Ѓаволот „ора и копа“ тендери од државата а МВР уште го бара
Фирмата „Тритерол петрол“ во сопственост на Љупчо Пецов Ѓаволот кого полицијата не може да го најде а за него има распишано потерница бидејќи е осомничен за злосторничко здружување и финансиски криминал, добива тендери од државата објави „Телма“.
Препорачано
Пецов Ѓаволот како што минатата недела објави „Слободен печат“ е забележан на камери како се движи по болници собирајќи медицинска документација со која подоцна неговиот адвокат барал притворот да му се замени со домашен притвор. Дека Пецов Ѓаволот бил присутен на медицинските прегледи утврдило ОЈО ГОКК и обезбедило снимка дека тој бил во Македонија. Цело време додека се движел низ Македонија, полицијата го барала со национална и меѓународна потерница, а до вчера МВР го немаше приведено.
Во меѓувреме, неговата фирма си добива милионски тендери од државните институции. Податоците на Електронскиот систем за јавни набавки покажуваат дека за неполни две години, од 3 ноември 2023 година, кога полицијата распиша меѓународна потерница по него, неговата фирма добила 136 тендери во вкупна вредност од над 300 милиони денари, односно 5 милиони евра. Јавни претпријатија, училишта, градинки, општини се меѓу неговите клиенти, извести „Телма“.
Пецов е осомничен дека е еден од организаторите на злосторничкото здружение за даночно затајување во случајот „Синџир“. Беа обвинети 22 сопственици и директори на фирми затоа што со лажни фактури го оштетиле буџетот за 8 милиони евра. Против Пецов немаше обвинение зашто е недостапен. Десетина обвинети минатата година признаа вина и добија затворски или условни казни.
Како што објави „Телма“, на почетокот на годинава, Финансиската полиција поднесе кривична пријава против директорот на Тритерол петрол Зоранчо Ангелов и двајца вработени во Бирото за метрологија, за фалсификување документи дека поседуваат резервоари за гориво за да може да ја продолжат лиценцата.
Регулаторната комисија за енергетика во април годинава ѝ ја одзеде лиценцата за трговија со нафтени деривати на големо, токму поради непоседување на резервоари. Минатиот месец Регулаторната ѝ издаде нова, но сега само за трговија со екстра лесно масло за горење. Сепак, последниот тендер со Пошта е склучен во јуни, два месеци по укинување на едната и еден месец пред добивање на втората лиценца.
Пецов и неговите татко и мајка во 2013 година беа осудени во аферата „Керозин“, бидејќи преку нивната фирма „Алма комерц“ точеле помалку нафта од договореното во тендерите и со тоа го оштетиле Буџетот за речиси три милиони евра. Пецов беше осуден на девет години затвор, а потоа казната му беше намалена на седум години.


