Гаф на кандидатот за канцелар на Германија: Лашет си го покажа гласачкото ливче, ќе му биде ли важечко?

Армин Лашет со сопругата Сузане гласаше во Ахен/26 септември 2021/ EPA-EFE/FRIEDEMANN VOGEL / POOL

На денешните парламентарни избори во Германија додека се очекува изборот на идниот канцелар, бурна дискусија во јавноста предизвика гласачкото ливче кое го уфрли еден од кандидатите Армин Лашет од владејачката ЦДУ/ЦСУ.

Имено, Лашет намерно или несвесно обратно го свитка своето гласачко ливче и така го уфрли во гласачката кутија на избирачкото место во Ахен при што јасно беше видлив неговиот глас.

Чинот беше забележан и од страна на бројните фоторепортери и сниматели.

Многумина, ова го протолкуваа како кршење на избирачкото право, а некои дури и побараа да се поништи неговиот глас.

Во членот 56 од изборниот закон јасно е наведено дека од гласачкото место мора да се врати лицето кое гласачкото ливче го свиткало на начин што јасно се гледа за кого го дало гласот.

Тоа би значело дека изборната комисија, кога ќе ја увиди оваа „грешка“ на Лашет да му даде ново гласачко ливче и да го поништи претходно свитканото ливче.

Бидејќи тоа не е направено, правните експерти истакнуваат дека не е можно да се поништи неговото ливче, бидејќи веќе е во кутијата.

Исто така и неговата сопруга Сузане Лашет, како и сопругот, погрешно го свиткала ливчето и кај неа беше јасно видливо дека го дала својот глас за ЦДУ.

Инаку, по гласањето Лашет порача дека “на овие избори важен е секој глас“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот