Ѓорѓиевски: Драстично намален долгот на претпријатијата, но Градот има над 98.000 должници на данок на имот
За средните училишта градоначалникот соопшти дека се предвидува изградба и обновување на спортски терени и игралишта со цел поттикнување на физичката активност кај младите, а за реконструкција на училишните објекти годинава се обезбедени 60 милиони денари.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција наменета за остварените успеси на Градот, започнатите инфраструктурни проекти, работата на претпријатијата, информираше дека Градот блокирал 17.694 сметки на физички и правни лица за неплатен данок на имот за 2021 година, кои заедно имаат вкупен износ од 1.3 милиони евра.
Препорачано
Илјадници граѓани не платиле данок на имот
За изминатите три години, пак, тој информираше дека на Градот му се должат вкупно 19.5 милиони евра, а бројот на должници изнесува повеќе од 98.000 физички и правни лица.
„Станува збор за 96.562 физички лица и 2.335 правни субјекти кои вкупно му должат на градот 19,5 милиони евра – средства кои се од клучно значење за инфраструктурата, јавните услуги и подобрувања на квалитетот на живот во Скопје. Ред мора да има, а секој денар наплатен во буџетот значи повеќе проекти и подобар град за сите“, рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски додаде дека ова е само почеток на финансиската консолидација и најави дека многу наскоро ќе се креира систем за репроценка на имот во Град Скопје, проект поддржан од УНДП.
Поради нередовната репроценка на имотите, Градот Скопје губи по 50 милиони евра годишно, вели градоначалникот, а со овој нов систем како што вели, тоа треба да биде исправено.
„Градот Скопје ќе си ги исполнува обврските, но и граѓаните треба да ги извршуваат своите, кон нас. Тоа значи да плаќаат данок. 30 милиони евра има неплатени даноци во Градот Скопје. Имаме близу два милиона наплата за 30 дена – рече Ѓорѓиевски во одговор на советничко прашање“.
Тој појасни дека данокот на имот се плаќа по пола на Градот и на општината, и повторно како и на вчерашната седница на Градот, потенцираше дека Скопје има најниски даноци во регионот.
Во однос на исплаќањата на даноците за имот од 2021 година, Ѓорѓиевски апелираше до сите должници во наредните 15 дена да ги подмират своите обврски за периодот од 2022 до 2025 година.

Ѓорѓиевски: Долгот и трошоците се намалуваат, плата има во сите претпријатија
За долговите на претпријатијата, тој истакна дека при преземањето на функцијата затекнал, како што вели, урнат систем, јавни претпријатија со блокирани сметки, вработени без плати, нефункционални институции и долгови од речиси 300 милиони евра, а на сметката на градот имало само осум милиони денари реално расположливи средства.
Тој нагласи дека за само два месеци драстично се намалени тековните обврски и долговите на јавните претпријатија, како и кредитите.
„Сериозно се намалуваат долговите – тековните обврски за над 4,6 милиони евра, кредитите за над 1,2 милиони евра, како и драстично долговите на јавните претпријатија: Водовод за 1,3 милијарди денари, ЈСП за 427 милиони, Комунална хигиена за над 130 милиони, Паркови и зеленило за над 80 милиони, Дрисла за 14,5 милиони и Градски паркинг за 41,6 милиони денари. Во само два месеци, намалени се повеќе од 40 милиони евра обврски на Градот и јавните претпријатија, нормализирана е исплатата на платите во Дрисла, Комунална хигиена, Паркови и зеленило, Лајка, Флораком и Луна, каде што претходно се доцнело по две плати, а се решавале обврски од околу 450 милиони денари“, изјави градоначалникот.
Најавени мегапаркови и сериозни инвестиции во образовнието
Во областа на животната средина, Ѓорѓиевски информираше дека градскиот Буџет за 2026 година предвидува средства за изградба на нови паркови, а како прв ваков проект е најавен мегапаркот „Христијан Тодоровски – Карпош“ во општина Бутел.
За средните училишта Ѓорѓиевски соопшти дека се предвидува изградба и обновување на спортски терени и игралишта со цел поттикнување на физичката активност кај младите, а за реконструкција на училишните објекти годинава се обезбедени 60 милиони денари.
Како што вели градоначалникот, овие средства ќе се наменат за прочистувачи на воздух во училниците, дигитализација на наставата, а дополнителни 86 милиони денари се предвидени за училишни униформи, лаптопи, летни кампови за младите од ранливи категории и други активности.
„Планот вклучува поставување прочистувачи за воздух во секоја училница, како и целосна дигитализација на наставата преку смарт-табли, панели и компјутери. Дополнителни 86 милиони денари се предвидени за мерки за енергетска ефикасност, како и за обезбедување лаптоп за секој првенец на генерација. Новина е и воведувањето униформи за учениците во прва година средно образование, организирање летни кампови за млади од ранливи категории, како и бесплатна психолошка поддршка достапна за сите ученици“, вели градоначалникот.


