Ѓоргиевска: За исполнување на родовата еднаквост, неопходни се еднакви плати и услови меѓу мажите и жените

Фото: Кабинет на претседателот

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на конференцијата „Родова еднаквост на работното место” организирана по повод Меѓународниот ден за еднакви плати.

Ѓорѓивска говореше за значајноста на зајакнувањето на економската сигурност на жените во Северна Македонија и истакна дека целта е да се адресираат причините за сè уште високата нееднаквост на работното место, јазот во платите меѓу жените и мажите и дискриминацијата што сè уште постои во некои работни средини.

„Но, да бидеме и малку позитивни, тука сме и да се охрабриме со успешните примери за родова рамнотежа при вработувањето. Меѓу нас се претставници на компании коишто ќе посведочат за позитивните ефекти и искуства од економското јакнење на жените, не само во традиционалните индустрии, туку и во новиот, дигитален сектор “, нагласи Ѓоргиевска.

„Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права.” Ова е првата реченица во првиот член на Универзалната декларација за човековите права, што беше усвоена пред 75 години. Во артикулирањето и аргументирањето на приоритетите и содржината на овој клучен документ за еманципацијата на човештвото, учествувале повеќе брилијантни, импресивни жени, од Елеонор Рузвелт во својство на претседавач со комитетот, преку делегатките кои се обединиле против стереотипите и се избориле за формулации што ќе ја одразуваат еднаквоста меѓу мажите и жените. Но, со цел императивот за „еднаквоста” да не остане само флоскуларен запис на хартија, туку да биде применлив во сите општествени и меѓучовечки односи, тие инсистирале на тоа дека од еднаквото човечко достоинство произлегува и еднаквото достоинство на човековата работа. А мерка за таа еднаквост во работата е платата. Токму затоа во член 23 од Универзалната декларација стои дека „секој, без каква било дискриминација, има право на еднаква плата за еднаква работа”. И гледаме дека сè уште не сме ја постигнале таа цел, сè уште треба да работиме. Отстапувањето од овој принцип води до прекршувањето на запишаното во целата Декларација. Имено, ако жените не добиваат еднаква плата за еднаква работа, тоа би значело дека тие немаат еднакво човечко достоинство како мажите, што е, всушност, негација и поништување на основниот постулат на човековите права. Оттука, прашањето за „еднаква плата за еднаква работа” нема само економска, туку и морална и етичка димензија, бидејќи задира длабоко во човековото достоинство и неотуѓивите човекови права“, порача Ѓоргиевска.

Конференцијата е организирана од страна на Алијансата за родова еднаквост на работното место – ГЕА, со поддршка на проектот „Активност за јакнење на деловниот екосистем”, финансиран од УСАИД, а спроведуван од Консалтинг за стратешки развој (КСР).

На конференцијата учествуваа говорници од домашни и меѓународни компании, развојни организации и институции кои дискутираа за новите трендови во женското претприемништво, програмите за економско јакнење на жените, како и промоција на можностите за вмрежување и размена на искуства и практики.

 

Економското зајакнување на жените е врвен приоритет на министерството, вели Тренчевска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот