Главчев: Се исплашив од СЈО, полицајци дома ми шетаа со шмајзери

Сопственикот на „НОЕЛ“ од Гевгелија, бизнисменот Томе Главчев уште во воведниот збор на денешното рочиште за судскиот процес „Рекет“ рече дека е скаран со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.

Одговарајќи на прашања на обвинителката Вилма Рускоска, Главчев рече дека неколку пати бил повикуван во СЈО во функција на сведок за случајот „Поштенска банка“.

– Тоа што го доживеав во СЈО беше изживување и ми предизвика големи трауми. На роденденот на мојот син, на 19 јуни 2018 година ми беше речено дека од сведок сум станал обвинет, па ми беше советувано да си обезбедам адвокат. Бев изненаден. Адвокатот ме советуваше да не давам изјава зашто се работи за суета и тенденција на обвинителката и рече да поднесеме тужба. Јас тоа го одбив зашто гледав каква моќ има СЈО во тоа време. Се исплашив кога дојдоа со наредба за личен претрес, а по дома ми се шетаа со шмајзери, рече низ солзи сведокот Главчев.

Главчев рече дека се рекламирал во 1ТВ.

– Стапив во контакт и со Бојан Јовановски и можам да кажам дека сѐ беше коректно додека не се случи обидот за мое приведување. Тогаш цената за рекламирање рипна на 100.000 евра. Јасно ми беше што се случува кога човек е во тесно – нагласи сведокот.

На прашање на Сашо Дуковски, адвокат на првообвинетиот Бојан Јовановски дали имал контакти со неговиот клиент Главчев рече:

– Боки е интересна фигурица. Многу се интересираше за нашата работа. За него имам направено неколку темни кошули кој тој лично ги опиша како да личат – истакна Главчев.

Судењето за „Рекет“ продолжува во петок за кога се планирани тројца сведоци да дадат свој исказ. Во случајот „рекет“ обвинети се Бојан Јовановски и Катица Јанева.

Јанева е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување, додека Јовановски е обвинет за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари и други приноси од казниво дело.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот