Шпаркасе банка, како никогаш досега, „порасна“ минатата година

Санел Кутурица, Златица Цивкароски, Александар Џорџевиќ и Нина Неданоска ги презентираа резултатите на Шпаркасе

Банкарите од Шпаркасе не очекуваат годинава некои посебни промени на каматните стапки, независно од очекувањата дека Европската централна банка ќе ги намали основните камати

Откако Шпаркасе банка е во Македонија, минатата година покажа најдобри резултати, објави Управниот одбор на банката, кој одржа прес-конференција. Активата на банката достигна 1,5 милијарди евра, што е раст од 13 проценти во однос на 2022 година, со што таа има четврта позиција според пазарен удел. Банката ја заврши минатата година со 155.000 активни клиенти, што е раст од 30 проценти во однос на 2022 година. Вкупниот раст на кредитното портфолио е 11 проценти. Минатата година банката остварила нето-добивка од 25 милиони евра, што е 47 проценти повеќе отколку во 2022 година, но како што велат од Управниот одбор, добивката можела да биде и поголема, но тие не се тркаат за профит.

– Не сакаме да бидеме продавница, да дојдат клиентите и да земат кредит, туку да донесат паметна одлука. Ние сме поконзервативни во однос на кредитирањето како дел од австриска групација. Но, тоа е за доброто на клиентите. Не се тркаме за профит. Во банкарството има тренд да се купуваат хартии од вредност издадени од Народната банка и тие имаа многу високи камати. Но, ние сме главно кредитно ориентирани. Ние сакаме да даваме кредити, а без нив нема ни економски раст. Секако, купуваме и обврзници и ако е потребни – рече Санел Кустурица, претседател на Управниот одбор на Шпаркасе банка.

Нина Неданоска, заменик-претседател на УО, вели дека Шпаркасе е една од водечките корпоративни банки во Македонија.

– Банката ја потврди својата позиција на пазарот како пазарен лидер за корпоративни клиенти, остварувајќи пазарно учество во кредитирање правни лица од 17,3 проценти и пазарно учество од 17,1 проценти во делот на депозити за правни лица. Истовремено, важиме и за пазарен лидер во стимулирање зелена економија, поддржувајќи 54 проекти и инвестиции од 98 милиони евра и инвестиции во обновливи извори на енергија во вкупен износ од 92 милиони евра. Во сегментот население, пак, 2023 година ја завршивме со кредитното портфолио чие учество на пазарот изнесува 13,5 проценти – рече Неданоска,

Од неодамна член на УО е и Златица Цифкароски, која има дводецениско банкарско искуство. Таа кажа дека банкарскиот сектор покажа голема отпорност во овие кризни времиња.

– Тоа може да го видиме и преку контролираното ниво на прилив на нефункционални пласмани, кои ни создаваа немир во кризните периоди што ги поминавме. Ги имавме и инфлаторните притисоци и сметавме дека преку одредено покажување на каматните стапки ќе има некаков прилив на нефункционални кредити, но тоа не се случи и не се материјализираше тој кредитен ризик. Шпаркасе банка успешно го изменаџира и тој дел во минатиот период – рече Цифкароски.
Таа рече дека во фокус на Шпаркасе банка е и дигитализација и роботизација,за да се даде едно повисоко ниво на дигитални активности кон клиентите, без да се заборави на сите ризици што ги носи дигиталната ера.

Александар Џорџевиќ исто така е нов член на УО на банката. Тој рече дека „отворање сметка е прв чекор кон финансиското здравје“ и посочи дека банката вложува многу во финансиска едукација на младите.

На новинарско прашање за висината на каматите, банкарите од Шпаркасе не очекуваат некои посебни промени годинава. Тие се сложуваат дека очекувањата се оти Европската централна банка, која набргу ќе ја објави основната камата, ќе објави извесно намалување.

– Ќе видиме колкава ќе биде корекцијата на каматните стапки од страна на Европската централна банка. Мислам дека нема да биде значајна, но ќе има одредена корекција. Тоа по автоматизам има ефект врз постојните кредити што се отплаќаат, а кои се поврзани со еуриборот. Што се однесува до каматните стапки на новите кредити, зависи за колкава корекција ќе стане збор. Ако се работи за мала корекција, нема да има драматичен ефект за корисниците. И ако дојде до одредени корекции, тие нема да бидат до таа мера почувствувани од корисниците, односно нема да имаат толку позитивен ефект. За такво нешто, мислам дека ќе биде потребен подолг период. Во оваа година сигурно нема да се случи некоја драматична промена – рече Кустурица.

Неданоска, пак, потенцираше дека и досега каматите во Македонија не биле толку поврзани со европските.

– Ние даваме пониски камати, така една солидна компанија може да добие кредит со камата и под 4 проценти, па австриските колеги прашуваат како е тоа можно, кога кај нив таков кредит е со 7 проценти камата – рече Неданоска.

Шпаркасе банка е дел од групацијата Ерсте и Штаермаркише Шпаркасе со 17 милион клиенти и 3 милијарди евра профит.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот