Гласаат затворениците, болните и немоќните, луѓето во старските домови…
Почнува гласањето за Локалните избори 2025. Денеска, на ден пред одредениот датум за изборите гласаат затворениците, луѓето во домашен притвор, болните и немоќните луѓе и 442-ца штитеници на старските домови.
Препорачано
Во казнено-поправните домови, според Избирачкиот список, треба да гласаат 2.162 затвореници, а најмногу во КПД Идризово 938, во затворот во Шуто Оризари 391, во штипскиот затвор 237, во прилепскиот 119… Во своите домови ќе гласаат и луѓето кои се пријавиле за гласање, а се во куќен притвор.
Членови на избирачките одбори денеска во нивните домови треба да посетат 8.851 болни и немоќни лица кои побарале и им било прифатено да гласаат. До ОИК пристигнале 9217 пријави за гласање на болни и немоќни лица, а прифатени беа само 8851.
Во земјава утре ќе се одржат осмите локални избори од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Ќе се гласа на 3474 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети или за вкупно 10 490 кандидати.
На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.
Најмногу кандидати за градоначалници има за Скопје – 16.
Право на глас на Локалните избори имаат 1.832.415 гласачи, од кои 1.717.803 во земјата додека останатите 112 илјади се запишани во посебниот Избирачки список со лица кои се иселени од државата. Гласање во дијаспората за локалните избори нема, но доколку лицата кои се на привремена работа или живеат во странство допатуваат во земјата, ќе можат да го остварат своето право на глас.
Изборната кампања за Локалните избори 2025 заврши синоќа на полноќ кога почна молкот пред гласањето в недела на 19 октомври.


