Француски амбасадор: Оценката на Палмер за Северна Македонија за „историска грешка на ЕУ” е погрешна

Францускиот амбасадор во Белград, Жан Луј Фалкони, во интервјуто на ТВ Н1, говорејќи за процесот на проширувањето во ЕУ на Западен Балкан и одлуката од пред 15 дена за неотварањето на пристапните преговори со Македонија, изјави дека Франција „нема резерви” кога станува збор за влез на земјите од Западен Балкан во ЕУ, потенцирајќи дека тоа е процес кој подразбира одредени услови кои мораат да бидат исполнети.

– Она што се случи, прашањето дали ќе ги отвориме преговорите со Северна Македонија и Албанија, морам да кажам дека тие земји исклучително се трудеа, особено со потпишувањето на Преспанскиот договор. Но, прашањето за проширување, е конкретна определба за реформи, особено тоа беше барање за Северна Македонија, реформата на СЈО, реформата на правосудството во Албанија. Беа поставени одредени услови и тие услови не беа исполнети. Но, можеби некои наши партнери во ЕУ сметаа дека и покрај се, требаше да се отворат преговорите, а претседтелот на Франција (Емануел Макрон) сакаше да задржи една кохерентна позиција, што значи дека постојат услови за влез во ЕУ, кои важат и за Србија (и останатите) и тие услови мораат да бидат исполнети. Тука нема остапки, бидејќи остапките имаат врска со моделот за придружба. Потребно е земјите да ги спроведат потребните реформи. Етапите мораат да бидат испочитувани. Ако од самиот почеток тргнеме да „мрдаме” околу условите, ќе имаме лизгав процес…. – порача Фалкони.

На прашањето на Н1 за оценката на Метју Палмер, дека Франција направила „историска грешка”, Фалкони оцени дека историјата треба да се гледа на подолг рок, особно што Франција има долга историја.

– Мислам дека тој збор „историска грешка е погрешна”. Тоа не одговара на ситуацијата. Тоа е една епизода во преговорите на проширувањето, кои треба да доведат до влез во ЕУ. Палмер е извонреден експерт за Балканот, но очигледно дека не е експерт за ЕУ или за начинот на кој таа функцинира, изјави францускиот амбасадор во Белград.

Фалкони објаснувајќи го начинот на функционирањето на ЕУ, кажа дека „прво постојат барања за исполнувања на услови.”

– Второ, Макрон кажа дека додека тие земји спроведуваат реформи, ние мораме да спроведеме реформи во ЕУ и тоа мора да оди истовремено и тоа е поврзано. Макрон од изборите е посветен на реформите на ЕУ кои траат, изјави Фалкони, објаснувајќи повеќе примери за реформи во ЕУ, додавајќи дека ако нема реформи земјите ќе влезат во „празна ЕУ”.

Зборувајќи за решение за косовскиот проблем, Фалкони рече дека европската перспектива за Србија и Косово бара нормализирање на односите.

– Ние (Франција) сме подготвени овој дијалог да го следиме и поддржуваме со Германија – рече Фалкони.

Амбасадорот посочи дека секое решение усвоено од Белград и Приштина ќе биде прифатливо и за Франција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот