Фуштиќ прво негираше дека има починато бебе на Детска клиника, потоа потврди дека починало од енцефалитис

Фото: МИА

По објавата на „Слободен печат“ дека има четиримесечно бебе, кое се лекувало од варичела, починало во понеделникот на скопската Клиника за детски болести, директорката Стојка- Нацева Фуштиќ негираше дека има починато бебе од варичела на нивната клиника. Но, потоа се премисли и за нашиот медиум потврди дека сепак пред два дена им починало дете на Клиниката.

Според информациите, кои за нашиот медиум ги потврдија лекари од клиниката, бебето од Гевгелија било примено во многу тешка состојба на крајот на минатиот месец, а по неколку дена било префрлено на интензивна нега. За ова бебе по социјалните мрежи неколку дена се бараа ампули „ацикловир“ кои родителите и роднините требало да ги најдат за негово лекување.

Директорката Нацева Фуштиќ на нашето прашање дали имаат починато дете од варичела прво ни рече дека на нивната клиника нема бебе што починало од сипаници. После неколку часа добивме нов одговор во кој стоеше дека сепак четиримесечното бебе починало.

– Детето почина од менингоенцефалит и мозочно крварење. Од ликворот е изолиран Стрептокок. Претходната варичела од која беше инфицирано детето е причина за анергија (пад на имунитетот). Така на овој терен се развива тешка бактериска инфекција- реше Фуштиќ.

Според информациите од лекарите на Детската клиника бебето било од Гевгелија на возраст од четири месеци. Бебето било примено во многу тешка состојба на крајот на минатиот месец, а по неколку дена било префрлено на интензивна нега.

За ова бебе по социјалните мрежи неколку дена се бараа ампули „ацикловир“ кои родителите и роднините требало да ги најдат за негово лекување. Според пишувањата, ампулите ги немало на клиниката на која се лекувало заразеното дете. Наши извори на клиниката велат дека состојбата на доенчето се влошила неколку дена откако било хоспитализирано. Развило развило воспаление на мозокот (енцефалит), било пунктирано, што потврди и директорката, по што и покрај напорите на лекарите, тие не успеале да го спасат.

Педијатрите од клиниката велат дека не паметат ваков случај, во кој варичела предизвикала толку сериозна и опасна компликација кај мало дете, која завршила со смрт.

Според педијатрите кои ги контактиравме, родителите треба да бидат многу внимателни при секое заболување, посебно кога станува збор за сипаници.

Варичелата или овчи сипаници е заболување предизвикано од вирусот херпес зостер, кое најчесто се јавува кај децата на возраст од 2 до 8 години. Таа е многу лесно пренослива, но обично не предизвикува сериозни компликации, особено кај децата. Кај нас вакцината против варичела не е вклучена во календарот за редовна имунизација, па огромен број од децата се заразуваат и ја прележуваат болеста уште во предадолесцентскиот период.Кај децата овчите сипаници најчесто започнуваат со покачена температура, лесна главоболка, односно со симптоми слични на грип кои траат три до четири дена.

После тоа следува специфичен осип во облик на точки проследени со чешање, а точките, односно пликовите се наполннети со бистра течност. Осипот по правило прво се јавува по главата (и по скалпот), потоа по телото и на крај на екстремитетите. Кожата во пределот на осипот многу чеша.

Овчите сипаници кај инаку здравите деца вообичаено е лесно заболување, а потежок тек на болеста може да се очекува само кај новороденчиња, возрасни и постари особи.

Лекувањето е симптоматско, што значи дека јадежот може да се ублажи, со што се спречува чешањето, можните понатамошни компликации и трајни лузни.

Лекарот може да му препише на детето лекови кои го ублажуваат чешањето (антихистаминици), лекови за намалување на температурата (антипиретици), а ако детето има болки и лекови за ублажување на болките (аналгетици).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот