„ВРЕДИ“ сигурно во влада, за ЗНАМ не се знае

Средба ВМРО-ДПМНЕ со Колаиција Вреди Фото: МИА

Неофицијално, веќе е постигнат договор коалицијата „Вреди“ да ги добие министерствата за животна средина, за здравство и за економија, како и вицепремиерска позиција.

Преговорите за влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“ можно е да привршат утре, брифираат партиски извори. На денешната средба се очекуваше партиските тимови да ја допрецизираат поделбата на ресорите, по што ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ ќе го објават партнерството, начелата на владината коалиција, како и поделбата на владиниот колач.
Неофицијално, веќе е постигнат договор коалицијата „Вреди“ да ги добие министерствата за животна средина, за здравство и за економија, како и вицепремиерска позиција.

Вицепремиерот ќе биде и министер

Според информациите, вицепремиерот ќе биде и министер за животна средина. Преговарачките тимови останува да пресечат кому ќе припадне функцијата претседател на Собранието. Доколку спикерското место остане кај ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ ќе добие уште еден вицепремиер (можно е за евроинтеграции), односно во владата на идниот мандатар Христијан Мицкоски ќе влезе со три министерства и две вицепремиерски позиции.
Иако се шпекулираше дека вицепремиерската позиција за политички систем и односи меѓу заедниците ќе оди кај „Вреди“, според информациите, таа потпретседателска функција ќе оди кај некоја од помалите заедници што се коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ. Според најавите на Мицкоски за реорганизација на владата, Министерството за политички систем ќе се трансформира во Министерство за односи меѓу заедниците, што пак по автоматизам значи дека со тој ресор ќе раководи вицепремиер од помалите заедници. Ова, пак, од друга страна ќе значи дека првпат по Рамковниот договор, односно по 22 години, со тој ресор нема да раководи Албанец, зашто досега тој ресор беше „резервиран“ за кадри од партиите на Албанците.

Со ЗНАМ засега само телефонска комуникација

По договорот за влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ се очекува и прва средба помеѓу работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ на Максим Димитриевски. Досега меѓу двете страни имало само телефонска комуникација. Како што веќе објавивме, партиските тела на ЗНАМ ги овластило генералниот секретар и потпретседателите за преговори со партии. Дали ЗНАМ ќе биде дел од владата предводена од Мицкоски, ќе се знае откако партијата на Димитриевски ќе ја добие понудата.
На конечен договор за новата влада ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ се чека и исходот од прегласувањето на седум избирачки места во Петтата и во Шестата изборна единица каде што е можно да дојде до промена на освоените мандати. Во „шестката“ вчера се прегласуваше за едно избирачко место и постоеше можност „Вреди“ да добие пратеник повеќе на сметка на Европскиот фронт. Таму виси мандатот на Фатмире Исаки од ДПА.
Во „петката“, пак, каде што се прегласуваше на шест избирачки места, на мандат се надеваше ЛДП, но и ВМРО-ДПМНЕ. И во Петтата изборна единица губитник може да биде Европскиот фронт, односно неизвесно е дали Исмаил Јахоски од ДУИ ќе го задржи пратеничкиот мандат.
Европскиот фронт за прегласувањето ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ дека прават изборен инженеринг, а лидерот на ДУИ Али Ахмети обвини за договор од црвени подруми меѓу македонските партии, со цел ДУИ да не биде втора политичка сила во државата.
Мицкоски во интервју за албанската телевизија ОРА24 му порача на Ахмети да си го смени најблиското партиско опкружување.

– Мојата порака е дека не постојат подруми, сè е транспарентно, сè е јасно. Јас зборував уште многу одамна дека природната опција за ВМРО-ДПМНЕ е да коалицира со албанската опозиција во Македонија. Така беше и на локалните избори, тие водеа кампања против мене, ВМРО-ДПМНЕ и во Тетово и во Гостивар немаат градоначалници, загубија на овие парламентарни избори. Нема потреба да се верува во вакви заговори, не постојат, многу е јасна ситуацијата, многу е едноставна, треба да се помири со поразот, треба да замине во опозиција. Мој совет е да се ослободи од некои луѓе со кој тој е опкружен. Треба повеќе да се фокусира на реалните работи и потоа едно ново ДУИ со нови луѓе и освежена кадровска и програмска платформа, може да дојде да седнеме да разговараме, да видиме како ќе биде во иднина – вели Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот