Ѓорѓи Ерман – Украински новинар: Македонската донација на оружје е пријателски потег во ова сурово време за Украина

Ѓорѓи Ерман - Политички новинар во „Би-би-си“ сервисот на украински јазик, од националниот универзитет Тарас Шевченко во Киев

Во краток разговор за „Слободен печат“, украинскиот новинар Ѓорѓи Ерман, на прашања поврзани со македонската донација на оружје за украинската армија објаснува колку воената техника ќе има удел на боиштата.

Информацијта за македонската донација на оружје на Украина силно одекна во регионалните медиуми но и во светската јавност. Во краток разговор за „Слободен печат“, Ѓорѓи Ерман, новинар родум од Киев дел од редакцијата на „Би-би-си“од сервисот на украински јазик, говори за донацијата на македонските тенкови Т-72 и авионите „Су-25“ на украинската армија, реакциите на тамошната јавност за потегот на македонското Министерство за одбрана но и околу тоа колку оружјето може да им помогне на Украинците и да ги смени состојбите на боиштата со Русите.

 

СП: Како Украина гледа на воената помош од Македонија?

Ѓорѓи Ерман : Украинците беа навистина пресреќни да читаат и гледаат вести за донирани тенкови од Северна Македонија минатиот петок. Деновиве се појавија и информациите за очекувана испорака на 4 авиони од типот „Су-25“ од С.Македонија за Украина. Сè уште треба да ги потврдиме таквите информации, но тоа може да предизвика само позитивни чувства кај Украинците. Во денешно време, украинскиот народ ја цени секоја воена помош од која било земја во светот и таквите држави можат да очекуваат пријателски чувства од страната на Украинците. На социјалните мрежи имаше илјадници позитивни коментари и реакции за ваквата испорака на тенкови од Македонија. Украинците пишуваа за братство со Македонците и им се заблагодарија. Сите поголеми медиуми и ТВ канали спомнаа за ова, некои од нив дури информираа и за долгогодишна соработка и пријателство меѓу Македонија и Украина. Според мое мислење, генерациите што доаѓаат ќе ја паметат оваа помош. Украинците ја ценат секоја помош од балканските народи и по оваа војна верувам дека многу повеќе Украинци како туристи ќе ги посетат балканските земји кои ни излегоа во пресрет во ситуацијата, вклучувајќи ја и Македонија.

ФОТО : Македонски тенк T-72A-MBT – Игор Божиновски

СП: Дали верувате дека оваа мала количина на воена опрема во тенкови и авиони може да и помогне на украинската војска во војната со Русија?

Ѓорѓи Ерман: Сè уште не го знаеме точниот број на испорачани тенкови, но има проценки дека Северна Македонија конечно ќе и даде на Украина приближно 30 тенкови Т72А. Се разбира, 30 тенкови не можат да го одредат конечниот резултат од оваа војна, но тие се навистина корисни за украинската армија во толку сурово време како ова. Оваа година Украина може да се обиде да ги ослободи јужните градови (Херсон, Мелитопол, Бердјанск) од руските воени сили и таквото оружје ќе биде навистина корисно. Особено ако овие информации за испорака на авиони се потврдат како вистинити.

Фото – Македонска одбрана-форум: Македонски Су-25

Војната во Украина го празни советското оружје и од македонските армиски магацини

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот