Германската амбасадорка Холштајн за СП: За Германија е незамисливо за Албанија да каже да, а С. Македонија да ја остави

За Германија е незамисливо само за Албанија да даде зелено светло за преговори со ЕУ, а за Северна Македонија не, вели германската амбасадорка Анке Холштајн за „Слободен печат“.

За решавачки насоки во процесот на проширување на ЕУ потребна е согласност од сите земји-членки. Исто како што преговарачката рамка може да биде само едногласно прифатена, датум за првата меѓувладина конференција ќе има само кога сите земји-членки ќе дадат согласност. За Германија не е замисливо само за Албанија да даде зелено светло, а Северна Македонија да ја остави. Северна Македонија веќе одамна ги исполни сите услови за започнување на пристапните преговори, нејзниот почеток е заслужен и одамна задоцнет. Ова е исто така во интерес на веродостојноста на процесот на проширување и на веродостојноста на ЕУ во регионот – вели германската амбасадорка Холштајн за „Слободен печат“.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи неколку пати деновиве го изнесе ставот дека за Брисел е прифатливо Албанија и Македонија да бидат раздвоени на патот кон ЕУ, но неговиот став веднаш беше демантиран од функционери од Германија, но и од Словачка.

Германскиот министер за Европа Михаел Рот објави дека неговата земја се залагаат Македонија и Албанија во јуни заедно да ги почнат преговорите.

Германија ја поддржува целта на португалското претседателство со ЕУ да се одржи првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија во јуни. Двете земји ги испорачаа бараните реформи, сега мора и ЕУ да испорача. Понатамошното одложување ги поткопува кредибилитетот на ЕУ и стабилноста на регионот напиша Рот на Твитер.
Словачкиот министер за надворешни работи Иван Корчок напиша дека Советот на ЕУ треба да го тргне ветото што Бугарија го стави за Македонија.

– Кредибилна политика за проширување на ЕУ сега значи отфрлање на ветото во Советот, кој треба да го признае напредокот на С. Македонија и Албанија. Одржувањето на меѓувладините конференции со двете земји веќе многу доцни – напиша Корчок.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот