по тоа што било прва откриена канцерогена хемикалија. Класифицирани се 7 ПАХс соединенија што се канцерогени за човекот. Освен канцерогени, имаат и мутагени и тератогени својства. Висока пренатална изложеност се асоцира со помал коефициент на интелегенција и астма кај децата. Студиите покажуваат дека изложеноста на ПАХс за време на бременоста резултира со негативни резултати како предвремено породување, ниска телесна тежина кај новороденчињата и срцеви малформации. Земените примероци на крв од папочната врвка на изложени бебиња покажуваат оштетување на ДНК. Студиите покажуваат пониско ниво на развој кај тригодишни деца, пониски резултати на тестови на интелегенција и зголемување на проблеми во однесувањето на возраст од шест и осум години. Исто така изложеноста кај децата резултира со високи нивоа на анксиозност или депресија“, се вели во Годишниот извештај на Министерството за живтна средина.

Целната вредност на ПАХс изнесува 1 нанограм на кубен метар воздух како годишна просечна вредност.

Лани не е вршен мониторинг на бензо(а)пирен.

Во 2015 и 2015 година е вршено мерење, при што е утврден шестмесечен просек од 8 нг/м3, а во зимские месеци вредноста на бензопирен изнесуваше дури 18 нг/м3.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот