ВИДЕО | Андоновиќ: Три земји официјално најавија признавање на палестинската држава, Израел ги обвини дека се марионети на Хамас

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

Владите на Ирска и Норвешка денес ќе ја соопштат својата одлука за признавање на палестинската држава.

Норвешка ќе ја признае палестинската држава, изјави денес премиерот Јонас Гар Сторе, пренесува Ројтерс, потврдувајќи ги претходните извештаи. Шпанија, исто така, се очекува да ги објави плановите за формално признавање на палестинската држава, и покрај предупредувањата од Израел дека признавањето „ќе го поттикне екстремизмот и нестабилноста“.

Даблин минатата недела сигнализираше дека „сигурно“ ќе признае палестинска држава пред крајот на мај.

Лидерите на Ирска и Норвешка, вклучително и нивните премиери Сајмон Харис и Јонас Гар Сторе, претпладнево треба да одржат прес-конференции во Ирска и Норвешка. Во оваа прилика Ирска и Норвешка мора да ја соопштат својата одлука за ова, објавија ирските медиуми RTE и „Irish Times“ и норвешките медиуми NRK и Aftenposten.

Во меѓувреме и шпанскиот премиер Педро Санчез најави дека денес ќе го објави датумот кога Мадрид ќе ја признае палестинската држава.

Пред неполн месец, Санчез објави заедничка изјава во Брисел со шефовите на владите на Ирска, Словенија и Малта, во која четирите земји изразија желба да признаат таква држава. Тој, исто така, ги посети Норвешка и Ирска во април и трите земји рекоа дека се подготвени да ја признаат палестинската држава „во тесна координација“, изјави норвешкиот премиер Сторе.

Израел експресно реагираше на оваа одлука на трите европски држави, нарекувајќи ги марионети на терористите од Хамас.

„Ризикувате да станете пиони во рацете на Иран и Хамас“, порача израелското Министерство за надворешни работи во видео-пораката до Даблин на социјалната мрежа Х за да предупреди на фактот дека „признавањето палестинска држава ризикува да ве трансформира во пион во рацете на Иран и палестинското исламистичко движење Хамас“.

Оваа мерка „само ќе го поттикне екстремизмот и нестабилноста“, порача израелската дипломатија.

За Израел, овие планови претставуваат „награда за тероризмот“ што би го направило решението со преговори за војната во Појасот Газа помалку веројатно.

Повеќето од 193 земји-членки на ОН – 142, според палестинските власти – досега признале палестинска држава.

Од друга страна, Израел вети дека ќе го уништи Хамас и започна голема офанзива против терористите засолнети во Појасот Газа како одмазда за нападот на 7 октомври, во кој загинаа повеќе од 1.170 луѓе, од кои повеќето цивили. Од 252 лица кои беа земени како заложници за време на нападот, 124 сè уште се држат во Газа, вклучувајќи 37 мртви, соопшти израелската војска.

На овие најави за признавање на палестинската држава му претходеше и вчерашната најава на меѓународниот кривичен суд кој побара апсење и испорака на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неколку од лидерите на Хамас, по обвинение за сторени воени злосторства против цивилите.

Иако повеќето држави го отфрлија ова барање на Меѓународниот кривичен суд, Норвешка стана прва земја која најави дека доколку Нетанјаху стапне на норвешка територија ќе биде уапсен и испорачан пред меѓународната правда.

Овие закани Израел и самиот Нетанјаху веќе ги нарекоа како холокауст против Евреите и државата Израел.

Како чин на протест Израел ги повлече своите амбасадори од Ирска и Норвешка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот